ALLWEB – Конференција за ера во која не се може без дигитални комуникации
Приказната на AllWeb, единствената конференција посветена на дигитален маркетинг во Македонија, продолжува четврта година по ред. Повеќе од петнаесет говорници на 13 ноември ќе застанат на сцена да ги пренесат своите искуства и совети за тоа како комуникацијата на интернет да ја претворите во поддршка на бизнисот.
„Сакаме на нашите компании, организации и претприемачи да им го доближиме начинот на кој глобалните и регионалните компании ги интегрираат дигиталните комуникации во сопствените бизнис стратегии. Од година во година се обидуваме да опфатиме повеќе теми од различни аспекти, па затоа и самата програмата е динамична, со голем број различни луѓе на сцената“, вели Дарко Булдиоски, од NewMediaMK, организатори на конференцијата.
Оваа година на AllWeb ќе се зборува малку повеќе за веб аналитика и повраток на инвестиции, огласување на социјални медиуми и маркетинг преку содржина. Дел од говорниците веќе се најавени, на сцена ќе се појават Пол Пападимитриу основачот и домаќин на The Digital Loop и ко-домаќин на најважната европка конференција за технологија LeWeb, Павел Коленда од IAB Полска, а на барање на публиката повторно доаѓа и Владимир Вулиќ од digitalizuj.me.
Информациите и контактите кои можат да се стекнат на вакви настани се непроценливи, додава Булдиоски. Влезниците веќе се пуштени во претпродажба на официјалната веб страница. Првите триесетмина ќе имаат можност да купат влезница по исклучително намалена цена.
Повеќе информации за говорниците, програмата и за самата конференција можат да се најдат на www.allweb.mk.