Виктор Апостоловски за љубовта и музиката: Уметноста е насекаде околу нас, само треба некој да ја забележи

Виктор Апостоловски за љубовта и музиката: Уметноста е насекаде околу нас, само треба некој да ја забележи

Македонскиот Идол беше неговата отскочна штица, но оттогаш помина многу време и битолскиот фраер што го споредуваа со Џастин Тимберлејк сега има изградено свој стил, свој начин на работа и своја музика во која не дозволува никој да му се меша. Виктор Апостоловски самостојно работи на разни проекти за други луѓе, додека истовремено се обидува да изнајде време за да го доврши својот втор албум, од кој веќе ги имаме слушнато песните „Во срцето“, „Ни јас ни ти“ и „Прости ми“. Промоцијата најверојатно ќе се случи кон крајот на мај и почетокот на јуни.

Виктор Апостоловски за љубовта и музиката: Уметноста е насекаде околу нас, само треба некој да ја забележи

Моментално, Виктор се занимава со нешто сосема поинакво, но исто толку креативно и интересно. Тој ја подготвува музиката за претставата „Тоби“ која ќе се игра во Театарот за деца и младинци. Ова не е неговиот прв ваков проект, бидејќи досега ја има направено музиката и за детските претстави „Гига мега бајка“ и „Мачорот во чизми“. Освен тоа, на 20 април ќе биде одржана промоцијата на друг негов готов албум на кој има работено веќе 3-4 години во соработка со музичари од Америка. Несомнено е дека станува збор за амбициозен млад човек. Па, како успева да го постигне сето ова? Од каде добива помош? Од никаде. Виктор е еден од ретките млади музичари зад кои не стои ниту една македонска продукција, а сепак снимаат видеоспотови и издаваат албуми. Токму затоа и успева да го реализира сето она што ќе го замисли.

„Не зависам од ни една продукција и можам да правам што сакам. Кога излегов од Идол имав прекрасни понуди од разни продукции. Сите ми викаа дека не сум нормален, ама мене не ми е до парите. Поентата ми беше да завршам факултет, да научам продукција, да научам како сам да си ги правам делата и тие да излегуваат од мене, а не од некое трето лице. Кога видоа како функционирам сам, сфатија дека сум го остварил сонот. Намерно не потпишав ништо, бидејќи чувствував дека продукциите функционираат според робовладетелски принципи. Продукцијата треба да го сака најдоброто за тебе, но во Македонија работите се поинакви. Не сакав да бидам ничиј роб“, открива Виктор.

Стравот од ограничувањата и забраните е она што го натерало Виктор да работи сам, без ничија поддршка и заштита. Но, и стравот дека ќе го изгуби својот музички идентитет и дека ќе му биде наметнато нешто што не му се допаѓа исто така придонел за тоа да ја донесе оваа одлука и да ги одбие сите примамливи понуди.

„Не можам да дозволам луѓе кои немаат м од музика или б од бизнис да ми го водат животот. На крајот од денот, многу е важно каква музика правиш, сите дела те отсликуваат тебе. Не можам да сфатам пејачи кои никогаш не посакале да напишат нешто свое и да изразат свое чувство. Никогаш не сум се гледал само како изведувач. Песната што ќе ја снимиш те отсликува тебе како личност. Не сакам луѓето да ме гледаат како нешто што некој друг го напишал“, признава Виктор.

Виктор е еден од оние луѓе кои се „без влакна на јазикот“, но не може да му се замери за тоа, бидејќи е секогаш искрен и полн со позитивна енергија. Во текот на нашиот разговор, опфативме многу теми за кои младиот пејач понуди навистина интересни и искрени одговори, како да зборува со другарка, а не со човек кого штотуку го запознал. Прочитајте што има да каже Виктор за неговиот следен албум, за уметноста, за македонската естрада, за социјалните мрежи и секако – за љубовта…

За новиот албум: Сите песни се лични!

Виктор ни откри дека тој има 3 начина на пишување музика:

1. Пишува за некое негово чувство

2. Пишува за чувства што ги почувствувал кај некој друг или се инспирира од туѓа приказна

3. Предвидување, односно пишува песна и случката отпосле се случува.

Виктор за себе вели дека „storyteller“ односно раскажувач. Тој обожава да раскажува, а така ги гледа и песните: Како раскажување приказни. Во новиот албум, приказните што ќе бидат раскажани немаат среќен крај. Главните чувства што ќе преовладуваат во секоја песна се разочараност, повреденост, болка. Кога би требало да го опише целиот албум со еден збор, Виктор го одбира зборот „чувства“.

„Албумот ќе биде крвав, ама мислам дека ќе погодам многу луѓе. Секако дека има надеж, но во албумов нема да влезе надежта, ќе ја оставам за наредниот“, раскажува Виктор.

Не е случајно тоа што најголемите музички хитови опишуваат негативни чувства. Честопати се вели дека уметникот треба да страда за да создаде ремек-дело. Но, Виктор има малку поинакво мислење. Според него, најважна е емпатијата, а не страдањето.

„Не мора да ја доживуваш болката, но треба да сочувствуваш. Емпатијата е моментот. Не мора да поминуваш низ тежок период. Може да си најсреќен на светот, но ако пробаш да се ставиш во нечии чевли, чувствата сами излегуваат на виделина. Не мора да си патетичен или повреден за да направиш ремек-дело, барем не во моментот.“

За уметноста: Уметноста е насекаде околу нас, само треба некој да ја забележи

Виктор признава дека уметничката вредност можеби не е толку видлива во неговите досегашни песни, меѓутоа тоа ќе се смени наскоро. Веројатно ќе се изненадите, но Виктор ни откри дека тој планира нешто покласично во иднина, во стилот на групата Ил Диво, само што чека да созрее за да може да се впушти во таков потфат. Со оглед на тоа што тој е оперски пејач по струка, оваа негова идеја и не е толку невозможна. Сепак, неговата дефиниција за уметноста е многу широка и не ги опфаќа само дејностите, како што се музиката, сликањето, театарот или филмот.

„Сите сме уметници. Сите ние имаме нешто во нас што може да се претвори во уметност, ама ретко кој го сфаќа тоа. Ме нервираат тие што се нарекуваат уметници затоа што имаат многу големо его и мислат дека се над другите. Не ги сметам нив за уметници. Факт е дека постигнале успех поради талентот, но тоа не значи дека само тие можат да бидат уметници. Уметноста постои буквално насекаде околу нас и е присутна во најситните детали, само треба некој да ја забележи.“

Виктор Апостоловски за љубовта и музиката: Уметноста е насекаде околу нас, само треба некој да ја забележи

Не постои сомнеж дека убавината се крие во ситниците, а токму тоа се обидува да го покаже и Виктор преку неговите дела.

„Сакам најмалите задоволства да ги претставам како уметност. Многу луѓе ме прашуваат како сум толку позитивен, како можам да не се замарам со ништо… Просто е, дишеш длабоко и ја наоѓаш среќата во најситните нешта. Не морам да одам на Хаваи на одмор за да бидам среќен. Во државава владее стереотип дека мора да возиш BMW за да бидеш среќен. Таквите луѓе се многу тажни во принцип. Мене ме прави среќен чоколадно бананче од 5 денари.“

Сега знаете! Ако сакате да го израдувате Виктор, нема да погрешите со чоколадно бананче и бонбонче. Најважно е да биде подарено од срце.

За љубовта: Тоа нешто што го чувствуваат сите, а не можат да го објаснат, е тоа е љубов!

„Кога човек ќе се заљуби, човек е заљубен“, вели Виктор. Тој кога е вистински вљубен, не чувствува потреба за друга личност. Признава дека се нашол во искушение да изневери, во најбурниот период од животот кога бил во врска 4 и пол години, но никогаш не згрешил на таков начин, ниту му паднало тоа на памет.

„Пред таа врска сум си играл играчки, бев дете и се глупирав. Подоцна сфатив дека ако некој те сака, што сака нека се случи на светов. Фрли го меѓу најубавите луѓе и пак нема да направи ништо, затоа што не ги гледа тој начин. А доколку некој сака да те изневери, ако сакаш стави му златни катанци, пак ќе најде начин да го направи тоа. Кога се работи за вистинска љубов, неверството не само што не е опција туку и воопшто не постои како поим“, искрено објаснува Виктор.

Луѓето честопати изневеруваат со изговор дека не можат да добијат сѐ од еден човек, дека ги понел моментот и дека неверството не им значело ништо. Виктор ни го откри неговото мислење во врска со сите овие изговори оправдувања…

„Луѓето не знаат дека добиваат сѐ од еден човек додека не го изгубат тоа. Има такви што знаат да ценат, но од мое искуство, луѓето најмногу се плашат од вистинското нешто. Луѓето намерно ’зезнуваат’ работа кога ќе почнат да се вљубуваат од страв да не бидат повредени. Луѓето се плашат кога им е најубаво, се плашат дека пак ќе бидат повредени. Тоа е причината што ги тера да прават глупости за кои на крајот жалат. Можеш да добиеш од една личност сѐ што ти треба, само треба да знаеш што сакаш и што бараш. Неверството не го оправдувам никогаш, затоа што сметам дека е избор кој го правиме свесно, без разлика на момент, пијанства и такви работи.“

Виктор Апостоловски за љубовта и музиката: Уметноста е насекаде околу нас, само треба некој да ја забележи

Виктор има и многу интересен одговор на прашањето „Што е тоа љубов?“

„Љубовта е нешто апстрактно. Она што луѓето го сфаќаат како Бог, јас го сфаќам како љубов. Не можеш да го видиш Бог, не можеш да го покажеш, го нема во ниту една форма, ама чувствуваш дека постои. Дури и атеистите чувствуваат дека има нешто повеќе од нив. Тоа нешто што го чувствуваат сите, а не можат да го објаснат, е тоа е љубов. Љубовта се случува внатре во нас. Јас секогаш ќе бидам заљубен во животот, дури и да нема посебна личност во него.“

Продолжува на следната страница


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар