Новогодишна музичка плејлиста: Што слушаат македонските музичари за време на празниците?
Новогодишните честички се чувствуваат во воздухот. За неколку дена со нетрпение ќе чекаме стрелките на часовникот да отчукаат 00.00. Некои возбудено се подготвуваат за дочекот на Новата година, некои сѐ уште не ни знаат каде и со кого ќе прославуваат. За други, пак, новогодишната прослава е иста како и сите останати денови и излегувања со друштвото, па не ѝ придаваат големо значење.
Без разлика каков е вашиот став во врска со оваа вечер, сигурни сме дека наредниве денови ќе ви бидат исполнети со многу музика. Наместо да ги слушате едните исти песни одново и одново, ние ве советуваме да си ги проширите хоризонтите, а во тоа ќе ви помогнат дел од најпознатите македонски музичари. Слушнете ја новогодишната музичка плејлиста што тие ја составија за вас и уживајте во новогодишната атмосфера…
1. Александар Ристовски – Принц
Авангардниот Принц секогаш ќе остане запаметен по познатите „Сања Лазања“ и „Фројд е жив“, но и по неговиот необичен стил што отсекогаш ја „убивал“ монотонијата на македонската музичка сцена. Од 2013 година тој е активен како дел од урбаниот бенд „Барбарела“ и неуморно продолжува да работи во своето студио на нови, интересни проекти. Неговиот музички предлог е „World In My Eyes“ од Depeche Mode.
„На дочекот кај еден другар во 1991 година, доминираа Depeche Mode на забавата. Оваа песна беше и остана мојата омилена од нив. Има нешто мистично и секси во грувот, играш додека не се онесвестиш.“
2. Сара Мејс
Сребрената космонаутка беше многу активна периодов. Таа направи дури 2 приземјувања од вселената и го издаде својот прв албум „Floating Through Space with Sarah Mace“. Сара ги поминува празниците слушајќи класични новогодишни песни како оние на Мајкл Бубле, Френк Синатра и Нет Кинг Кол. А зошто? Причината е многу едноставна!
„Секогаш китам елка слушајќи ги нивните албуми!“
3. Гаро Тавитјан
Гаро Тавитјан е еден од нашите докажани џез музичари на светско ниво. Тој неодамна ја објави прекрасната песна „Ocean Dream“ во соработка со Американката Паула Си, по чие слушање дефинитивно ќе се почувствувате како да сте побегнале на некој изолиран остров со извонредни убавини. Иако оваа летна песна е соодветна за секој временски период, Гаро има поинаков предлог за вас. Според него, музиката може да биде прекрасен додаток на божиќната атмосфера, а со оглед на тоа што Гаро е од школата на постарите музички дела, тој се одлучи за компилација од Дин Мартин и Френк Синатра.
„Мојот престој во Њујорк ми ги отвори сетилата и затоа препорачувам да се ужива во добра музика која е резултат на многу љубов, добар вкус, дисциплина и посветеност. Сите овие критериуми се и оние кои стојат зад христијанските вредности, а доказ за тоа е и самата терминологија. Зборот ’Christmas’ потекнува од името ’Christ’, што значи дека сме Христови следбеници. Сѐ што е направено со љубов е убаво, а оваа музика ќе може убаво да ве згрее.“
4. Јана Бурческа
Нашата евровизиска претставничка оваа година ќе ги прославува празниците во придружба на нов член во семејството, нејзината ќеркичка Дона. Иако сега е мајка, Јана јасно се сеќава на своето детство и празниците секогаш ѝ ги враќаат спомените од периодот кога била маѓепсана од светот што го создаде Џ. К. Роулинг преку авантурите на Хари Потер. Малата Јана секогаш знаела што сака од Дедо Мраз: Секоја година најновото продолжение од книгата. Па така, не е ни чудо што нејзиниот музички предлог е токму „Hedwig’s Theme“.
„Сликовитоста со која авторот ги опишува новогодишните празници во Хогвортс и Хогсмид, прекриени со снежна покривка и опоени во мирис на крем-пиво и сок од тиква до ден денес ме наежува, а често знам и да избегам од секојдневието токму низ тие страници. Оваа мелодија е совршена за приказната. Секој инструмент или група инструменти толку прецизно ги претставува ликовите и сцените од приказната што можете да ги разберете само со ушите и затворени очи. Најволшебно е да ја слушате додека паѓа снег затоа што тогаш дури и снегулките танцуваат во ритамот на мелодијата.“
5. Пеперминт
Слободно можеме да кажеме дека Пеперминт е најоткачениот македонски бенд кој не престанува да нѐ изненадува со уникатните, забавни песни. Членовите од бендот имаат малку поинакво сфаќање за овој период и не му придаваат толкаво значење на новогодишниот дочек. Можеби нема да се согласите дека нивниот музички предлог е во „духот на празниците“, но ние тврдиме дека вреди да го чуете.
„Времето е ирелевантно, измислена категорија. Сите се подготвуваат за Нова година како да ќе нема утре. Подобро е секој ден да уживаме и празнуваме отколку тоа да го потрошиме за еден измислен ден како што е Нова година!“
Продолжете на следната страница за да ги чуете останатите песни од новогодишната музичка плејлиста…