Музички радар: 9 рекорди кои беа поставени на овогодишните MTV Video Music Awards
Овогодишната церемонија за доделување на музичките видео награди на MTV, која се одржа во Пруденталниот центар во Њу Џерси, на спектакуларен начин ја отвори поп ѕвездата Тејлор Свифт со изведба на нејзините два неодамна објавени синглови „You Need to Calm Down“ и „Lover“. Меѓу останатите изведувачи беа и Лил Нас Х, Мајли Сајрус, Лизо како и заљубениот пар Камила Кабејо и Шон Мендес кои ја изведоа нивната најнова песна „Señorita“.
Како и секоја година, така и оваа имаше бројни изненадувања, а беа поставени и нови рекорди кои идните номинирани артисти ќе треба допрва да ги достигнат.
1. Тејлор Свифт ја освои наградата за најдобро видео на годината за песната „You Need To Calm Down“, четири години откако ја доби истата награда за песната „Bad Blood“. Со ова, Свифт е четвртиот артист во историјата на MTV VMAs кој победува во оваа категорија двапати како водечки артист. Останатите артисти се Еминем, Ријана и Бијонсе.
2. Аријана Гранде ја освои наградата за уметник на годината. Ова е втора година по ред женски артист да ја добие оваа награда – Камила Кабејо ја освои минатата година. Оваа награда беше прв пат доделена во 2017 година и му припадна на Ед Шеран. Гранде исто така победи во категоријата за најдобра летна песна со „Boyfriend“, но за жал не можеше да присуствува на церемонијата поради концерт во Европа како дел од нејзината турнеја.
3. 17-годишната Били Ајлиш ја освои наградата за најдобар нов артист. Таа е најмладиот победник во оваа категорија на MTV VMAs, откако Џастин Бибер победи во 2010 на само 16 години. Четири други соло артисти ја имаат освоено оваа награда кога сè уште биле во своите тинејџерски години – Аврил Лавињ (победник на 17 години во 2002 година), Калид (победник на 19 години во 2017 година) и Фиона Епл (победник на 19 години во 1997 година). Ајлиш исто така победи и во категоријата за најдобра монтажа за песната „Bad Guy“.
4. Една година откако победи во категоријата за најдобар нов артист, Карди Би ја освои наградата за најдобра хип-хоп песна со „Money“. Карди Би е само третата раперка во историјата на MTV VMAs што победува во оваа категорија, веднаш по Миси Елиот и Ники Минаж (трикратен шампион во категоријата).
5. Песната „Señorita“ на Шон Мендес и Камила Кабејо ја освои наградата за најдобра соработка. Исто така, сензуалниот дует скокнува на број 1 позицијата на Billboard Hot 100 листата оваа недела. Ова е втора победа на Кабејо во оваа категорија – како член на групата Fifth Harmony, таа ја доби наградата пред четири години со „Work From Home“.
6. Браќата Џонас ја добија наградата за најдобра поп песна со „Sucker“. Тие се третата машка група која ја освојува оваа награда, веднаш по ‘N Sync (победници со песната „Bye Bye Bye“ во 2000 година и „Pop“ во 2001 година) и групата One Direction (победници со песната „What Makes You Beautiful“ во 2012 година )
7. „Old Town Road“ на Лил Нас Х и Били Реј Сајрус ја освои наградата за најдобра песна на годината. Интересно е тоа што и минатогодишната победничка песна во оваа категорија беше исто така хип-хоп соработка – „Rockstar“ на Пост Малон и раперот 21 Savage.
8. Џеј Балвин веќе втора година по ред победува во категоријата за најдобра латино песна. Оваа година тој го постигна тоа со „Con Altura“ – неговата соработка со Росалија. Колумбиската регетон ѕвезда ја освои оваа награда и минатата година со песната „Mi Gente“.
9. И последно, но не и најмалку важно, една од најпрестижните награди наречена Video Vanguard, оваа година ѝ беше доделена на Миси Елиот. Со ова достигнување, таа станува единствената раперка што ја добива оваа награда. Во чест на тоа, Миси Елиот се врати на сцената на MTV VMAs да ги изведе нејзините хитови кои звучеа како да не остареле ни малку. Песните како „Get Ur Freak On“, „Work It“ и „Lose Control“ се стари повеќе од една деценија, но тоа не ја спречи Миси да рекреира дел од нејзините иконски видео записи.
Автор: Христијан Киров