Музичката кариера на глумците од „Gossip Girl“
Тејлор Момсен (Џени Хамфри), Ед Вествик (Чак Бес) и Лејтон Мистер (Блер Волдорф), не само што се прославија со своите улоги во мега-популарната ТВ серија „Gossip Girl“ (Озборувачка), туку тие градат и свои музички кариери. Заедничко за тројцата пејачи е тоа што музиката за нив претставува излез од реалноста и ослободување на душата. Повеќе или помалку успешни, тие се на почетоците од својата музичка кариера, а сега засега „дивата“ Тејлор Момсен изгледа најнадежна.
.
Тејлор Момсен
17-годишната Тејлор Момсен, не само што се прослави со својата улога на Џени Хамфри, туку таа е и модел, текстописец и неверојатен музичар. Нејзините вокални способности се фантастични и таа веќе гради успешна музичка кариера со својот алтернативен рок бенд The Pretty Reckless. Таа е водечкиот вокал во бендот и ритам гитаристка, а останатите членови се Бен Филипс на гитара, Марк Дејмон на бас и Џејми Перкинс на тапани. Тејлор е текстописец на сите песни од нивниот демо албум „Light me up“, кој излезе на 30-ти август 2010-та.Помалата сестричка на Ден Хамфри која сите ја знаме, е вушност многу дива и контраверзна на своите настапи со бендот, нашминкана секогаш со црна сенка за очи и црн креон, облечена во екстра кратки фустанчиња (или маички), при што ѝ се ѕирка сексапилниот долен веш. Таа уште на 5-годишна возраст била заљубена во The Beatles. „Бев опседната со нив“ – вели таа. „Ги сакав и Led Zeppelin, The Who, Pink Floyd, Audioslave, Soundgarden, Oasis и Nirvana. Тоа е сè што слушав. Сите мои рок идоли се мажи“.
Во врска со своите 3 занимања таа вели: „Не ја одбрав глумата или манекенството. Се уфрлив во тие области. Ми се допаднаа, па не ми претставува никаков проблем да се занимавам и со тоа. Но, музиката и пишувањето песни, се нешто кое отсекогаш сум сакала да го правам. Имам одено во музички студиjа и работено со музички продуценти уште од 5-годишна возраст. Не можев да снимам албум на 8 години, но сега можам“ – објаснува таа низ смеа.
„Албумот е за животот“ – вели таа. „Тој во себе содржи сè: љубов, смрт и музиката сама по себе. Тој е симбол на рок енд рол. Секс. Дрога. Религија. Политика. Секоја песна раскажува приказна за тешкотиите, страдањата и војувањето со емоциите кои јас сум ги искусила или сум ги набљудувала. Ова не е весел поп албум, но не е ниту симбол на ѓаволот. Идејата на текстовите не е тие да бидат сфатени буквално, туку се отворени за интерпретација.“
.
Ед Вествик
23 годишниот актер Ед Вествик, кој ја глуми улогата на неодоливиот Чак Бес, беше фронтмен на британскиот петочлен бенд „The Filthy Youth“. Тој бил оформен во 2006-та година, а има елементи на инди, панк рок и алтернативна музика. Ед бил вокалот во бендот, а знае малку да свири и на гитара.„The Filthy Youth“ има сè што се очекува од еден рок енд рол бенд: фризурите, искулираното однесување на сцената, сексапилен водечки вокал и „валкани“ рефрени проследени со гитара. Влијание врз нивната музика имале: The Clash, Xtc, Weller, The Rakes, The Libertines, The Hives, The Rolling Stones и The Doors. За жал Ед не можел да продолжи паралелно да работи на својата музичка кариера и на ТВ серијата “Gossip Girl”, откако таа станала мега-популарна.
Тој во врска со музиката вели: „Отсекогаш сум бил поврзан со музиката. Животот не е она што го гледаш, туку она што ти се случува во главата. Музиката е нешто кое произлегува од твојата потсвест. Музиката за мене претставува ослободување.“Негова инспирација е филозофијата на Џим Морисон. „Не се само песните кои The Doors ги направија тоа што беа, туку и нивното шоу на сцената. Додека сум на сцената, јас сум шоумен. Не би рекол дека сум рок ѕвезда… Ок, во мојот свет на соништата сум.“ Тој планира и во иднина да се занимава со музика и вели дека работи на таен музички проект. Во меѓувреме ни останува да ја слушнеме музиката на The Filthy Youth, а во продолжение следуваат две песни кои се дел од саундтракот на Gossip Girl.
.
.
Лејтон Мистер
24-годишната Лејтон Мистер, која е најпопуларна со својата улога на сексапилната заводничка Блер Волдорф, се занимава и со музика од април, 2009-та година, кога потпиша договор со Universal Republic продукција. Таа е поп пејачка, текстописец и модел, а нејзиниот деби албум насловен „Your Love’s a Drug“ зачинет со софистицирани, електро, денс елементи, ќе излезе наскоро.Лејтон го цени модерниот звук, а инспирација црпи од Gwen Stefani, Black Eyed Peas, M.I.A и други. Таа, во врска со нејзините две професионални преокупации, музиката и глумата вели: „За да бидеш во филм, треба да успееш да ја доловиш визијата на сценаристот и режисерот и да правиш сè што тие сакаат. Треба да се вложиш себеси во улогата и токму тоа е убавината во глумата – да дадеш дел од себе. Но, мојата музика се подобри како резултат на мојата глума, на тој начин, што кога пеам правам перформанс“.
Чија музика вам најмногу ви се допаѓа ?