Моќта на музиката

Моќта на музиката

Дури и лошата музика може позитивно да ни влијае, покажуваат некои истражувања. Музиката може да нè релаксира после напорниот работен ден, но и да нè извади од најдлабоките емотивни кризи и да ни помогне да ги надминеме сериозните здравствени проблеми… Еве некои од нејзините позитивни ефекти:

1. Го репарира оштетениот мозок

Музиката има моќ да помогне во справувањето со последиците од мозочен удар. Таа може делумно да ги подобри и другите повреди и оштетувања на мозокот, кои доведуваат до намалување на видот или на говорот. Во некои случаи музиката може дури и да ги врати овие изгубени сетила кај пациентите. Лицата со оштетувања на левата мозочна хемисфера, кои тешко говорат, зборовите можат да ги изустат пеејќи ги и тоа без потешкотии и без претходно вежбање. После тоа, повторно со моќта на музиката и со малку повеќе напор, прашање е на време, кога овие пациенти ќе почнат да изговараат едноставни, но цели реченици. Ова некои го коментираат како шлаканица за неврологијата.

Моќта на музиката

Објаснување: Терапијата со музика, односно феноменот пеење, кај пациентите кои не можат или едвај зборуваат, се должи на тоа што функциите за говорот се лоцирани во левата страна од мозокот, а музиката ја чувствуваме, примаме и обработуваме преку десната. Во случај, мозочен удар да ни го оштети или одземе говорот, музиката го тренира десниот дел од мозокот да ја преземе оваа функција. Во кратки црти, таа го масира мозокот и го активира лачењето на допаминот, кој едноставно ја подобрува неговата работа. Музиката го зголемува и хормонот на среќата, серотонинот.

2. Се справува со зависностите

Музиката е пожелна во фазата на детоксикација на организмот, кој се одвикнува од болестите на зависност. Свирењето на некој музички инструмент и слушањето музика, на пациентите можат да им помогнат полесно да им се спротивстават на негативните импулси и емоции и да ја зголемат нивната самоконтрола. На зависниците од дрога им овозможува да се справат со апстиненцијата, а редовното слушање на нивните омилени песни може да им ја намали телесната болка. Кај љубителите на музиката се намалуваат срцевите отчукувања, крвниот притисок, тензијата во мускулите… Пожелно е да се слуша по 12 минути на почетокот на денот и пред спиење.

Моќта на музиката

Објаснување: Музиката директно влијае на невротрансмитерите, задолжени за пренос на информациите во нашата глава. Така делуваат и лековите, но за разлика од музиката, тие го прават нашиот мозок мрзлив, му наредуваат да престане да ги произведува неопходните супстанци и ја преземаат таа улога. Ова ја нарушува функцијата на мозокот, кој по престанокот на земањето лекови, тешко се осамостојува.

3. Го зголемува имунитетот

Изненадување за грипосаните читатели. Добро е да знаете дека дејството на супите и чајчињата може да се зголеми со слушање музика. Таа го зајакнува нашиот имунолошки систем. Им ја подобрува состојбата и на хронично болните лица, а одлична е дури и за обична настинка. Кревкиот организам, нападнат од вируси и бактерии, подобро ќе се бори со нив, ако слушате музика. Се препорачува џез, софт-рок или блуграс.

Моќта на музиката

Објаснување: За почеток, музиката го намалува стресот, преку редуцирање на нивото на кортизол во мозокот. Тоа е супстанца која предизвикува чувство на стрес, кој пак го напаѓа имунитетот. Правците како џез, софт-рок и блуграс, се особено ефикасни во намалување на оваа непријатна појава. Тие имаат слични музички квалитети и затоа идентично делуваат на здравјето. Создаваат повеќе антитела, кои се борат со болеста.

4. Спречува напади

Музиката на Моцарт ги редуцира нападите. Резултатите се видливи по 5 минути изложеност на композициите на овој гениј, отсвирени на пијано, а во некои случаи дури и за покусо време. Моцарт позитивно влијае и кај пациентите во кома. Експериментирањето со други форми на музика, покажало минимални резултати.

Моќта на музиката

Објаснување: На науката сè уште не ù е познато зошто на нашиот мозок највеќе му одговараат звуците на пијаното. Јасно е дека ја стимулираат кората на големиот мозок, но зошто баш Моцарт, нема објаснување.

5. Ја враќа загубената меморија

Ако го заборавивте првиот бакнеж, пуштете ја вашата омилена музика, опуштете се и спомените ќе надојдат. Се надеваме само дека нема да ги активираат вашите лоши сеќавања. Музиката поволно влијае и врз  пациентите со Алцхајмерова болест, им помага да се сетат на делови од минатото.

Моќта на музиката

Објаснување: Слушањето музика ангажира многу области во мозокот, особено во десната хемисфера. Она што го може музиката, не го може ниту најдлабокиот разговор со психијатрите. Со нашите омилени звуци, се активира и областа во мозокот наречена хипокампус. Тој е задолжен за долготрајната меморија.

6. Ја зголемува моќта за просторно расудување

И тука Моцарт се покажал како најуспешен. Неговите композиции отсвирени на пијано, може да ја подигнат моќта на расудување во просек за 9 IQ поени. Што значи дека кај некои луѓе звуците на пијаното можат да го зголемат нивото на интелегенција и многу повеќе.

Моќта на музиката

Објаснување: Постојат многу теории за ова. Некои од нив, тврдат дека музиката на Моцарт се фокусира повеќе на слушателот. Други пак, се базираат на тврдењето дека композициите отсвирени на пијано, ја зголемуваат активноста во критичните региони во мозокот.

7. Лечи Паркинсонова болест?

Тука најверојатно веднаш се прашувате дали позитивното влијание на музиката врз мозокот може да ги подобри и телесните функции? Истражувањата велат дека може. Ако имате Паркинсонова болест, ритамот на  музиката може да ви помогне и физички да закрепнете. Експертите, како пример ја земаат Rande Gedaliah, на која во 2003 година ѝ била дијагностицирана Паркинсонова болест. Симптомите карактеристични за заболувањето, проблемите со рамнотежата и мускулните грчеви нагло ѝ се влошувале. Но, еден ден додека слушала музика, таа забележала дека со леснотија ги движи екстремитетите, односно дека ритамот на музиката го диктира нивното темпо. Со ова заболување веќе подолго време се справува и познатиот актер, Мајкл Џ. Фокс.

Моќта на музиката

Објаснување: Дали сте забележале дека кога сте затворени во соба и слушате музика, стапалото ви игра самото од себе? Тоа е така, затоа што делови од мозокот, кои се справуваат со ритамот и движењето, се до толку автоматизирани, што не е потребно свесно да ги контролираме потезите. Со музиката, и пациентите со брадикинезија (забавено движење) полесно функционираат. Кога нивниот мозок ги прима звуците, веднаш испраќа лажни сигнали до нозете и ги поттикнува да се движат. Позитивно влијание врз болните има и свирењето на некој инструмент.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Минималист ;)

Поврзани содржини

Остави коментар