Интервју со „Steel Temple“

Интервју со „Steel Temple“

Интервју со „Steel Temple“Бенд: „Steel Temple“

Основан: 1999 година

Музика: хеви метал со прогресив елементи

Издадени албуми: „Барајќи го спасот“, вториот е во подготовка

Состав: Филип Филиповски – вокал, Урош Вељковиќ – тапани, Дениз Адил – гитара, Маријан Петровски – бас и на клавијатури Дарко Поповски – Блуз


По неколкугодишна пауза, мaкедонскиот хеви метал состав  „Steel Temple“ повторно се врати на сцената. Зад себе има 13 години музицирање, свирки во речиси секој град во Македонија, второ место на реномираниот „Rock fest“, настап како предгрупа на легендарните „Whitesnake“…

Како резултат на повторното соединување, најавуваат нов спот, а на 2-ри јуни и голем самостоен концерт, со поддршка на неколку македонски бендови.



Интервју со „Steel Temple“ Како дојдовте до идеја да го формирате бендот и кој е неговиот кум?

Бендот е првично формиран на почеток на 1999 година, под името „Made in Macedonia“. Главната ориентација во тоа време беа „cover“ настапите или сега популарно наречени „тезги“. Но, не се пронајдовме во тоа, иако имавме бројни, успешни свирки со по 400-500 продадени карти на вечер, па почнавме да правиме авторска музика и се пријавивме на „Рок Фест“, како веќе етаблирана манифестација, за да докажеме што знаеме. Тогаш настапивме во истиот состав во кој свириме и денес, освен вокалот (во тој период беше Влатко Илиевски). Освоивме 2-ро место од публиката, што за таа конкуренција, во тоа време, беше многу голем успех.

На наша среќа, се разидoвме со Влатко и почнaвме да правиме вистинска (авторска) музика. На негово место, некаде 2001 година, дојде Филип. Во ваков состав, бендот почна доста активно да твори, по што го променивме името во „Steel Temple“, или во превод „Храм на металот“.

Како ја класифицирате вашата музика и од каде црпите инспирација? Од македонската или од странската метал-сцена? За што пеете?

Нашата музика, ако веќе треба да се категоризира, тогаш се испреплетуваат повеќе правци. Секој член на бендот слуша различна музика и доаѓа до еден интересен спој на хеви метал со прогресив елементи, зачинето со симфо рок-метал делници. Инспирацијата се црпи од самите нас, спојот на пет различни енергии доминира инспиративно.

Некако немаме многу инфлуенци од која било сцена, затоа што се создаде стил што лесно се распознава. Ретко кој рекол дека нашата музика го потсетила на нешто, а текстовите во песните се од различен карактер. Пееме за живот, смрт, фантазии, сон, социјални неправди, љубов и сл.

Долго сте присутни на македонската метал-сцена. Може ли да направите споредба како таа изгледаше на вашите почетоци, а каква е денеска? Имам впечаток дека одамна не сме виделе нов состав, зад кој се кренало прашина…

Па,  ќе делуваме смешно ако кажеме пред 13 години… Сепак, првата проба е далеку од денес. Имаме сменето дваесетина објекти за вежбање, од гаражи до подруми. Во моментот можеме да си дозволиме квалитетно студио за изразување на нашата музичка креативност.

Сега условите за креирање музика се полесни, новите генерации имаат полесен пристап кон квалитетна опрема. Но, сепак, во последно време, тие сè поретко се охрабруваат да издадат носач на звук, најмногу поради финансиската ситуација во која се наоѓаме.

Сте имале голем број свирки, а меѓу другото бевте и предгрупа на „Вајт Снејк“. Дали е тоа можеби вашиот омилен настап?

Идејата да настапиме како предгрупа на „Whitesnake“ дојде многу порано од нивното гостување кај нас. Авалон нè поканија да бидеме гости на нивниот концерт во Софија во 2004 година, меѓутоа поради некои револти на тогаш поетаблирани бендови, не го искористивме правото на настап, а воедно ниту еден македонски бенд што беше тогаш во план. Тотален нон сенс беше да се бунат зошто толку млад бенд се праќа на таков настан.

Сепак, 2006 година, бевме повторно поканети од организаторот и успеавме да настапиме, што би рекле рамо до рамо, со еден од  најголемите хеви метал состави. По настапот пред петилјадната публика на лизгалиште, гитаристот на „Белата змија“ дојде позади бина, ни честиташе и го пофали неговиот колега со зборовите: „Браво, одамна немам чуено квалитетен гитарист како тебе.“

Но, на наша несреќа, некако тој публицитет и таа медиумска експонираност тогаш не ја искористивме. Почнавме студиски да работиме на нашиот втор албум и наместо да продолжиме со успешни настапи, презафатеноста на сите членови резултираше со тригодишна пауза од јавни настапи. А, кога ќе нè прашаат дали тој настап ни е најголем успех што сме го оствариле како бенд, секогаш одговараме: „Kога Whitesnake ќе ни биде предгрупа на нас, тогаш ќе биде големиот успех.“ Се разбира, се шегуваме. 🙂

Можете ли да издвоите некоја интересна случка поврзана со вашите почетоци, со првите проби во гаражите или настапите пред вашата публика?

Секоја свирка па, и секоја проба, е исполнета со некоја интересна случка, но ќе одвоиме една. Настапивме пред преполн амфитеатар во Велес, и нормално, со омилениот наш превоз, железничкиот, на враќање, нашиот тапанар Урош под дејство на нашата омилена течност за развеселување, алкохолот, отиде кај машиновозачот за да му побара да сврти едно кругче со возот, поради тоа што дедо му бил од истата професија.

Многу нормално тоа не се случи, но го снема извесно време и по потрага низ целиот воз видовме дека една од вратите беше отворена и сите мислевме дека се фрлил од возот. Почнавме да креваме паника, да викаме и да го бараме надвор, иако возот веќе помина некој километар повеќе. Во целата паника и четири наведнати  глави низ вратата, Урош се појави позади нас и љубопитно нè праша што правиме…

Како комуницирате со вашите фанови? Ги користите ли социјалните мрежи?

Па, експанзијата на „мајспејсот“ ни донесе доста добра шанса да се промовираме на интернет мрежата, но згасна и тоа пред некое време, па другиве профили многу ретко ги користиме. Сепак, ја користиме секоја можна прилика да закачиме по некоја нова работа на јутјуб.

А, главната комуникација со фановите е низ град. Имаме среќа да живееме во мало место каде што сакал-нејќел, сите те знаат.

Кој фестивал ви е предизвик? Колку би ви значело ако ваш спот се емитува на Ем-Ти-Ви Адрија?

Некоја поголема желба за настап на некој фестивал немаме, иако не би било лошо да се настапи да кажеме со едни „Camelot“, „Dream theater“ или „Queensryche“.

Имаме направено три спота што реално е многу малку, меѓутоа не верувамe дека би се вклопиле во целата концепција на Ем-Ти-Ви. Сепак, во денешно време за разлика од порано повеќе се ориентирани кон комерцијална музика.

Дали ви значат парите и славата?

Реално гледано, од нашава музика не можат да се направат пари. Од договорите, нашиот концерт што ќе го одржиме во брзо време да биде во „Младинскиот културниот центар“, испадна дека за да настапиш авторски и самостојно, ќе имаш повеќе трошоци отколку заработувачка. Такви ни се условите. А, и во какво време живееме, не можеш да ставиш голема цена на карта, затоа што никој нема да ти дојде.

Славата не е битна сама по себе. Битно е пораката до нашите фанови да биде адекватно сфатена и почитувана. Денес е тешко да инспирираш поголема народна маса. Нивната поддршка, секако е наша инспирација за наредното творење и создавање нова музика.

Каде се гледате после 20 години?

Искрено, живи и здрави на истите места, со истото пиво и желба за гласно изразување на нашите чувства преку музика.

Колку често правите кафе паузи и кој од вас е најголем кафеџија?

Нашиот гитарист е антички Македонец со турско потекло. Па, тука лежи одговорот. 🙂

После проба, често знаеме да одиме на кафе поради фактот што само тогаш се гледаме, затоа што секој е зафатен со својата работа. Неделата ни е задолжителен термин за музицирање и е сериозно сфатена, па затоа делуваме како тој ден да одиме на работа.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Минималист ;)

Поврзани содржини

  1. filip Reply

    Jas sum najgolem kafedjija bre!!!!

Остави коментар