Интервју со бендот „Омниа“

Интервју со бендот „Омниа“

Интервју со бендот Омниа Бенд: „Омниа“

Основан: 2012

Музика: рок

Состав: Наташа Михајлова (вокал), Дамир Пух (гитара)

Сингл: Знам


Од неодамна на македонската музичка сцена се приклучи и новиот бенд „Омниа“, а ние од тимот на Кафе пауза како вистински вљубеници во квалитетната музика, решивме подобро да ги запознаеме. „Омниа“ се претставија со своето првенче „Знам“ коешто сè почесто може да се слушне на радио станиците.

Двајцата се многу долг период активни на полето на музиката со бројни успеси зад себе. Дамир е посветен на гитарата, има членувано во неколку различни бендови свирејќи различни видови музика. Во 2007 година на еден од нашите најстари музички фестивали – Рок Фест освојува „Награда за најдобар гитарист“.  Со цел да ги надополни своите музички достигнувања започнува со презентирање на својата работа на YouTube, па оттука стартуваат неговите ангажмани како онлајн инструктор. Во 2010 година учествува на натпреварот „Мастер 2010“ во Загреб каде е еден од шестте финалисти избрани од Балканот. Истата година освојува прво место на првиот интернационален натпревар организиран од страна на www.live4guitar.com.

Наташа е апсолвент на Факултетот за музичка уметност – Скопје на отсек соло пеење, има учествувано на четири државни натпревари каде има освоено 4 први награди по солфеж и 1 втора награда по камерна музика. Освен во класичната музика се пронаоѓа себеси во многу правци на рок музиката, па така краток период настапува како вокал со бендот „Mainstream“, а подоцна ја започнува својата соработка со „Misplaced“, каде всушност заедно првпат настапуваат со Дамир. Што открија Дамир и Наташа во интервјуто за Кафе пауза можете да прочитате подолу.



Интервју со бендот ОмниаНајпрво честитки за вашиот прв сингл. Какво е чувството да се претставите за првпат на ваков начин пред поширока публика и тоа со сопствено авторско дело?

Д: Ти благодариме! Чувството е одлично, реакциите од публиката се доста позитивни што нè тера и понатаму да работиме со уште поголем интензитет.

Н: Среќни сме што успеавме со една ваква енергична песна да се презентираме пред пошироката јавност и горди сме на постигнатиот резултат!

Како настана „Омниа“? Дали идејата ја развивавте подолго време или настана сосема спонтано? Која е позадината на името?

Д: „Омниа“ е резултат на нашата желба да креираме авторски дела, што во прв план ќе ги задоволат нашите музички амбиции и секако, желбата да дадеме мал придонес на македонската музичка сцена.

Н: „Омниа“ настана многу спонтано, двајцата се согласивме дека сега е вистинското време да започнеме со создавање авторска музика. Со оглед на тоа дека „Знам“ е наше заедничко дело, почнувајќи од музиката, текстот, аранжманот, продукцијата и студиото во кое е снимена песната – псевдонимот „Омниа“ ни дојде како „кец на десетка“, бидејќи латинското значење на зборот омниа  е „сè“.

Иако Дамир е гитарист, а Наташа е посветена на класичната музика, сепак успеавте да ја соедините љубовта кон музиката, да пронајдете заеднички јазик и да направите нешто одлично. Претставуваше ли предизвик да соработувате заедно?

Н: Секако. Предизвикот е голем бидејќи и двајцата имаме големи познавања од две сосема различни области, кои се трудиме да ги сплотиме во едно. Различен пристап и принцип на работа, различно гледиште и перцепција. Иако ние двајца се познаваме долго време, сепак постоеше период на адаптација, бидејќи на почетокот не се разбиравме доволно добро, хахаха за среќа, меѓу нас постои многу надополнување и споделување на знаење.

Д: Наташа и јас сме од два сосема различни света кога станува збор за музичкото образование, влијанијата и методите на работа, но и покрај тоа имаме многу слични вкусови за музика, мал милион бендови/изведувачи што ни се омилени и на двајцата и што е најважно, делиме слична визија за идните планови на „Омниа“.

Каде ја пронајдовте инспирацијата за песната? Има ли некоја позадина?

Д: Првичната идеја за „Знам“ дојде сосема спонтано, во еден момент на инспирација настана главниот риф од кој ја изградивме целата песна и напишавме текст кој носи силна порака и кој е во склад со музичката позадина.

Н: Со текстот сакаме да го разбудиме духот на луѓето, особено на младите. Во денешно време сè е некако еднолично, сиво, бидејќи повеќето не се залагаат за она во што веруваат. Пораката на „Знам“ е токму спротивното.

Кои се вашите планови за во иднина? Дали можеме да очекуваме нови песни, па и албум во скоро време?

Н: Во подготовка е нова песна. Немаме долгорочни планови, сакаме работите да се одвиваат постепено и спонтано колку што е тоа возможно. Единствено нешто што ни е во план и кое сакаме да го реализираме е да создаваме квалитетна музика.

Д: Ни претстои доста интересен период. Имаме доволно идеи, сакаме да експериментираме со нив, па ќе видиме каков резултат ќе даде сето тоа.

Дали можеби сте размислувале за некаков препознатлив имиџ на „Омниа“?

Д: Работиме напорно да изградиме препознатлив музички стил, уникатна звучна слика и тоа е нашиот приоритет во моментов. За сè останато гледаме да сме што поприродни и подоследни на себе. Одлично се чувствуваме во сопствената кожа.

Сигурно е потребно многу напорна работа (и многу кафе 🙂 за да се постигне ова ниво на кое што сте вие сега. Која е тајната?

Д: За нас ова претставува забава пред сè. Без разлика дали се работи за совладување некој инструмент или креирање музика, забавниот елемент е тој што те движи напред – напорната работа, жртвите и целосното посветување доаѓаат после тоа. Со текот на годините учиш  кога треба да форсираш, а кога да си дадеш оддишка. А ние имаме уште многу за учење.

Н: И секако, кафето си има удел во целата приказна, посебно кога инспирацијата ќе „те удри“ после полноќ, што често знае да се случи.Интервју со бендот ОмниаДамир, во 2010 победи на првиот натпревар организиран од страна на Live4Guitar Community, а исто така си активен и со онлајн часовите по гитара. Јасно е дека голем дел од твојата работа се одвива во виртуелниот свет. Колку мислиш дека тоа ти помогна од аспект на стекнување искуство и промовирање?

Д: Резултатите од неколкуте гитарски натпревари и мојата активност во виртуелниот свет имаат големо влијание во тоа што сум денес како музичар. Среќен сум што живееме во време кога е многу лесно да се промовира сопственото дело и да се остварат контакти преку интернет. Токму тоа искуство ми е од голема помош за секој нареден проект затоа што не почнувам од апсолутна нула.

Наташа,  одлично успеваш да ги избалансираш љубовта кон класичната и рок музиката, но зборувајќи долгорочно, сметаш ли дека ќе успееш да го одржиш тој баланс?

Н: Се сметам себеси за доволно силна личност која успешно ќе направи баланс помеѓу класичната и рок музиката, но тука не запирам. Музиката е уметност која нема граници, па зошто тогаш јас да се ограничувам? Ме чека многу работа. Се отвораат многу нови врати и сето ова не знам до каде ќе ме доведе. Мојата цел е еден ден да успеам како комплетен музичар.

И за крај, што би им препорачале на читателите на „Кафе пауза“?

Д и Н: Поздрав до сите ваши читатели, уживајте во секој момент од животот, слушајте квалитетна музика и не заборавајте да го започнете денот со добро кафе и секако со Кафе пауза!


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар