Интервју со бендот High Control

Интервју со бендот High Control

Интервју со бендот High ControlБенд: High Control

Основан: 2005 година

Музика: алтернативен рок

Албуми: „In every way“ (2009), „Report“ (2011)

Состав: Роберт Матовски (вокал, гитара), Игор Мариниќ (бас), Гоце  Симоновски (гитара) и Јосип Сензел (тапани)


Дека македонската музичка сцена навистина има квалитет со кој може да се гордее, покажаа момците од бендот High Control. Со многубројни настапи и ангажмани, веќе два албума зад себе и промоција на новиот, петти по ред официјален видео запис за песната „Доста“, навистина ја покажаа нивната посветеност кон музиката и сигурноста со која чекорат кон сè поголеми успеси.

Бендот е оформен во 2005 година, но самиот состав претрпел одредени промени па така сегашниот тим работи заедно од 2007 година и може да се забележи дека функционира одлично. Нивната музика според најголем дел од критичарите е категоризирана како алтернативен рок, но дефинитивно станува збор за препознатлив, жив звук одличен за многубројните свирки на кои бендот постојано е ангажиран.

Фановите секогаш можат да најдат плус информации во врска со идните свирки, настапи и други битни информации за бендот на нивниот официјален веб-сајт www.highcontrolmusic.com, и што е најбитно и двата албуми можат да си ги симнат бесплатно. Освен што се навистина посветени на нивната музика и напорно работат, момците од High Control се одлично расположени и за муабет, па така со задоволство ви пренесуваме што открија во интервјуто за Кафе пауза.



Интервју со бендот High Control Зад себе имате веќе два албума, одлични хитови и неверојатни настапи… Ви недостасуваат почетоците, првите свирки, собирањето во гаражи или пак во суштина работите и не се толку променети?

Иако сме подобрени во однос на тоа како сме го добиле своето место на сцената, во суштина работите не се многу изменети во однос на собирањето по гаражи, процесот на создавање музика – сепак таму амбиентот е најдобар за работа. А од првите почетоци и свирки можеби недостига оној предизвик за самодокажување, како и желбата да те „слушне“ некој.

Како настана „Report“ и колку долго работевте на албумот?

На „Report“ работевме околу една и пол година, бидејќи после првиот албум „In Every Way“, кога сè уште некако се баравме и експериментиравме, со овој албум веќе знаевме што сакаме, знаевме каде одиме, т.е. имавме визија како тој ќе звучи, а крајниот производ беше повеќе од задоволителен.

Песните очигледно испраќаат јасна порака до публиката, не може, а да не се забележи таа поврзувачка нишка на „Are you blind?“, „Tired of lies“ или „Brainwashed“… Мислите ли дека дојде време младите конечно да се освестат за сè што се случува околу нас?

Времето не само што е дојдено, туку дури е и одминато, ама се добива некој впечаток дека кај младите постои своевидна индолентност, како да владее една општа апатија и затоа малку сме скептични во однос на ова прашање, бидејќи како да не постои веќе онаа движечка сила која би требала да биде манифестирана од страна на младите, како да недостига креативност, самосвест, желба за подобро. Сепак, наше е да ги искажеме работите кои нè мачат и да се надеваме дека ќе допрат до некого.

Од што ви е „доста“?

Доста ни е од насилници, убијци, лажговци, лицемери, профитери кои заработуваат на сметка на маката на другите, празни, неисполнети ветувања, лоши вести, заплашувања… Доста ни е од сè она што веќе со децении нè оптоварува.

Како и дали воопшто се смени вашата музичка и уметничка визија од времето кога почнавте со формирањето на бендот? Дали се движите во посакуваната насока за High Control, онаа која ја замисливте при самите почетоци? Би промениле ли нешто?

Музиката созрева заедно со нас. На почетокот имавме некоја визија за создавање на основа на сето она што е изградено до денес, но сè уште градиме – тоа е еден процес кој никогаш не запира. Мислиме дека се движиме во вистинска насока и сега за сега не би менувале ништо, но не се исклучува можноста за експериментирање со нови инструменти, технологии, соработка со други музичари и слично.

Што ве инспирира? Кои се вашите идоли?

Генерално инспирација црпиме од нашето секојдневие. Животот е полн со убави и не толку убави работи, предизвици, пречки, а сето тоа е доволно за да ве инспирира. Ако зборуваме за идоли, тогаш идоли ни се сите добри луѓе, кои што успеале да задржат од доброто во себе во овие тешки и лицемерни времиња. На музички план, идоли ни се оние музичари кои успеале да останат искрени во својата музика, а сепак да допрат до голем аудиториум и да бидат влијателни.

Наоѓате ли време и за некое хоби покрај ангажманите на музички план? Што прават High Control во слободно време?

High Control во слободно време работат макотрпно на финиширање на третиот албум! Хаха, мала шега која не е многу далеку од вистината, но сите приватно сме ангажирани кој со работа, кој со факултет, кој и со двете, па сепак работата на музиката која ја сфаќаме сериозно т.е. претставува нешто што навистина ни е важно – всушност ни преставува и едно хоби и издувен вентил.

Кога би ви се понудила можност за милионски договор од некоја светска издавачка куќа под услов да го промените стилот на музиката, би прифатиле ли?

Тоа би значело дека ни нудат договор заради погрешни причини или скриени намери, а не заради нашата музика. Повеќе би сакале да ни понудат милионски договор за да продолжиме да го работиме она што најдобро го работиме т.е. да создаваме музика онака како што ние сакаме. Тоа веќе би значело нешто големо!

Се чини дека во последно време, повеќе од кога било, музиката и модата едноставно не одат едно без друго, музичарите кои се пробиваат постојано се трудат да изнајдат некој препознатлив, дури ексцентричен стил… Да речеме, „Hurts“ не може човек да ги замисли без костуми. Начин на уметничко изразување или желба за привлекување внимание? Може ли да се очекува нешто такво од High Control?

Не сме размислувале на тоа да го поставиме имиџот во некој „тренди“ елемент, затоа што размислувањата ни одат во насока дека треба да бидеме препознаени според нашата музика и според она кое ние навистина сме, без да додаваме некоја ексцентричност и да го промениме тој впечаток.

Кои настапи ви останале во особено сеќавање?

Би можеле да издвоиме неколку, и тоа од: Winner Fest, Total Demo Fest (каде што освоивме прво место и како награда го снимивме првиот албум „In Every Way“), Пиволенд, Битола Отворен Град, Music Without Borders (Вуковар – Хрватска) двата настапи на EXIT (Нови Сад), па сè до еден од попозитивните настапи на Пикник Рок Фест (Куманово) пред околу 6-7.000 публика со многу позитивна енергија.

Каков е вкусот на славата? Дали ви се допаѓа идејата луѓето да ве препознаваат каде и да одите?

Хахаха, па не би рекле дека некој тука во Македонија може да се пофали со некоја слава или дека е ѕвезда и слично. Поимот ѕвезда е изваден тука кај нас од контекст, бидејќи за да бидеш ѕвезда треба да продаваш милионски тиражи на албуми и преку цела година да си на турнеја низ светот, така што едноставно ние се задоволуваме со тоа што ќе сретнеме нови луѓе, а сме сретнале многу прекрасни луѓе со кои сме изградиле пријателски односи, ќе презентираме дел од она што сме успеале да го сработиме и ќе се задоволиме со позитивен повратен ефект од публиката, сè другото е бонус.

Што би им препорачале на читателите на „Кафе пауза“?

Да го читаат вашиот портал, бидејќи изобилува со интересни и квалитетни содржини, нека се надградуваат во животот, нека го живеат со полн здив, нека работат макотрпно на остварување на соништата и никогаш нека не се предаваат – не постои друга формула за да се биде среќен и исполнет.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. Игор Reply

    Одлично,има уште многу бендови во Мк кои не се познати и едвај чекаат на некоја оваква промоција,а се многу подобри од постоечката естрада само треба некој да им помогне.

Остави коментар