Имајте супер ден со откачената музичка плејлиста на Пеперминт!
Тие ни ја раскажаа приказната за девојката со точакот, за Сара, Бранка, па дури и за другарка ни од маало, ама ако! Тие нам ни се допаѓаат што и да отпеат и отсвират, а нема сомнеж дека денот ќе ви биде супер доколку го започнете со некој од нивните хитови. Секако дека станува збор за рок групата Пеперминт! Секогаш позитивни, добро расположени и откачени, членовите на оваа група не престануваат да изненадуваат со нивните неверојатно искрени текстови и заразни ритами кои откако еднаш ќе ви влезат во глава, нема излегување.
Бендот го сочинуваат Горан Пајак Трифуновски како главен вокал и гитара, Дарко Велески на бас гитара, Златко Доневски-Бозо на тапани и Ана Трифуновска како придружен вокал. Нивната неизмерна креативност се отсликува како преку нивната забавна музика и текстови, така и преку нивните едноставни, но необични музички видеа кои веднаш пренесуваат позитивна енергија. Пеперминт можат да се пофалат со бројни настапи на разни настани и свирки и со акустичен концерт на MTV. Досега имаат издадено два албума „Некако така“ и „Ама ако“, а нивниот уникатен музички стил стана препознатлив по синглот „Девојката со точакот“.
Со оглед на тоа што тие создаваат музика пред сѐ од љубов, а не од некакви си други амбиции, не е никакво изненадување тоа што се подготвени на секакви жртви во име на добрата свирка. Па така, басистот Дарко настапувал на концерт во Прилеп иако имал температура од 40 Целзиусови степени. Успеал да издржи до самиот крај, но сепак завршил во болница. Е тоа се вика љубов!
И покрај нивната неоспорлива пожртвуваност, епитетот што најдобро го опишува стилот на овој бенд е „откачен“. Тие дефинитивно се издвојуваат од сите останати музичари на македонската музичка сцена. Можете ли да си замислите како изгледаат пробите и дружбите на членовите од оваа група? Сигурно претпоставувате дека се исполнети со многу „зезање“ и интересни случки. И во право сте! Ова го потврдуваат и самите музичари кои велат дека се шегуваат и смеат 24/7. Тоа што го гледате во спотовите на Пеперминт, истото се случува и во нивниот секојдневен живот.
Во продолжение дознајте повеќе за музичкиот вкус на групата Пеперминт од нивната плејлиста на песни кои според нив имаат најоткачен текст, музика или спот…
1. Graham Coxon – „Freakin Out“
2. The Tiger Lillies – „Living Hell“
3. The Supremes – „You Keep Me Hangin’ On“
4. Allah Las – „Tell Me (What’s On Your Mind)“
5. Altavilla – „Magic Wand“
6. Pond – „Moth Wings“
А за да имате и вие забавен и интересен ден, чујте ја нивната најнова песна „Супер ден“ која веднаш ќе ви го подобри расположението…