Тешко е да се замисли секојдневниот живот без напредната технологија, особено без мобилните телефони. Луѓето се толку зависни од нив, што не можат да ги остават ниту за момент. Пораки, селфиња, Инстаграм, Снепчет, Фејсбук… Постојано постои нешто што едноставно е премногу важно и мора веднаш да се погледне. Веднаш мора да се одговори на сите пристигнати пораки и да се прегледаат сите известувања, инаку којзнае што ќе се пропушти. Вака размислуваат поголемиот дел од младите во денешно време, поради што тие не ги испуштаат мобилните телефони од рака дури ни кога возат, без да бидат свесни за ризиците и опасностите по живот на кои се изложуваат себеси, но и другите учесници во сообраќајот.
Од тие загрижувачки причини спроведена е екстремно моќна кампања против возење и праќање пораки, наречена „Нема добра причина“. Како дел од таа кампања е и ова трогателно видео во кое неколку млади луѓе разговараат со девојка која доживеала тешка сообраќајна несреќа како последица на тоа што вниманието за момент ѝ било одвлечено од мобилниот. Погледнете го видеото кое ќе ви докаже дека ниту една порака, објава, селфи или фотографија не вреди за да го ризикувате сопствениот, но и животот на другите луѓе.