Со фотографија од наведната жена во мини здолниште и прашањето: „Подготвени ли сте да ја заземете позицијата?“, британската фирма за вработување „ISC“ објавила оглас за вработување секретарка. Огласот предизвикал бурни реакции во медиумите и на социјалните мрежи.
Наведнатата жена во кусо здолниште и тенки црни хулахопки не е соодветна илустрација за позицијата на секретарка. Уште кога на тоа ќе се додаде текстот: „Потребна е секретарка во Мејфер. Хулахопки не се задолжителни. Подготвени ли сте да ја заземете позицијата?“, добивате страшно омаловажувачка сексистичка порака.
Медиумите во Велика Британија остро го осудија огласот, а лавина коментари следуваа и на Фејсбук и Твитер. Некои од коментарите се: „Дали некој ги има известено ICS дека е 2015 година?“, „Дали сте сериозни со огласов?“, „Страшно лоша проценка“…
Нападната од коментарите, одговорот на фирмата е дека сакале да направат поврзаност со култниот филм „Секретарка“ кој е предвесник на „Педесет нијанси сиво“.