Во 2018-та година режисерот Јан ван Ијкен ја добил наградата за најдобар краток документарец на еден филмски фестивал во Австрија. Ијкен е самоук снимател кој моментално учи микроскопија и е особено заинтересиран за природата и врската помеѓу луѓето и животните. Неговиот краток филм „Настанување“ (Becoming) го прикажува развојот на еден вид водоземец со микроскопски детали и тоа од првата делба на клетките, до неговото излегување од јајцето. Бидејќи првата фаза на ембрионскиот развој е иста кај речиси сите животни, дури и кај луѓето, можеме да видиме како изгледа делбата на клетките и кај нас. Целиот процес бил снимен бидејќи јајцето е транспарентно. Видеото прикажува како една клетка се трансформира во комплексен организам со срце и крвен доток.