Трулост

Трулост

Автор: Дарко Соколов

Трулост

Помина многу време откако последен пат ја силував хартијата и зачнав мисли, идеи, визии, кои ги оставам како копилиња да се родат, да израснат и да се расеат меѓу народот.

Случајно го видов Вардар како тече, полн, многу полн, онака, мирен, спокоен, безгрижен. Цела среќа што беше прилично мрачно, па не успеав да прозрам под површината, да видам што СÈ носи со себе.

Но, затоа секогаш е светлина да видам што ЈАС носам со себе. Ништо. Едноставно, ништо не носам со себе. Како парталав скитник, нарамен само со своето крпче, полно со минати падови и идни искачувања… по некоја идеја… неколку спомени и еден куп предизвици, лутам низ Светот и среќавам луѓе.

Онака, наивно, ѕиркам во нивната душа и барам причини за разбирање. Оние дребулии што ги наоѓам само ми ја разгоруваат желбата да копам подлабоко, со голи раце, искршени нокти, да гребам за грам надеж дека, дај Боже, трулоста не отишла предлабоко.

Веќе и пестицидите не се тоа што беа… Не штитат од модерните болести… штета. А од надвор ги гледаш, цвеќиња, убавина, да застанеш и цел ден да им се восхитуваш, ма два дена. Внатре – трулост.

Среќа што некои генетски се отпорни на модерните болести, инаку, ни пестициди ќе ги спасеа, ни ништо! Е, ама тие се старомодни, заостанати. Денес е ИН да си трул. Колку потрул, толку покул. А има и такви, калемени, на трулост.

Штета што единствен критериум за вредност е трулоста. Таква ни е почвата, само трулост успева на неа. Еве, луѓе, зошто не можете да успеете. А ако успевате, овде, на сред ораница, БРАВО!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Нина Reply

    Џабе копаш друже, прекрасно претставено.

Остави коментар