Ти си камен! Не веруваш?
Автор: Ана
Легнувам во постелата. Легнувам на грб. Тоа порано никогаш не го правев. Се покривам со две ќебиња. И тоа порано никогаш не го правев. Гледам во таванот и помислувам, колку би било убаво да има нешто таму, нешто што во исто време ќе биде интересно и што никогаш нема да ми досади, во кое секој ден ќе откривам нешто скриено, слично на мојот карактер, слично на тебе.
Но кој си ти? Не знам. Сега дури навистина не знам. И порано не знаев, но сега е поинаку. Мислев дека сме слични, да можеби и сме, но за жал сличностите се одбиваат. Секое чудо за три дена, секој среќен момент за неколку мигови…
Колениците ми вибрираат, сакаат да се приземјат, да паднат на сигурно тло. Но не потклекнувам. Не, морам да продолжам, долг пат е пред мене, многу долг. Но сакам да викнам, да викнам на цел глас. Аааааааааааа…
Погледнувам лево-десно, пак лево, назад, е да назад. Се задржувам таму. Секогаш истата грешка, секогаш гледам назад, никако напред. И така се движам гледајќи назад, и оп! Се сопнувам од голем камен и паѓам на земјата, колениците ми крварат. Ја тресам прашината од мене, станувам и го погледнувам каменот. Тоа всушност си ти! Не веруваш? Да ти си! Студен, но на моменти и топол, но сепак камен, симбол за студенило.Нема да лажам и да кажам дека посакувам никогаш да не те сретнам, тоа би било најголемата лага. Нема да кажам дури и дека не сакам веќе никогаш да те видам, и тоа би било само една голема лага, а навистина не сакам да ми порасне носот.
Но сега единствено барам, барем за сега да те избркам од мислите, барем колку е тоа можно, а тоа ќе биде потешко. Времето, времето ќе покаже сè … А до тогаш кој знае, ќе мислам на убави нешта. Не, пак лажам, ќе мислам на тебе. Ќе спијам на грб, ќе гледам во таванот, ќе гледам во нерамнините на ѕидот, ќе правам работи што никогаш порано не сум ги правела … Не ќе правам работи што секогаш ги повторувам.
Не можам да те избркам од мислите иако знам дека не смеам да мислам на тебе… не треба…
Но ете сепак, се на што можам да мислам во моментов си ти…. но знам дека не вреди и ќе ти покажам дека сум јака, како и дека ми значиш повеќе од тоа што мислиш, повеќе од тоа што го направив……..
Нема разлика помеѓу тебе и еден студен камен…..