Тажно е тоа што сѐ уште постојат девојки кои се очајни за машкото внимание

Тажно е тоа што сѐ уште постојат девојки кои се очајни за машкото внимание

Во денешно време постојано се зборува за женската моќ, независност и рамноправност. Жените се посилни од кога било и секојдневно се обидуваат да докажат дека можат да опстанат без машкиот род, дека не мора да се омажат и да раѓаат деца доколку не сакаат и дека можат да имаат огромно влијание во деловниот свет каде што порано владееле мажите. Машкиот свет полека станува женски и половите улоги почнуваат да се менуваат.

Тажно е тоа што сѐ уште постојат девојки кои се очајни за машкото вниманите

И покрај сите овие револуционерни промени, сѐ уште постојат девојки кои се очајни за машкото внимание. Тука не се мисли на оние коишто силно посакуваат да си „фатат“ дечко или да се омажат, туку на оние коишто се подготвени да направат буквално сѐ, само за да привлечат машки погледи и додворувачи.

Тажно е кога ќе се види убава, згодна и млада девојка како се качува по столови и маси, кревајќи го здолништето и седнувајќи во скутот на секој што ќе се најде во близина на нејзиното сепаре. Сте ги забележале овие девојки во дискотека? Тоа се тие што имаат премногу испиено, прават осмици додека одат, но решени се да уловат некого со помош на нивните атрибути кои ги нудат на тацна исто како што бабичките нудат слатко кога ќе им дојдат гости. Па, што си помислувате кога ќе ги видите? Сигурно си мислите дека се лесни, промискуитетни и дека никогаш нема да си најдат нормален дечко. Вистината е дека иако не ја знаете нивната целосна приказна, тие се мета на вашите озборувања и чудења.

Тажно е кога ќе се видат прекрасни млади девојки во придружба на „мрсни“ чичковци, само затоа што им ветиле шише скап алкохол на коњопој и превоз во луксузни автомобили. Тажно е тоа што овие девојки ја одредуваат својата вредност според сумата на пари што мажите се подготвени да ја потрошат за нив. Не се свесни дека и самите би можеле да заработуваат исто толку колку и нив. Не веруваат во себе и своите интелектуални способности, па затоа целосно се посветуваат на негата за физичкиот изглед. Уште на млади години почнуваат да се развиваат во погрешна насока, паѓајќи во бездната на погрешни морални вредности, заслепени од блесокот на минливите материјални богатства.

Тажно е тоа што сѐ уште постојат девојки кои се очајни за машкото вниманите

Тажно е кога ќе се видат паметни девојки без ронка критериуми. Тоа се оние заводливи предаторки кои неуморно го ловат сето она што ќе им застане на патот. Тие самите се обезвреднуваат на тој начин што се подготвени да флертуваат дури и со дечкото на нивната најдобра пријателка само за да си докажат себеси дека можат. Овие девојки се постојано жедни за машкото внимание од кое никогаш не им е доста. Сета нивна вредност зависи од мажите: Дали ќе ги забележат и дали ќе посакаат да бидат со нив? Вечер помината без додворувачи е залудно потрошена вечер. Тие никогаш не се дотеруваат за себе, не знаат да се забавуваат и да уживаат сами, туку сета нивна среќа и задоволство зависат од погледот и зборот на еден маж.

Тажно е кога ќе се видат способни девојки како се разголуваат на социјалните мрежи само за да добијат по некој лајк повеќе. Напрчени усни, гради на мегдан и истакнат задник – тоа е тајната формула за добивање лајкови. Мажи како мажи, „паѓаат“ на ваквите провокации и ги опсипуваат разголените девојки со пораки во инбокс кои служат за пумпање на женското его. Колку повеќе лајкови – толку поголема насмевка на лицето, бидејќи социјалните мрежи станаа главна алатка за одредување на сопствената вредност. Расположението на овие девојки строго зависи од бројот на лајкови на фотографиите. Дефицитот на лајкови ги доведува до длабока фрустрација и разочарување, бидејќи тоа е знак дека потфрлиле во машкиот свет. Тие се толку преокупирани со впечатокот што го оставаат на Фејсбук и Инстаграм што забораваат да ги развиваат вистинските животни вредности.

Тажно е кога ќе се видат силни и интелигентни девојки, заробени во канџите на насилни мажи кои не ги заслужуваат. Овие девојки, иако вредат многу, секојдневно се изложени на навреди, малтретирања и непочитување. Партнерите се однесуваат со нив како да се нивна сопственост и глуви се за нивните потреби и желби. Овие девојки постепено го губат својот идентитет и се претопуваат во светот на нивниот партнер. Стануваат дел од неговиот инвентар, украс што служи само за покажување и предизвикување восхит кај останатите. Тие стануваат обични предмети чија вредност се сведува на машкото одобрување и прифаќање.

(3) Тажно е тоа што сѐ уште постојат девојки кои се очајни за машкото вниманите

Тажно е тоа што овие девојки не се свесни за сопствената сила. Не знаат дека се доволно моќни за да се ослободат од овој емоционален затвор и дека не треба да се плашат од осаменоста. Тие можат да опстојат без својот партнер и сингл животот не е толку лош колку што делува. Но, за жал, тие многу ретко решаваат да ги остават старите навики зад себе и да свртат нов лист каде што ќе можат да ја пишуваат својата нова животна приказна. Приказна во која нема да играат споредна улога на нечија марионета, туку ќе бидат непобедливи хероини кои ја поседуваат сета моќ на планетава.

И покрај тоа што денес постојано се зборува за женската сила, сѐ уште постојат многу девојки кои не се свесни дека ја поседуваат. Сѐ уште постојат девојки на кои им треба маж во животот за да се чувствуваат исполнети, задоволни, целосни и сакани. Добро е да имате машки сопатник, но тој не смее да стане центарот на вашиот универзум. Вие мора да бидете центарот на својот универзум околу кој ќе ротираат сите одлуки и избори. Бидете сонце, а не планета што се врти околу туѓите замисли и идеи. Не заборавајте дека за да ве цени некој, прво мора да се цените самите. Не дозволувајте никому да ве згази и поколеба. Само тогаш кога ќе ги препознаете сопствените квалитети, ќе можете да заблескате во полн сјај и целосно да се ослободите од туѓите влијанија што го попречуваат вашиот личен развој.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар