Светло, камера, АКЦИЈА!
Ако се спроведе истражување кај младите, би се потврдил запрепастувачкиот факт дека огромен дел од оние кои веќе завршиле факултет или оние кои одлучиле да не студираат воглавно џаболебарат. Дефиниција за џаболебарство: го преспиваш денот, залудно ја трошиш ноќта, најголем напор вложуваш во избор на облека, кога би било изводливо би дозволил некој и храната да ја џвака наместо тебе, со еден збор живееш за џабе, постоиш за да правиш гужва во светов, како статистите во филмовите. И кога ќе ми текне дека зборувам за голем дел од моите врсници, ми доаѓа да урлам. Ама не можам, срамота е, а иронијата е во тоа што никој не ќе ме слушне.
Се рекло „светот на младите останува“, ама не е така, требало да биде „светот останува на младите со визија“. Не е во ред да имаш 22 години, да не знаеш што да правиш со себе, главна преокупација да ти биде терање кафе-шема и пишување статуси на ФБ. Тато носи, мама меси е работава. Па така, околу два попладне, кафулињата се полнат со луѓе кои се „активни џаболебари“. Како е можно? Свесни сме колку сме моќни? Свесни сме што можеме да направиме со себеси? Младост, знаење, моќ, визија, ренесанса… ХА! Не можеме, зафатени сме со водење плитки и површни животи.
Огромен дел од младите се мрчатори. Да се зачудиш како е можно толку негативна енергија да се собере во човече старо цели 17 години. Ништо не им одговара, сè е за нигде. Образование, статусот на невработеност, јавни институции, места за забава и излегување, начинот на кој птиците летаат над нашата земја, буквално сè што може, дури и она што не може, ќе го искритикуваат. Во ред ли е толку мрчаторска енергија да биде собрана во младината? Од каде идејата дека си интересен ако критикуваш сè и сешто и ако секој твој коментар е полн со иронија? Докажуваме дека сме подобри од некого, поспособни, поуспешни, со повеќе знаење? Што и кому може да се докаже нешто со пишување иронични статуси на ФБ или „жестоки“ твитови на Твитер? Кој колку е компетентен за некого да критикува?
Да заврши факултет не може секој, искрено па факултет не е за секого. Ама во ред, заврши средно и барај работа, кој рече дека факултетот е задолжителен? Сепак не, денес секој може и да се запише и да го заврши факултетот, критериуми речиси и да нема. Не е нешто вау и ако продолжиш на постдипломски, сепак многумина го прават и тоа, биле способни или не. И демек сите во иднина ќе бидеме горди академски граѓани на оваа држава? Моето дете има да биде магистер, море и докторат ќе има. Зошто? Па мое дете е! Е добро де, секој е нечие дете, ама можеби твоето и не е баш толку способно колку што си мислиш. Амбициозни родители и деца со недоволно елан за учење и надградување на себеси – најлоша, но и најчеста комбинација.
Страшно е и тоа што голем дел од нас младите не сакаат да го дозавршат факултетот, како да се плашиме од иднината. Вака имаме обврска да учиме и да полагаме испити. Ама после тоа ќе имаме обврска да бараме работа и да работиме. Зошто толкав дел од младите со диплома паѓаат во депресија? Не можат да најдат работа? Не знаат што понатаму со себеси? Како всушност одбираме каква работа е погодна за нас? Чекаме да ни се отвори директорско столче? Добро, ситуацијата не е сјајна, ама нигде не сјае, и никој не може да ми каже дека ако сакаш да работиш нема да најдеш работа. Проблемот е што многумина бараат работа со цел да не најдат, па секогаш е полесно да седиш дома, да мрчиш и некој друг да ти е крив за твојата состојба. Ако си способен/на, што и да работиш ќе те забележат, ќе се истакнеш. Знаете кој е еден од критериумите да се кандидираш за претседател на држава? Да бидеш постар од 40 години. Што сакам да кажам? За големите работи треба искуство, животно и работно. Треба муви да лапаш, со други зборови. Не е срамота да работиш нешто „под твое ниво“, поголема срамота е да не работиш ништо. Седење дома и чекање совршеното работно место да ти падне од небо… Излези, работи, запознавај луѓе, информирај се, зголеми го кругот на пријатели и контакти. Кој е нашиот систем на сфаќање на работите? Зошто да биде срамота да работиш и да заработуваш, да стекнеш работна навика дури си млад? Нели дијагностицираната мрза е поголема срамота?
Напишала статус на ФБ „I don’t work, I’m a princess“. Ха! Ха! А каде тоа, во Македонија? И као демек си наследник на кралската лоза, сина крв? Оди работи нешто или најди си маж, па прави ручек и пеглај кошули. Ќе се разбудиме ние од овој смешен сон или ни треба кофа со ладна вода?
Нам младите многу работи не ни се јасни, многу работи допрва ќе ги искусиме, но многу работи намерно се правиме дека не ги знаеме. Чудо едно, од здрав разум, мозок со капацитет, толкава способност да направиш нешто од себеси, и насила да се правиш дебил. Нашата младина затупува со гледање сапуници, терање патетични кафе-шеми, преокупација со „мода“ и слушање „исцрпни“ турбо-фолк хитови. Незаборавни дружења, добри филмови, позитивни песни, убави стихови, поучни книги, труд, визија, работа и надеж, тоа ни прилега нам како млади и како некои кои се наречени „иднина“.
Животот е многу едноставен, само ние луѓето милуваме да го правиме комплициран. Ако ти требаат пари – работи. Ако нешто не ти одговара – промени го. Ако нешто ти смета – тргни се од него. Ако сакаш да успееш – труди се, труди се, труди се. Светло, камера, преземи акција, СЕГА!
До следното читање,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Навистина не разбирам зошто оваа колумна се разликува од другите? Целата младина? Зарем целата младина во Македонија не чини? Исфрустрирана сте од млади тинејџери и адолесценти кои нормално е да бидат такви какви што се. Да се опираат на системот, да лудуваат, да носат одлуки кои на нас возрасните ни се чинат детски, глупави и непромислени.
Знаете, тинејџерскиот мозок е предизвик за многу научници а оваа ситуација е сосема нормална. Дај нашишете нешто ново и нешто убаво.
Почитувана, доколку повнимателно ја прочитате колумната, ќе забележите дека воопшто не станува збор за тинејџерите кои сакаат да се забавуваат и лудуваат, туку за веќе возрасни луѓе над 22 години, со или без завршен факултет, а некои и магистрирани луѓе, кои не се трудат да направат ама баш ништо во животот за да стекнат некакви квалификации и искуство, кое барем малку ќе ги издвојат во овие тешки економски години на нашата држава. Поентата е, дремење по кафичи и неправење ништо во животот не е никаков младешки бунт, туку дигање раце и оставање „судбината“ да ни ги реши проблемите. И како млада девојка сосема ќе се согласам, песимизмот и откажувањето е се, само не младешки дух и иднината на државата! Поздрав