Сурова животна вистина: Сите сме заменливи!
Постојат многу работи што луѓето не сакаат да си ги признаат. Иако велиме дека ја сакаме вистината, најчесто одлучуваме да живееме во лага. Ја одбираме само онаа вистина што нам ни одговара,а за сѐ друго затвораме очи. Но, има животни вистини што не можеме да ги игнорираме колку и да ни се чинат сурови.
Сите сме заменливи. Живееме во заблуда дека другите зависат од нас и дека никој не може да нѐ замени. Колку и да е тешко да се признае, време е да се соочиме со вистината, преку следниве 3 сценарија…
Сценарио 1: Одлично ви оди на работа. Поседувате неверојатни вештини и секогаш беспрекорно ги завршувате работните обврски. Никој друг не знае да ги извршува задачите онака како што вие знаете. Сигурни сте дека шефот би бил во голема загуба доколку решите да ја напуштите работата. Си го замислувате денот кога давате отказ, шефот станува свесен за вашите способности, бизнисот пропаѓа и шефот конечно почнува да ве цени, но предоцна.
Која е реалноста? Во фиоката од работната маса на вашиот шеф сигурно веќе има 10 CV-ја на луѓе со подобри квалификации од вас. Најверојатно има многу луѓе кои со задоволство чекаат да го преземат вашето место и не, бизнисот нема да пропадне, туку вие ќе бидете заменети.
Сценарио 2: Во љубовна врска сте веќе подолго време и сте влегле во онаа фаза кога сте се навикнале еден на друг толку многу што сте почнале да се земате здраво за готово. Не се сомневате во љубовта на вашиот партнер и сигурни сте дека нема да оди никаде. Убедени сте дека вие сте љубовта на неговиот или нејзиниот живот и дека никогаш нема да најде подобар/а од вас. Дури и да дојде до раскинување, знаете дека нема да може да ве преболи и ќе ве моли да се смирите.
Која е реалноста? Сигурно постои прекрасна девојка или згодно момче кои ги меркаат вашите сакани и само чекаат да „зезнете“ работа за да дојдат на ваше место. Ако раскинете, вашиот партнер нема да живее со скршено срце до крајот на животот, туку ќе продолжи понатаму како и секој нормален човек.
Сценарио 3: Вие сте омилената личност во вашето друштво! Вие сте „друштвеното лепило“ што ја држи дружината заедно. Секогаш сте поканети на сите собири и родендени и секогаш сите ви се јавуваат прво вам за да побараат совет или да ви соопштат некаква вест. Секогаш кога не можете да излезете, мислите дека им недостасувате и дека не си поминуваат толку убаво. Сигурни сте дека ако престанете да излегувате со нив, друштвото ќе се распадне, а тие ќе изгубат неверојатен пријател.
Која е реалноста? Пријателството е двонасочна улица. Ако престанете да одговарате на нивните повици, по некое време нема повеќе да го слушате ѕвонењето на телефонот. Одбијте ги нивните покани неколку пати по ред без логично објаснување и ќе видите како нивниот број ќе се намали, а на крајот комплетно ќе исчезнат. Друштвото нема да се распадне без вас. Вашите пријатели ќе продолжат да се дружат и без вас и најверојатно одлично ќе си поминуваат заедно.
Никогаш не земајте ги работите здраво за готово, бидејќи не сте толку незаменливи колку што си мислите. Можеби сте високо интелигентни, способни, креативни, комуникативни, одлични љубовници и прекрасни пријатели и тоа е супер! Треба да бидете свесни за вашите силни страни и никогаш не треба да прифаќате помалку од она што го заслужувате. Но, секогаш треба да ги цените работите и да ја возвраќате почитта што ја добивате. Ако постојано мислите дека заслужувате посебен третман затоа што сте извонредни, еден ден може да изгубите сѐ.
Кога ќе ви се скине некое парче облека, купувате ново. Кога ќе се расипе некој уред, го заменувате со нов. Колку и да ви звучи сурово, истото го правиме и со луѓето. Кога не ви одговара некој или пак ќе сфатите дека се работи за токсична личност, природно е да посакате да се ослободите од неа. Понекогаш луѓето сами решаваат да заминат од разни причини. Нема да е крај на светот доколку си заминете од нечиј живот, ниту пак ако некој си замине од вашиот. Секако дека нема да ви биде сеедно, но ќе научите да живеете без тој човек и ќе продолжите понатаму. Спомените иако остануваат, и тие избледуваат со текот на времето. Луѓето се многу адаптибилни и лесно се прилагодуваат на секоја ситуација, па така лесно ќе се прилагодат и на живот без вас. Ценете ги луѓето околу вас и почнете да се соочувате со вистината дека сите сме заменливи.