Страв од височини
Знаете ли на колку дипломци оваа година им се тресат нозете бидејќи ќе излезат од безбедната зона – учи, оди на факултет и полагај испити – и ќе се впуштат во море полно ајкули. Ќе бараат работа, ќе треба да одат на работа, да покажат што научиле и самите да го заработат својот леб. И тоа навидум е страшно.
Уште од основно паметам, само сакав да завршам со образование. Чекав да заврши основно за да почнам средно, па одвај дочекав да завршам средно за да почне факултетот, и со петни сили сега се готвам да го завршам и факултетот. Моментот кој секој млад човек го чека целиот свој живот. И што потоа?
Ќе ви кажам и за една девојка, која пред две години сè што посакуваше беше стабилна љубовна врска, онаа соба како од соништата во каталозите, оној лаптоп кој ѝ беше баш по мерак, како и решавање на проблемот со заостанатите испити кои се влечеа и ѝ создаваа нервози. Сега таа девојка го има сето тоа и се прашува што понатаму?
Знаеме ли да уживаме во она што го имаме? До кога ќе продолжиме да чекаме некој момент за да почнеме да живееме?
Ќе ви раскажам и за еден човек кој сонуваше да отвори своја фирма. Од толку што му беше голем сонот, замислете успеа! Фирмата порасна, никна како печурките после дожд. Сега гледа во својата креација и си вели, што е следно?
Сè ми се чини дека само итаме напред и напред, кон некој момент, кон нешто што го посакуваме, во меѓувреме прескокнувајќи го и не обрнувајќи му внимание на она што се случува СЕГА, или поточно на ЖИВОТОТ.
Да, амбициите се прекрасна работа. Всушност, човек без амбиции, без аспирации за иднината, што е? Кон што цели, што ќе постигне?
Но колку правилно и рационално си ги поставуваме тие амбиции? Колку сме подготвени цврсто да останеме на тлото, колку сме спремни да жртвуваме? Или само напразно си поставуваме цели кои безизразно стојат над нашите глави, а не сме спремни да го поднесеме патот до нив?
Постојат многу млади личности кои ќе се задоволат со средина, со статичност. Кои порадо би прифатиле пониска плата отколку повисока која доаѓа во пакет со голема одговорност. Зошто не собереме храброст цврсто да ги фатиме уздите на нашите животи и да управуваме со нив наместо да дозволиме некој друг да нè носи само затоа што ја има храброста која нам ни недостига?
Погледнете околу себе. Вашата 16-годишна верзија би дала сè за да го има сето тоа што го имате. Нели е тоа голем успех? Браво, радувајте му се! Но истовремено не заборавајте дека ќе треба да се восхитите самите себе за 10 години и да речете да, она што го замислив цврсто го посакував. Вложив труд, можеби пуштив по некоја солза или капка пот, но еве сум. И најважно од сè, во меѓувреме не заборавив да уживам во сегашноста, и токму затоа со себе носам многу прекрасни спомени.
Ние всушност, немаме проблем со стигнувањето до успехот. И верверичките знаат дека оној кој се потрудил постигнал. Ние имаме проблем со самиот успех. Ние имаме страв од височини, страв од кој мора да се ослободиме. Нели ние сме младината? Нели на нас се потпира иднината?
Ели
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Јас се прашувам-што понатаму со “колумнава”? Искрено ја препрочитав три пати и верувам дека самата не знаеш што сакаш да кажеш.
Мислам дека преамбициозноста и хроничното незадоволство се последица на капиталистичкото општесвено уредување. Исто така и фактот дека секојдневно сме бомбардирани со вести и информации за успеси на другите, ни се сервираат колумни и веб сајтови во стилот “подобри се денес”, “стани Бил Гејтс во 10 чекори”, “ти можеш се”… Читаме success stories на млади луѓе и генијалци, а од друга страна ни кажуваат дека и ние го можеме тоа и дека и ние треба тоа да го направиме… Апсурдот е што полека границата за да бидеш “успешен” е крената толку високо, што ние всушност ги поминуваме животите конвергирајки кон неа, но никогаш конкретно пристигнувајки таму… Секогаш има хипотетичко таму, уште малку, уште неколку работи што треба да ги направиме за да бидеме задоволни.
Понекогаш не сме сигурни дали тоа што го правиме, таа потера по успех и признаниа е заради тоа што ние стварно сакаме, или дека заради тоа што ќе се гледаме себеси како неуспех ако не основаме компанија, дипломираме во првите 4 години, се искачиме на Монт Еверест, отидеме на месечината, вежбаме јога, иаме црн појас во карате, трчаме 568 километри на ден, читаме 10 книги месечно, го изодиме Кинескиот Ѕид на раце, не напредуваме во првите 3 месеци од работата… Вообичаеното.
Грото од работиве ги кажувам од искуство, и често се справувам со овие мисли и дилеми кои служат за проверка дали сум на патот на кој што сакам да сум…
Амбицијата, авантуризмот, желбата за осознавање и позитивна промена е јадрото на секој човек… но треба да се култивира и способноста за перцепција/ценење на минатите и сегашни моменти, не само фокус кон иднината…
Поздрав