Приказна за кучето што го уби вербата во човечката љубов

Приказна за кучето што го уби вербата во човечката љубов

Седев на тротоарот и гледав како минуваат автомобилите. Не ги чувствував капките дожд што паѓаа на мене. Немав сила да се затрчам кон возилата на улицата како што правев некогаш. Немав сила да се затрчам кон првиот човек што ќе ме погледне добродушно и весело да замавнам со опашката надевајќи се дека ќе добијам малку љубов, а можеби и храна. Не бев веќе гневен на луѓето. Лутината ми помина. Сега изгубив волја.

Приказна за кучето што го уби вербата во човечката љубов

Го изгубив мојот најдобар пријател. Луѓето што го сакаа го викаа Марфи, тие што не го сакаа го викаа џукела. Прекрасен црн пес со низок раст и долго влакно. Очите му зрачеа со топлина. Немаше ронка зло во него. Никогаш не беше агресивен ниту кон луѓето ниту кон другите кучиња од соседното маало. Лаеше само по автомобилите, бидејќи го потсетуваа на една немила случка, кога еден од нив го прегази и продолжи понатаму како ништо да не било. Многу ги мразеше автомобилите. И јас лаев по нив заедно со него во знак на поддршка.

Многу ги сакаше луѓето. Иако имаше изедено ќотек од недозреани неранимајковци и имаше „попиено“ камен по глава повеќе од еднаш, лутината не му траеше долго. Брзо забораваше. Не беше злопамтило. И понатаму продолжуваше да им се радува на луѓето кои му дофрлуваа по некој убав збор и верно да ги испраќа до дома небаре ќе го земат со нив и ќе му го подарат светот.

Потајно се надеваше дека еден ден тоа навистина ќе се случи, но никогаш не признаваше. Се надеваше дека ќе има топол дом и дека нема да талка по улиците како обичен скитник. Се надеваше дека ќе има кого весело да пречекува пред врата, да добива редовен топол оброк и најважно од сѐ: љубов. Да, Марфи веруваше во човечката љубов повеќе од сѐ на светов.

Јас, пак, сум сосема друга приказна. Никогаш не сум им верувал на луѓето. Можеби, минатото ми одржало добра лекција, не знам. Од една страна не можев да го разберам Марфи, од друга страна му се восхитував. Тој веруваше.

Вербата го чинеше живот. Секогаш му велев да биде внимателен. „Внимавам!“, велеше, „Можам да препознам опасност“. Сакав да му верувам, но не знаев како да му кажам дека е наивен. Не знаев како да му кажам дека луѓето се злобни и опасни. Дека не го ценат и дека не знаат да сакаат. Тие меѓу себе не се сакаат, а не пак едно куче скитник. Немав сила да му ја скршам вербата. Тоа беше единственото нешто за коешто живееше и единственото нешто што го уби.

Приказна за кучето што го уби вербата во човечката љубов

Се вратив по еден час талкање барајќи корка сув леб или што било друго за јадење. Го немаше кај клупичките каде што обично се излежувавме. „Сигурно пак испраќа некој до дома“, си помислив. Си легнав под дебелото дабово дрво и се обидов да се затскријам под лисјата за да се стоплам малку. Ветрот сечеше како нож и безмилосно пробиваше низ мојата зимска покривка. Ја видов здодевната мачка што секогаш нѐ задеваше кога немаше попаметна работа. Беше црна како ѓавол! Се подготвив да ја заплашам со лаење, но ме одбегна како да криеше нешто од мене. Ми олесна. Кој ќе се бркаше со неа цела вечер?!

Вечерта полека минуваше, а од Марфи ни трага ни глас. „Да не го вдомил некој?“, загрижено се насмевнав во себе. Се обидов да заспијам, но се грижев повеќе одошто сакам да признам. Пак се појави проклетана мачка! Како некое сениште што не дава мир! Потрчав по неа, а таа ме погледна значајно како да ми дава знак.

Ја бркав како улав иако баш таа вечер не ме ни изгреба. Ја бркав како да ќе добијам сочна коска ако ја фатам. Не знам колку време траеше бркотницата, но во еден миг мачката почна да забавува и се изгуби во толпата луѓе собрани позади највисоката зграда во маалото.

„Немаше спас за него“, „За 2 минути беше готов“, „Ни млекото не му помогна“, слушав измешани гласови. Се плашев да погледнам што се случува одблизу. Се плашев затоа што знаев каква глетка ме чека. Нозете ми се пресекоа. Очите му беа ширум отворени. Од устата му течеше бела пенлива река. 100 пати му имав кажано да не прифаќа храна од непознати!

Отровот не беше тоа што го уби Марфи. Него го уби вербата во човечката добрина и несебичност. Го уби вербата во човечката љубов. Којзнае уште колку Марфиевци ја доживеале истата судбина?! Којзнае уште колку невини животи згаснале поради неразумниот човечки страв?! Којзнае уште колку кучиња останале без својот најдобар пријател?!

Неподвижно седев на тротоарот. Без мојот Марфи. Повторно сам. Снеможен. Го чув звукот на еден забрзан автомобил кој сѐ повеќе се приближуваше кон мене. Собрав сила и се затрчав кон улицата. Бесниот автомобил пристигна. Беше светло жолт. Залајав по него за последен пат. Во чест на Марфи. Марфи ги обожаваше жолтите автомобили.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар