Од понеделник…
Го спушташ пенкалото на последниот испит од сесијата, го предаваш листот и да те нема низ врата. Се осеќаш ко преродена личност. Излегуваш од факултет и ти се чини дека светот го гледаш сосема поинаку. Еј, луѓе, животот е убав! La vita è bella! Сабајлево ми се превртуваше стомакот, ама сеедно, видете сега, сонцето свети, славејчињата пеат, т.е. не баш, сè уште не дошла пролетта, ама сеедно, ти се причинува дека слушаш песна на славејчиња.
Па се враќаш дома. Прво и основно, си ја враќаш собата во нормала. Од соба која изгледа како да припаѓа на помалку (или повеќе) налудничава личност, си ја претвораш во твојата стара, убава, удобна соба. Ги тргаш шолјите за кафе, во секоја од нив останале по неколку капки кафе и се здрвиле на дното. Мама има да вика. Нека вика. Тебе не ти е грижа, ти леташ, ти поминаа испитите. После ги тргаш сите листови, копии, скрипти кои ти стоеле на подот. Од некои навистина си учел, а други стоеле пред тебе колку да те тешат. Демек си ги отворил, тука се. Можеби во текот на ноќта некако магично, целото знаење ќе ти се всади во глава. Одиш наредниот ден на испит и сфаќаш дека методот ти бил погрешен, требало да прочиташ нешто.
Е добро, супер, да не драматизираме многу, не дека сме биле ослободени од некој логор, иако можеби по малку така се чувствуваш. И сега што? Ти останува нервозно да се логираш на секој половина час и да чекаш резултати. Некогаш па, потсвесно посакуваш да ги нема. Денот ти е убав, зошто да си дозволиш да ти го расипат? Зошто, ете на пример, баш денес да се разочараш? И така сè до наредната сесија…
Ама сè е тоа психа. Тоа ти е како, не учам сега, сè уште е рано, сè ќе заборавам до испитот. Па си ја вртиш познатата, од понеделник ќе почнам да учам, таман една недела пред испит. Па доаѓа понеделник, тебе ти текнува дека собата не ти е средена и дека всушност треба да си направиш шопинг листа, за да знаеш точно што треба да си купиш. Нели, да си имаш претстава до каде стоиш со работите, за после на мира да си учиш. Леле на какви сè глупости ти истекнува кога имаш важни обврски. А шопинг листите, е тие се чудо. Значи никогаш, ама баш никогаш не остануваш стриктно до напишаната листа. Сè нешто ќе ти истекне. Или па, ќе има попуст, специјална акција, па и тоа на што никогаш не си помислил, сега очајно ти треба како да животот ти зависи од него. Сеедно, си го купуваш, еднаш се живее….
Освен шопинг листа, си правиш и must do листа. Всушност, не разбирам, зошто некои луѓе се против must do? Ок, по малку е застарен методот, сега можеш да си напишеш планер или роковник во телефон, и го правиш тоа, само што се чувствуваш подобро кога истото ти е напишано на лист хартија. И так, залепено на огледало, и ај сега да те видам не забележи го! Неодамна, во книга во која авторот советува како навремено да си ги извршиме обврските, доживеав вистинско откровение (добро, не до толку, само сакам да преувеличувам). Патем, книгата се вика Getting Things Done: The Art of Stress – Free Productivity, во случај да сакате да си ја прочитате. Во ред се must do листите, навиката сама по себе не е лоша. Она што е погрешно е начинот на кој ги правиме. На пример, нема да напишеш само она што треба да го завршиш, туку ќе го напишеш и начинот на кој истото би било направено. Па така, наместо Проектот да ти биде готов до петок, со три извичници на крај, пишуваш: собери материјали, договори се за консултација со професорката, напиши драфт и сл. Супер, сега знаеме како правилно да ги составуваме. Ама пак има проблем, во многу случаеви пак се јавува она познатото ОД ПОНЕДЕЛНИК. Е веќе, аман! А во понеделник наутро, обично изгледаме вака:Понеделник е нешто како магичен ден. Ден кога сите обврски ќе бидат извршени. Нов почеток, нова работна седмица. Демек, оние кои многу често своите обврски ги одлагаат за понеделник, биле неодговорни, речиси никогаш не ги исполнувале… Како да не! Па јас не кажав точно на кој понеделник мислам!
Од понеделник најчесто се започнува и диета, нешто како од понеделник има да се хранам здраво. Мижи да те мамам. Мојот прв, и до сега единствен обид за диета, (кој бил резултат на тинејџерски хормони), резултирал со јадење повеќе од половина кутија карамели. Видете, во средина имаа лешници, а јас сум само човек, обичен смртник кој не може да одолее на божественото, така што, give me a break.
А вие која обврска си ја закажавте за „од утре“?
До следното читање,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
ja ima li knigata Getting Things Done – The Art Of Stress-Free Productivity na makedonski i dokolku ja ima pod koj naslov e bidejki najcesto prevodot na naslovot e daleku od vistinskot naslov? Pozdrav
Не сум баш сигурна дали ја има на македонски. Но, доколку сакаш да ја прочиташ на англиски, повели линкче
http://transhumanism-russia.ru/documents/books/gtd/Getting_Things_Done_-_The_Art_Of_Stress-Free_Productivity.pdf
Поздрав. 🙂