Не е сѐ во очите, има нешто и во телото
Гостински пост: Високо Ц
Саботно попладне. Пред мене, капучино со пена со неминовниот цимет и мојот сопатник гoсподинот Лаптоповски. Најаден и полн енергија. Неколку маси подолу од мојата, еден дечко и една девојка. Не можам да ги слушнам, но можам да ги видам. Си мислам, ова ќе им е прво кафе. Можеби второ. Познатата напнатост, несигурност и илјадници прашања „летаа“ околу нив. Се потсетив на старата добра „Човековата душа се гледа во очите“.Само, има нешто малку повеќе од тоа сепак. Го има телото. Рацете, рамењата, нозете, главата… Или како што длабоко почитуваните господа академици милуваат да го наречат „Говорот на телото“. Е сега, да бевте со мене на кафе, ќе сфатевте зошто пишувам на оваа тема. Секако, нема да ви кажам. И додека размислувате за целата таа ситуација, дозволете ми да споделам со вас неколку „невини“ техники за флерт кои доаѓаат потсвесно, како реакција на нашите чувства.
Кај жените (комплицирани какви што сме!) секогаш се јавуваат комбинации од најмалку 3 техники, додека тоа не е случај со мажите, но и за едните и за другите важат истите. Ќе ве погледнуваат, ќе си играат со својата коса, ќе ви шепкаат, ќе стојат многу блиску до вас, ќе ве допираат. Разликата е во тоа што мажите најчесто заземаат положба на „мачомени“ истакнувајќи ја својата машкост преку подигање на градите и вовлекување на стомакот, додека жените стануваат нежни и најчесто изгледаат како да го средуваат својот изглед (ја местат косата, облеката, накитот).
Повеќе или помалку, сите го знаеме ова нели? Меѓутоа, постојат неколку сигнали кои, без оглед колку мали, сепак значат многу.
На пример, самиот поглед значи дека бара нешто поинтересно. Во вакви ситуации ви останува само да се потрудите да го вратите интересот на вас или да се повлечете и да побарате некој кој ве погледнува и потоа го спушта погледот надолу, што значи дека е заинтересиран.
Рацете пак, секогаш се земаат како бариери и заштитници на нашето тело. Па така, прекрстени раце на градите најчесто значи дека лицето се чувствува загрозено од вас или дека не му се допаѓа разговорот. Прекрстените раце не мора да значат „не сум заинтересиран“, но дефинитивно имаат негативно значење, поради што би требало да се потрудите да промените нешто.
Кога сме кај рацете, различни луѓе различно реагираат на допир. Сепак, допирањето на лакотот е секогаш прифатливо и значи „ми се допаѓаш“. Каков било допир, под или над лакотот, може погрешно да биде протолкуван.
Што се однесува до поставеноста на телото, доколку забележите дека телото на лицето спроти вас ја презема вашата положба или лицето се приближува кон вас со целото тело, значи дека е заинтересирано и обратно, доколку се повлекува или се затвора, значи дека нешто правите погрешно.
Како и да е, не би сакала да ве подучувам или да ви кажувам што да правите мои Дами и Господа. Доколку успеете да видите некој од знаците на заинтересираност кај личноста спроти вас, искористете ја. Но, немојте, кога се наоѓате во друштво со некој кој ви се допаѓа, да почнете да ги барате знаците и да заборавите зошто сте таму. Во вакви ситуации може многу лесно да случи да ги видите сопствените стравови и да предизвикате контра ефект. Опуштете се и оставете ѝ на потсвеста да работи сама! Тоа е секогаш најдобрата техника. Вашето тело ќе си ја каже вистината.
Што се однесува до вежбањето добро да читате и толкувате говор на тело, консултирајте го интернетот или некоја од книжарниците во вашиот град и ќе најдете многу интересни факти кои можат да ви помогнат. Или пак едноставно, направете го истото што го направив јас. Појдете со вашата пријателка или пријател на кафе и забавувајте се обидувајќи се да ги прочитате луѓето околу вас. Само ве молам, со почит кон нивната интима секако!
До следното читање мои драги,
На здравје неделно кафе!
Високо Ц
ПС – Дали знаевте дека кога некому нешто ќе му шепнете, кажаното најчесто се зема здраво за готово и како вистинито?
nice