Модерни суперхерои: Кои супермоќи треба да ги поседуваат младите за да преживеат во урбаната џунгла?

Модерни суперхерои: Кои супермоќи треба да ги поседуваат младите за да преживеат во урбаната џунгла?

Алармот ѕвони. Уште не се ни разденило целосно. Се надевате дека се работи за некаква грешка и сонливо погледнувате во саатот. Не, нема грешка. Време е за будење! Сте поспале едвај 5 часа и од вас се очекува да го започнете денот одморени, насмеани и полни со елан. Во глава веднаш почнуваат да ви се вртат сите обврски што ги имате за дента и ви се стемнува уште повеќе. По беспомошното ѕверење во таванот, ситуацијата станува критична и мора да станете ако не сакате да задоцните.

Модерни суперхерои: Кои супермоќи треба да ги поседуваат младите за да преживеат во урбаната џунгла?

Доцните. Гужва во сообраќај. Знаевте дека ќе ја фатите. Можеби не требаше да ѕверите во таванот толку долго? Сите се нешто нервозни на работа, а и шефот станал на лева нога. Колешката повторно „заборавила“ да ви пренесе дека имате состанок во 10.00. Работните задачи непрестајно се натрупуваат и сфаќате дека 8 часа нема да ви бидат доволни за да завршите сѐ. Не смеете ни да помислите на кафе пауза иако очајно ви треба!

Повторно останавте прекувремено на работа. Па и гужвата за назад… Требаше директно после работа да одите во сала за вежбање. Добро, ништо страшно, ќе стигнете дома, ќе земете и опрема и повторно ќе излезете. Но, креветот има поинакви планови за вас. Ве стиснал толку силно што нема никакви намери да ве пушти. Не му противречите многу. Здравје, наредна недела ќе си земете опрема со себе на работа.

Отворате очи растревожено. „Која година сме? Леле, задоцнив за на работа! Кај ми е телефонот? Ух, добро е! Попладне е, сум дремнал/а еден саат. Леле, не! Доцнам на часови по германски!“. Уште еден стресен почеток во текот на денот. „Кој ѓавол ме натера да се запишам на германски?“, си мислите. Но, тогаш ви текнува дека без германски нема да можете да напредувате во кариерата, нема да можете да си заминете од државава и со последни сили се измолкнувате од креветот.

Aufwiedersehen… Тоа можеби е единствениот германски збор што знаете да го изговорите. Додека да трепнете дошло 20.00 часот. Сега конечно можете да си одите дома и да се опуштите со омилената серија. Или сепак не… „Дај не си фер, од кога не сме се виделе? Една пијачка само! Имам да ти кажам нешто многу важно!“, гласот на вашата пријателка одекнува од телефонската слушалка. Како да одолеете?! Си ветувате сами на себе дека навистина ќе испиете една пијачка и ќе си легнете порано.

3 часа подоцна

Модерни суперхерои: Кои супермоќи треба да ги поседуваат младите за да преживеат во урбаната џунгла?

2 часа по полноќ. Брзо во кревет да отспиете колку-толку! Ух, што било убаво да се испружат нозе после таков ден. Креветот ве прегрнува, вие му ја возвраќате љубовта и подготвени сте да потонете во длабок сон. „Леле, ја заборавив презентацијата за на работа!“. Паника! Се нервирате. Лути сте сами на себе за тоа што повторно сте заглавиле. Ви се плаче. По полчасовната агонија, се прибирате и решавате дека ќе поспиете 2 часа и ќе станете порано пред работа за да ја сработите презентацијата. Ви успеа планот?

Вака отприлика изгледа денот на речиси секој вработен млад човек во денешно време. Урбаното општество ни наметнува толку брзо темпо на живот што речиси е невозможно да се следи, а да се задржи здравиот разум. Од еден успешен, амбициозен млад човек се очекува да работи 8 часа дневно, да води здрав живот, да вежба, да се надградува себеси, да учи нови работи, да спие 8 часа и истовремено да има широк круг на пријатели со кои редовно ќе одржува контакт. Но, денот има само 24 часа. Велат дека добрата организација на времето е клучот за успехот. Меѓутоа, полесно е тоа да се каже отколку да се направи.

Неспособноста да се исполнат сите животни очекувања може да доведе до голема фрустрација. И тоа е нормално, бидејќи од младите се очекува да бидат суперхерои за да опстанат! Но, на сите суперхерои им требаат и супермоќи! Па, кои супермоќи треба да ги поседува еден млад човек за да преживее во урбаната џунгла?

Модерни суперхерои: Кои супермоќи треба да ги поседуваат младите за да преживеат во урбаната џунгла?

Телепортација

Ова можеби е најважната супермоќ што еден млад човек треба да ја поседува! Замислете си колку би било убаво да станувате еден час подоцна за на работа или подолго да уживате во утринското кафе, знаејќи дека можете да стигнете таму за секунда! Ќе ги одбегнувате гужвите, ќе се поштедите од нервозите, ќе имате време за себе и повеќе нема да имате изговори зошто не сте отишле во салата за вежбање!

Читање мисли

Луѓето денес се многу лицемерни. Малкумина го кажуваат она што го мислат. Никогаш не можете да знаете што навистина мисли некој за вас. Колешката што секој ден ве дочекува со кафе на работа можеби ви кова планови за саботажа во слободно време. Многу би било корисно кога би можеле да прочитате нечии мисли и да дознаете кои ви се вистинските пријатели. Тоа би ви заштедило многу време и енергија!

Брзо полнење на батериите

Кога сме веќе кај енергијата, супер би било кога би ви биле доволни само неколку часа спиење за да се чувствувате одморени и наспани. Кој може да одвои цели 8 часа од животот за спиење? Знаете ли што сѐ можете да пропуштите за време на тие 8 часа? Најверојатно ништо посебно, но вашата потреба да бидете вклучени во сѐ ве тера да мислите така.

Ширење позитивна енергија

Стигнувате на работа и веднаш ве пречекуваат намуртените лица на колегите. Колку и да сте биле насмеани, нивниот мрак паѓа и на вашето ведро расположение. Се прашувате зошто моќта на позитивните вибрации не е поголема од моќта на негативните. Колку би било убаво кога би можеле магично да го промените тоа!

Брзо учење и извонредна меморија

Ви требаат неколку години за да го усовршите германскиот јазик. Кој има толку време и волја?! Зар не би било подобро кога би можеле да научите сѐ што треба да знаете за неколку месеци? Замислете си колку многу вештини би можеле да усовршите кога не би ви требало толку време за учење и помнење! Сакате да научите салса? За неполни 3 месеци вие станувате професионални танчари! Отсекогаш сте сонувале да свирите гитара? Вашиот сон станува реалност и за 1 месец станувате идниот Џими Хендрикс! Животот би ни бил многу полесен и повозбудлив кога би ја имале оваа супермоќ!

Модерни суперхерои: Кои супермоќи треба да ги поседуваат младите за да преживеат во урбаната џунгла?

Дали се согласувате дека младите луѓе треба да ги поседуваат овие супермоќи за да опстанат во денешното општество и да бидат успешни? Дали вашата ситуација ви делува безнадежно? Не очајувајте! Добрите вести се тоа што во секој од нас се крие по еден суперхерој! Исто како што сите суперхерои поседуваат различни супермоќи, така и ние поседуваме различни таленти и вештини. Некои од нас одлично знаат да управуваат со своето време и никогаш не доцнат. Некои луѓе не дозволуваат да им влијае туѓото расположение и постојано се насмеани и покрај негативната атмосфера што владее околу нив. Некои, пак, навистина многу брзо учат и никогаш не ги забораваат важните информации.

Сите ние сме различни и сите се справуваме на различен начин со животните предизвици. Сите сме посебни и сите сме суперхерои во некои животни области. Не можеме да бидеме совршени и не можеме да исполниме сечии очекувања, но тоа е сосема во ред! Во тоа лежи убавината на секој од нас. Понекогаш не можете да влијаете на работите што ви се случуваат, но можете да направите едно нешто. Можете да не се нервирате. Доцните на работа? Не се нервирајте, ќе стигнете. Учењето странски јазик ви оди тешко? Не се нервирајте, ќе научите. Се лутите сами на себе што не сте си легнале порано? Не се нервирајте, и тоа се случува.

Опуштете се и уживајте! Притисокот што го наметнува брзото темпо на живеење ќе биде огромен ако постојано се нервирате. Најважно е да бидете присутни во моментот и да уживате во секоја секунда од животот. Тоа е единствената супермоќ што ви треба!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар