Поезија: Љубопитност – пронајдок – почеток…
Автор: Страхил Тодоров
Јас седев на терасата од викендицата,
со прекрстени нозе ја рушев монотонијата на просторот…
Твоето име беше дел од телефонскиот именик,
и со фотографијата од тебе,
лево од бројот и личните детали
значеше само технолошко достигнување,
и дотогаш ништо повеќе.
Додека столетната врба, на чие стебло
беа изгравирани две имиња од различен род,
преку летното шумолење ме молеше
да ја одгатнам откриената тајна, вистината за нас,
јас, започнав да ја плетам
историјата на една судбина,
на едно внатрешно чувство,
на една фотографија од телефонскиот именик.
Тогаш бев своевиден инспектор,
активен слушател на пасивниот исказ –
вербален цртеж на твојата хемија,
чија формула завладеа со мојот ум.
Испитаникот го слушав енергично,
небаре сум создавач на човечката концентрација
која ми помогна да восприемам сè што ми требаше,
сè што беше до тебе, со тебе, во тебе…
По природа, верував во чуда,
мечтаев да откријам нова планета.
Се трудев да се убедам самиот себеси
во тој момент на предизвик,
да го наградам моето тажно его
со зрак на можна судбинска надеж.
Бев подготвен да се соочам со тебе,
со вистината од фотографијата,
со едноставноста на цифрите од бројот,
со комплексноста на твоето име лесно за запомнување.
Бев сигурен дека вистинската ТИ,
некогаш, некаде, пред некого, а најдобро пред мене
ќе се појавиш таква каква што беше во сонот –
невиното човечко суштество
чија фотографија беше во телефонскиот именик.