Летна авантура и детелина со 4 листа
Пред некој ден седнав на кафе и по некоја случајност јас стигнав порано, пријателката која ја чекав доцнеше. Одмарав и се ладев од жештината која се створи во мене затоа што доаѓав со точак. Порачав кафе и сок, по некое време и тие стигнаа и се задлабочив со погледот некаде во далечината. Сакала јас или не, муабетот од соседната маса ми го привлече вниманието. Две девојки зборуваа за тоа како им минува летово и дека сакале да помине. Зборуваа дека ќе одат на одмор на место на кое и не толку многу сакаат да одат, како сакале тиркизни бикини, а не розови. Како имале шанса да отидат на EXIT, но поради некаква причина не отишле.
Тука се исклучив од нивниот муабет и почна да зборува нешто во мене, ми велеше: Ако ти се оди на одмор со тиркизни бикини тогаш оди на одмор со тиркизни бикини. Немаш доволно пари и немаш сместување? И тоа е во ред, биди авантурист, сигурно ќе излезе некоја комбинација. Ако имаш шанса да одиш на EXIT тогаш зошто да ја пропуштиш? Имаш 20 години и сè ти е на дланка, само треба да се запрашаш ШТО ТЕ ПРАВИ СРЕЌЕН? – и цели право кон тоа.
Тоа е првото прашање, а потоа следат илјадници одговори, за многу обични и необични работи, за сите ваши стравови и сласти. Запознајте се себеси преку авантури, зграпчете ги авантурите и борете се за вашата среќа.
Ако претходно сте имале страв од возење на мотор, летање со авион, сега е времето тоа да го пребродите. Не оставајте за утре, сè додека велите „не сега“, времето минува и еден ден ќе се свртите зад себе и ќе видите дека веќе не можете да направите некои работи што порано сте можеле, но не сте се обиделе.
Мислите дека ова лето би било „ТОП“ да се офарбате виолетова, макар и со колор шампон, тогаш сторете го тоа. Не грижете се што ќе речат другите, победете ги нивните скептични коментари со широка насмевка. На оние кои вистински ве сакаат ќе им бидете поубава токму поради таа насмевка.
Сакате нова љубов? Тогаш што чекате, забавувајте се! Има толку многу луѓе на светов, не може ниту еден да не ви е погоден. Ако веќе сте зафатени и не сте задоволни, тогаш подобро прекинете ја таа љубов која ве гуши и најдете нова и свежа. Но, не го правете тоа на болен начин, не треба никој да биде повреден за вие да стигнете до вашата среќа.
Подарувајте многу љубов и насмевки, тие ќе ви се вратат. Од вашиот плакар тргнете ги темните бои и заменете ги со весели, свежи и јаки. Истакнете ги позитивните особини на вашиот карактер. Осмелете се, не запирајте, не се врзувајте премногу и по ништо не жалете предолго. Запомнете, ништо не е вечно, ниту парите, ниту луѓето, ниту вашата младост.
Можеби ова е единствен пат да сме биле одбрани на животната лотарија и да имаме среќа да чекориме по земјава. Затоа зграпчете го секој миг, затоа што тој се случува само еднаш, сега и тука. Прашувајте за сè што ве интересира, пробувајте, експериментирајте, сега е времето за стекнување искуства и авантури. Излегувајте, дружете се, запознавајте нови луѓе, создавајте нови пријателства, сочувајте ги старите. Направете по нешто убаво за вашите пријатели и роднини, некоја мала ситница која ќе донесе многу позитивна енергија. Не заборавајте дека среќата е во обичните работи – работи кои ни се случуваат секојдневно додека ние се жалиме дека немаме среќа.
И така, додека водев дискусија со самата себе, во далечината забележав дека пријателката доаѓа, потоа ми излезе таа од фокусот на видното поле и погледот ми застана во една саксија каде никнала детелина со четири листа. Ми се смееше и ме довикуваше. А јас знаев дека ова е моето среќно авантуристичко лето. Време е и вие да го направите вашето.