Конфузии и дилеми – мистеријата на првиот состанок
По малку нервозно шмркам од кафето навлегувајќи во една тема за размислување. Стојам и гледам во празно, како некој чудак, Бог знае како изгледам од страна… Си мислам колку би било добро да си имаме прирачници за однесување. Не зборам за бонтон или некакви културни изрази на највисоко ниво, туку за она најобичното секојдневие. Сите оние „непишани правила“ да си бидат запишани некаде и тоа нека се продава како книга, како прирачник, како правилник…
Постојат купишта текстови кои те советуваат за одредени теми, конкретно она за што јас размислувам во последно време – првите состаноци. И јас самата сум пишувала совети за првиот состанок, но сето тоа применето во пракса не е толку едноставно, признавам. Ниту во тоа што јас сум го пишувала, ниту во еден куп други текстови кои сум ги читала, не е јасно кажано за очекувањата од првиот состанок и како тој треба да заврши. Некои си експерти ќе набројат одредени изрази, движења со телото и знаци кои покажуваат одобрување, но од кај да знаеш дека тоа е тоа? А најчесто ова паѓа на товар на мажите.
Што очекуваме од првиот состанок? Мажите со сигурност очекуваат секс, или не? Во ред, можеби и други работи им се значајни, но пред сè – секс! А жените? Најверојатно бакнеж за добра ноќ… И колку всушност тој прв состанок може да биде опуштен? Јас би рекла дека не поминува баш во најопуштена атмосфера, зашто се ставаме под притисок да импресионираме некого. Свесно или не, без разлика дали ќе признаеме, нашата цел е таа – да импресионираме и бидеме импресионирани.
Најлошиот совет за прв состанок – бидете свои! Всушност тоа воопшто не е некој совет, ни за првиот состанок ниту за што било во животот. Според мене, кога некој ќе ти го рече ова, нема многу време да се занимава со тебе – Биди свој, и тоа е тоа! Да, сигурно, е тикви е тоа тоа! Не велам дека треба да бидеме големи хипокрити, лажливци и преправачи, но мора да имаш одредена доза на претпазливост и да не се откриваш целосно. Ако уште веднаш си ја соголиш душата пред некого, готово е – ти ја откри „цаката“ и нема бегање. Плус, да бидеш свој значи и откривање на твоите луди страни, а не секој може да ги поднесе доколку не те познава добро. Затоа мафнете го овој совет, не бидете свои, бидете претпазливи, вистински ќе ве запознае оној кој ќе го заслужи тоа. Но не навлегувајте во преправање дека сте нешто што ни од далеку не сте!
Е сега, како ќе заврши состанокот, тоа е веќе дилема, па и трилема, и колку повеќе му ја мислиш, толку позафркнато излегува. Сигурно сте се соочиле со ситуација каде од авион се гледа колку и на двете страни им е непријатно при поттикнувањето на тој фамозен „прв чекор“. На мажите, кои отсекогаш сум ги сметала за визуелисти и фантазери, се обложувам дека сè и сешто им се врти во умот. Додека ти им зборуваш за твоето омилено хоби, во нивните мисли сте заедно во кревет. Па така е, да не се лажеме, не сме деца. А во денешно време како да сме уморни од излегување и запознавање, од правење муабет, па веднаш преминуваме на „главното“, како да ќе ни избега возот. Но дали ние жените сме така добри и наивни и колку храброст ù треба на жената за да го преземе првиот чекор, да даде до знаење дека е подготвена за нешто повеќе? Е не е исто со мажите и жените. Се сеќавате на зборовите на Кери Бредшо во „Сексот и градот“?
„Кога мажите употребуваат храбри потези, тоа се смета за романтично, а кога жените го прават тоа, тие изгледаат очајно.“
И навистина е така, а мажите се подготвени на толку многу работи за да го добијат посакуваното. Кога жената се стреми кон она што таа го посакува тоа веќе е друга приказна. Јас би предложила да почнеме храбро да си ги преземаме првите чекори, ама со онаа наша женственост и самоувереност, кај ќе бегаат тогаш?
И како да се заврши тој фамозен прв состанок, и што после него? Јас би советувала да не се презема пребрзо првиот чекор. Другата страна може да биде несигурна или да оформи погрешно мислење за вас. Но ако го одложувате, со сигурност ќе останете во онаа фаза на пријатели. Никако не ја бива… И што правиме сега, ќе ни треба тој прирачник кој го споменав на почетокот? Ма не, вака ни е позабавно. И да избрзаме можеме да се повлечеме, да си кажеме шега на наша сметка… а ако ни се завлечкаат работите ќе ги убрзаме. Некогаш без никакви финти и скриени знаци отворено ќе си позборуваме, картите на маса и тоа е тоа! Ништо страшно! Значи, намерно ја оставаме оваа конфузија околу првиот состанок неразрешена, чисто онака за да ни биде поинтересно.
Сега кафето можеме на раат да го пиеме и да не му ја мислиме многу, што бидне нека бидне.
До следното читање, она што јас ви го посакувам е успешен прв состанок. 🙂
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Sepak ne go otkriv 4ekorot.. koj sto treba da se napravi na prviot sostanok… ili i vie ne znaete.. pa samo si pisuvate storii.. kolku da se kaze.. eve jas napraviv… storija.. i ke a zakacam na sajtot… pa neka mu a mislat.. tie sto treba da pravat.. E tuka ste greska.. koga se pocnuva nesto .. se zavrsuva go kraj.. A jas ovde ne go procitav Krajot….
mng glupa zenska statija … imas sosema pogresno mislenje za maskite … ako masko nosi nekoja na prv date , ne ja nosi za sex , i ne misli samo na nea vo krevet … za sex i za krevet se znae kaj se zapoznavaat devojki i kako se odviva toa uz drustvo uz mng alkohol itd itd … koa se odi na date , voopsto ne e sex vo prasanje …