Комшии

Комшии

Автор: Тамара

Ги поздравувате од сабајле или си замислувате дека се невидливи?

Има комшии што повеќе дремат искривени до клучалка отколку што гледаат телевизор. И сабајле во 4 саат: „Леле ете го пак, само носи некои девојки по дома, леле ете го пак со овие од кафената зграда, леле види го уште пиво носи.“ И сабајле на мајка ти ѝ вели: „Абе се врати тој… беше 4 саатот и 47 минути. И така со уште двајца, високи едни, абе пијани што да ти кажувам, ама и со девојки. Абе секој викенд само различни си носи.“ Не зафркавај!

Комшии

Има комшии што имаат по 45.879.487.521 мачки по дома. Уствари ни тие не знаат колку мачки имаат. И цел ден слушаш Виенски концерт.

Обавезно, некоја баба седи цел ден до прозор. На неа секогаш ѝ е досадно. Таа чека некого од партија да ѝ донесе локум и кафе, плус пенкалце за крстозбор и нормално да се пожали колку лоши времиња дошле и да му ја раскаже целата нејзина биографија. Таа секогаш знае кога некој има у ходник и таман некој се спрема да излезе и оваа се црта пред врата: „Леле синко, ладно денеска, кажаа минус 5 ќе било. Ѕиври имаш облечено? Чекај да видам.“ И доаѓа, ја пика раката под фармерки. А овој се брза, доцни, нервозен, ама мора да биде културен и да издржи зашто бабава му дава по некој денар од нејзината пензија. „Леле не носиш! А долна маичка? Ни тоа? Абре дете, морам да зборувам со татко ти. А парички си имаш? – Хмм… па немам. – Еве ајде две стотки земи. – Фала!“ И овој цвета. За 200 денари ќе се жртвува.

А друга приказна е ако баба ти и дедо ти седат стан спроти твојот. Сабајле во 7 саат, носи сарма, мусака, гравче, спанаќ. И само ѕвони на телефон и се жали зошто уште сармата од пред една недела никој не ја изел. Кога не знаеш да готвиш така ти е.

Добивам впечаток дека куќиве и зградиве се направени од хартија. Добро сега повеќе ставаат гипс картон отколку цигли. СЕКОЈА НЕДЕЛА. САБАЈЛЕ. СААТ: 7: „Јутро је, јутро је, кад те нема боље да се ни сам ни пробудила…“ И во позадина расипана правосмукална што брмчи како трактор! Има и некои што се учат да свират пијано, евентуално труба. И штрака по клавишите или белите дробови си ги остава во трубата. Тоа вади од такт. Исто така може да се слушне (попуштено до даска): „Каан душо, изеди си ги јајцата“. Нема потреба да пушташ телевизор, пренос во живо од кај комшијата. Пфф…. бизнис вести, временска прогноза, прељубници, Фокслајф, само да бираш на кој звук од телевизор да се сконцентрираш. И плус знаеш у колку саат има реклами, еве реклама за Вендоксин секој ден на Канал 5, пред вести во 15.00. Не дека некој сака да запамти, комшиите тоа го наложуваат.

И секако мора да има по некој стан и за: козметичко студио, извршител, адвокат, стоматолошка ординација, центар за странски јазици, невладини организации, фризерници.

Има и такви комшичиња што мислат дека се Полат Алендар и снимаат клипчиња, со пластични пиштоли, чорапи на глави и прават салта по цела зграда. И нормално после ќе се видиш во позадина на видеото на Јутјуб како во пижами фрлаш ѓубре.

А посебна приказна се комшиите кои не знаат „здраво“ да кажат, а доаѓаат на врата и замараат за австриски, шпански и португалски осигурувања. И дреме саат и пол, црта некои множества и графикони. И вели:„Значи сега е моментот, денеска е денот, утре можеби ќе биде доцна. Мораш да мислиш на твоите внуци. (Вао, а јас само 20 години имам. Ептен ме погоди, само тие ми беа на ум.) Твојата пензија може да изнесува и до 3.000 евра! (Не зафркавај) Сигурни сме дека сакаш да бидеш финансиски независна, ако се приклучиш многу ќе добиеш, ние ова веќе 3 години го работиме.“ И после тоа ќе ја чуеш на телефон: „Мама, немав пари да си ставам кредит, ај кажи му на тато да дојде да ме земе!“ Чекај малце, нели финансиски независна, нели многу добиваш?

Има и по некој транс-металец-поп-турбофолкер. Тој прави журки. Сам со звучниците!

Љубопитни:

„Абе ти велам купија автомобил, само го кријат во гаражана, не сакаат да нѐ частат по едно ракијче.“

„Ти велам го влече куферот секоја недела нагоре-надоле. Што прави, кај оди? Којзнае.“

„Пред вратата имаа милион оставени кондури, имаше и по некои Најк. Јас колку што избројав 16 пара имаше. Каде тие во двособен стан ќе соберат толку луѓе?“

„ЛЕЛЕ, вчера ја видов, беше 18.14, онаа испупчената од втор спрат, ја остави бело југо пред зграда. Абе сигурно ѝ е швалер тој. ЦЦЦЦЦ, како не ѝ е срам, 4 деца има.“

„Чекај, нели овие се разведени и сега во вторникот требаше децава да дојдат. Обично кај 9 саат ги носат. Со црниот џип. Сега е четврток. И зошто толку рано ги донесе, и тоа со црвеното Пунто.“

Има и комшии што си играат мајтап и што оговараат. Има и такви што бараат помош, а кога треба да помогнат ги нема нигде: „Комши, дојди да цепиме дрва! Комши ај пиперки да лупиме, нема многу, само 15 кила. Комши ај дојди да фарбаме прозори. КОМШИЈА АЈДЕ ЧАО!“

Пример, има комшии што доаѓаат на гости само за да го окупираат компјутерот и да се вклучат на Фејсбук. Добро немаш интернет дома? Јас затоа ли те викнав, да ми покажуваш Бојан какви слики имал со девојка му, гајле ми е! А има и такви што пишуваат на Фејсбук и тврдат дека ти се комшии, а уствари седи 5 километри подалеку од тебе: „Те гледам секој ден, сабајле со такси поминуваш кај мојата куќа, вчера го носеше црвеното палто. И што реши, ќе дојдеш на кафе? Имам нов тросед.“ Браво. Ептен добро ја еволуира темата: Ми се свиѓаш. -.-

Има комшии што ти се пикаат, ти прават муабет, ти делат комплименти само кога тоа им оди во нивна полза. Пример, има такви што имаат по 10 каталози од Авон или Орифлејм и ги делат како бонбончиња по комшии: „Со оваа пудра ќе се чувствуваш како принцеза, со овој шампон нема да мораш да ја миеш косата по една недела, леле, а оваа крема за брчки, за десетина години ќе те подмлади, а тоалетнава вода е перфектна за вечера на јахта.“ Не, не е точно. Од пудрата ми излезе црвенило, кои брчки жено гледаш едвај 20 имам. Која вечера, која јахта. Кога сакам ќе ставам, ти ќе ми кажуваш. Една недела? Со тој шампон ни еден ден не е како што треба.

Комшиите што по цел ден се караат. Е од нив нема спас. Тие се слушаат низ цело маало: „Лелее ти ма пак го тресеш врз нас чаршавот, аууу види врз моите цвеќиња. Леле кога ќе ти се качам горе!“ Или пак: „Ти реков ли, пак двојки наредил, аман бе синко, лаптоп доби, веспа доби, Ајфон доби, што сакаш уште од нас, абе учи синко, сега ви е бесплатно образованието, ако не ќе продаваш патлиџани на пазар!

Едноставно, тоа се комшиите. 🙂



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Can-C Eye Drops Reply

    —– Двајца кумановски сељаци копаат дупка за да направат веце. Арно ама, си рекле дека секој што ќе ги праша што прават ќе му кажат дека копаат амбар, за да не ги бие срамота. И така доаѓаат комшиите и гледаат: – Што правите бе комшии ? – Еве, копамо за да правимо амбар. Арно ама еден од сељаците забележал дека дупката не за тоа што тие рекле решил да ги зафркне. Еден ден дошол и ги видел двајцата како работат и ги прашал: – Здраво комшије? Што ми правите? – Еве, амбар правимо. – Ако, све што ставите у њега, са здравје да си га изедете.

  2. Стефан Reply

    Делумен автор Тамара, делумен автор Маријан Ѓорѓиевски

Остави коментар