Колку кафиња до „вистинскиот“?

Колку кафиња до „вистинскиот“?

Едните од Марс, другите од Венера, дали навистина сме толку различни? Додека мажите гледаат фудбал и зборуваат за коли, ние жените пиеме кафе и зборуваме за мажи. Зарем тоа ни е главна преокупација? Зошто ние толку се трудиме да го разбереме тој машки свет, додека мажите не се трудат воопшто, или пак одамна целиот машки род кренал раце од обидувањето да ги разбере жените и нивното однесување?

Колку кафиња до „вистинскиот“?

Ние жените сме едни комплицирани суштества со синдромот „не знам што сакам, ама мора да го имам“! На пример, таа има супер дечко, ѝ оди по ќеф, ѝ пишува романтични песни, ете накратко да речеме, прави буквално сè што таа сака, ама за брзо ќе ѝ здодее. Зошто жените тврдат дека бараат некој грижлив и внимателен, кога речиси секогаш одбираат некој со став на лошо момче? Цел живот ќе трага по тој кој е лудо вљубен во неа, кој ќе ја чува како капка роса на дланка ама ништо, ако не ја третира како знаете што, ќе ѝ здодее. Е ај сега да те видам, погоди ни. Секако дека има и исклучоци, ама ќе се дрзнам овој пат сите да одиме во ист кош. Моето мислење е дека општо ние луѓето сме такви, не знаеме да цениме нешто додека не го изгубиме…

Друга работа, во случај да сакате да го сфатите женскиот мозок, треба да знаете дека ние сме заљубени во љубовта. Ни треба тоа чувство на грижа и заштита, што впрочем и не е воопшто лошо самото по себе. Нам ни треба тој некој кој ќе ни посака добра ноќ и таа „совршена“ врска и сите оние работи кои вообичаено ги прават паровите. Ние жените, колку и да не признаваме, сите сме непоправливи романтичарки, само некои повеќе, а други помалку. Но, една од најголемите грешки што ги правиме, остануваме со некого бидејќи сме заљубени во нашата врска, а не во личноста. Просто копнееме по таа сигурност. Постојат девојки кои остануваат во една врска мислејќи дека немаат излез, дека би било тешко да најдат друг, дека нема да го преживеат оној период кога никој нема да им посака добра ноќ, што, според мене, е чиста глупост и знак на несигурност.

Општо луѓето, за жал, најчесто врските од минатото ги категоризираат како грешки. А животот со инструкции доаѓа? Ако е така, јас со сигурност сум ги заборавила, или некој таму рекол, „нека се снаоѓа сама, да си се посмееме малку“. И да ви кажам најискрено, стварно испаднав забавна. Шега на страна, грешките мора да се прават, ако не правиме грешки ќе бидеме глупави и неискусни. Не може таа да ти била грешка, таа те научила на важна животна лекција, или врската со тоа момче ти е огромно искуство кое те подготвило да бидеш таква каква што си за во наредната врска. Си доаѓаат луѓето со причина, работите се случуваат со некаква намера, можеби сè е игра на судбината. Постои огромна разлика меѓу поимите „грешка“ и „искуство“.

Прашањето ми е, колку кафиња, состаноци и вечери има до совршениот? Дали воопшто постои тој некој господин СОВРШЕН и дали е само еден, можеби имаме повеќе „совршени“ во нашиот живот? Можеби се совршени за одреден период. И што ако го „утнеш“ совршениот? Погрешен тајминг, место и ситуација и готово, чао-пријатно, не си се погодивме.

Ние жените знаеме и тоа како да се замараме во врска со ова прашање. Отвораме дискусии, развиваме полемики, кажуваме мислења, дебатираме… Знаете што, па ние многу се замараме! Тоа е главниот проблем. Можеби треба да оставиме работите едноставно да си течат. Секогаш кога многу се замараш не излегува на арно. И многу мислење не чини… А што ако премногу му придаваме значење на тој возвишен поим „совршен“? Зошто најголемиот дел од жените не трагаат толку по совршените пријателства, колку по совршените дечковци? Логично ли е што многу повеќе ќе се „испозамараме“ за „совршениот“ маж, отколку за совршената кариера, на пример?

Сè е убаво, и врските, и љубовта, и пријателствата, и не би требало да се одречеме од која било од тие работи. Само што некогаш, едноставно треба да се опуштиме и да не се преоптоваруваме мислејќи на поимите како „совршен принц на бел коњ“, наметнати од сказните. На крајот на краиштата, ова е вистински живот, каде никој нема да ве затвори на врвот од кулата, сè додека еден ден по гулаб не ви стигне писмо од вашиот принц. Нашите животи се далеку покомплицирани, ама најискрено, и многу поинтересни.

До следното читање,

Вашата Ели.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. nate Reply

    Bravo Eli

Остави коментар