Кого повеќе сакаш, мајка ти или татко ти?

Кого повеќе сакаш, мајка ти или татко ти?

Ако живееме во општество каде оригиналностa не постои и веќе сè е измислено од претходно, дали тоа значи дека сенешто треба да етикетираме и генерализираме?

Точно е дека сите литературни па и општо, уметнички теми се веќе некаде употребени, точно е дека овој свет ретко што може да го зачуди, точно е дека веќе одамна шетаме со железни ракавици, но дали тоа значи дека уште од „прва рака“ треба да осудуваме и да категоризираме? Денешново општество се среќава со секаков вид стереотипизација за другоста. Сè она што потсетува на нешто друго веднаш треба да се етикетира според некој одреден шаблон.

Да започнеме од наједноставното – девојките со „плава“ коса мора да се глупави? Или пак вицовите се виновни за ваквите ограничувања? Црногорците се многу мрзливи, Русите многу пијат, а пак северните народи се многу ладни како нација. А што ако се појави Русин кој не пие, или пие во нормални количини, што ако се појави скандинавец кој ќе ви се најде во тежок момент кога јужњаците како претставници на сите топли и љубопитни народи ќе ви го завртат грбот и нема да се интересираат за вашата приказна?

Кога ќе сфатиме дека поделбата на групи создава големи општествени проблеми, во системот, во законите, расни и полови поделби? Поради стереотипизацијата за тоа дека сите кои имаат црна кожа мора да работат како робови, и денеска светот ги трпи последиците од тој ужасен стереотип кој се провлекувал со години.

1-Kogo-povekje-sakash-majka-ti-ili-tatko-ti-kafepauza.mk

Супериорноста на мажот врз жената е проблем кој трае со векови. Денеска сè уште не можеме да ја отфрлиме поделбата на машки и женски работни задачи, децата се учат дека има машки и женски бои, машки и женски игри. Не, светот е еднаков за сите, сите мора да работиме подеднакво за подеднакво добро на сите. Не ми го скратувајте опсегот на спектарот на боите со категоризација на мое и твое, машко и женско. Сината е одлична, зелената е смирувачка, црвената – енергична, виолетовата е елегантна, црната не ме асоцира на ништо тешко и мрачно, а белата не ме потсетува на среќа. Затоа оставете ги боите настрана и не ги осакатувајте со едноставни шаблони. Тие имаат свои нијанси и спектар кој ние луѓето не сме доволно совршени за да го видиме во целост. На децата не им ги скратувајте игрите, а со тоа не им го осакатувајте и слободниот ум, кој низ различни машини на општеството станува вкалапен и избрусен токму онака како што налага системот во одредена заедница. Зошто женските деца да не играат фудбал со машките, а машките да не играат фризери, шминкери, домаќини и многу други игри кои се дел од детската бескрајна имагинација?

Една најголема траума од детството ми беше кога ќе дојдеа некои постари чичковци со мустаќи и некои предотерани тетки кои мислеа дека се суперзабавни и ќе ме прашаа: „А ти кого повеќе сакаш, мајка ти или татко ти?“ Може ли да не ме тероризирате со такви поделби? Зошто ме ставате под таков неблагодарен притисок да морам да одбирам помеѓу мајка ми и татко ми? Зошто мора ако сум ќерка да бидам „мамина маза“ или па „татина принцеза“? Не, јас сум ќерка на двајца родители. Престанете да ме ставате во некакви базени од категоризирани луѓе кои не се гледаат како индивидуи туку како редни броеви. Може ли на работите да гледам со релативитет или мора сè да биде црно-бело? Ако е „НЕ“ во спротива мора да е „ДА“? Јас сакам да зборувам за чувства, за нијанси, за широки погледи, апсолутно не ме засега бојата на кожата, ниту политичката определба, ниту возраста, ниту полот, сè додека се наоѓаме на иста фреквенција за еднаквоста на разликите. Не ги сакам изопачените слики, односно карикатурите за некого кого не го познаваме ниту цел саат. Првичната слика, со сите нејзини референци кои упатуваат на некаков портрет, за другиот е само едно мало парче од животот на индивидуата.

И токму поради тоа не треба секое машко кое се грижи за својот изглед по дифолт да биде геј, не треба алиштата да се показател за нечија мисловна и духовна содржина. И кога конечно ќе се ослободиме од поделбите, тогаш и светот ќе се ослободи од големите ѕидови помеѓу луѓето. Сè дотогаш ќе можеме само да седиме да го гледаме светот како забранета зона кон другиот и да си правиме вицови за несфатливото. Но, да имаме на ум дека она што тука претставува хумор, некаде не ќе го сфатат така.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Голем гурман, обожувач на уметноста и кафехоличар. Секогаш се интересира за нови погледи на светот и затоа има немирен дух. Задолжително наоѓа слободно време кое го поминува со нејзиното домашно милениче и да се напие макар една шолја кафе со пријателките.

Поврзани содржини

  1. Katie Reply

    Одлично напишано (Y)

  2. anonimnata Reply

    prekrasno napisano no postojat mnogu luge koi ne mozat ili ne sakaat da gi vidat nijansite.

Остави коментар