Поезија: Јуни

Поезија: Јуни

Автор: Искра

ЈуниПред 6 години во јуни,
телата ни беа потенки,
душите послободни,
а грижите некако детинести.
Се соблекувавме крај ширум отворената балконска врата,
се допиравме како да ни е првпат,
се сакавме без да не оптоварува мислата за љубовта…
Сакам да е јуни
и тоа не кој било, туку оној кога го осетив она,
знаеш… истото што го осети и ти.
Сега се допираме, поретко од порано,
поинаку од порано…
Сега сме пријатели, најверни другари,
бизнис партнери и партнери во домот.
Ми недостига да грицкаме семки за 20,
да шетаме цела ноќ по Партизанска,
да ме испратиш до влезот на мојата зграда
и пешки да се вратиш до твојата.
Ми недостига да не можеш да си дозволиш роза,
но сепак да купиш една за мене со парите од твојот пропуштен оброк.
Би сакала да беше јуни,
не оној кога бев дете,
не оној кога веќе станав жена,
го сакам точно оној јуни,
кога јас и ти бевме млади, заљубени и безгрижни,
кога те сакав помалку од денес, но поубаво,
кога не мислев на иднина, туку на сегашност,
кога повеќе се смеев одошто плачев,
кога твојата љубов ја купував со мојата,
а ти мојата ја освојуваше на кредит…
Знам дека времето не оди наназад,
и дека денес можеби е дури полесно од тогаш,
но ете така, овој декември
сакав да се сетам на јуни,
не на кој било…
на оној кога бев посреќна со помалку…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Elii Reply

    се расплакав, прекрасно е!

Остави коментар