Избегав од Македонија… четири пати: Што може човек да научи кога често се сели?
Не сум ни прва ни последна што се иселила од својата родна земја, но сечија приказна е уникатна, па еве ја накусо мојата: Се преселив првпат пред 3 и пол години, не за да го барам спасот надвор од земјата, туку затоа што ни се пружи прилика со сопругот да видиме како ќе биде да се живее на друго место. Селењето не е само начин да се избега од актуелната власт, разочараниот народ и ниските плати. Тоа е воедно и можност да се искуси нова култура, да се научат многу нови работи и да се излезе од зоната на комфорот, што пак нѐ тера да си ги поместуваме сопствените граници секој ден.
Ни повеќе ни помалку, нашата прва дестинација беше Виетнам, поконкретно градот Хошимин, кој порано го имаме слушано како Сајгон. Не се секирајте, војната таму е одамна завршена. Живеев во безбедна средина со тропска клима, необично сочно овошје кое како да постои со цел да овозможи разладување и освежување во секогаш топлите денови, и мирен и насмеан народ кој во секој момент е спремен да помогне, дури и кога има навидум несовладлива јазична бариера. Жешките денови почнуваа и полесно се поднесуваа со виетнамско кафе, заради кое нашето „турско“ воопшто не ми недостасуваше. Секогаш свежо подготвено, достапно во бутици, на тезги и во мали продавничиња кои личат на трафики, со мирис кој привлекува од далеку, засладено со густо млеко и многу коцки мраз.
Убаво беше додека траеше, но заради сплет на околности после 14 месеци решивме да смениме локација, повторно менувајќи ја не само земјата туку и континентот. Слетавме во Калифорнија, во срцето на Силициумската долина, и тоа сега во комплет со нашиот мачор Тајланѓанец, но роден и израснат во Виетнам. Не можам да кажам дали Америка е навистина земјата на соништата, но Калифорнија сигурно личи така. Таму можете да живеете добро само ако добро заработувате, бидејќи животот е скап и се плаќа дури и за нешта за кои не би можеле да претпоставите. На пример, треба да одвоите минимум 50 долари месечно за кирија за вашиот миленик, кој живее со вас, во стан со една спална соба за кој веќе секако плаќате околу 3.000 долари. Се чини само воздухот е бесплатен во срцето на технолошките збиднувања. Но, секое вдишување под калифорниското сонце е бесценето – клима за секој љубител на топли денови, кои пак секогаш завршуваат со свежи ноќи за поубав сон.
Па, можете да замислите каква промена е да се напушти вечното лето за берлинските густи облаци и честите долготрајни дождови. Третата дестинација беше европска, па нормално и искуството беше попознато, некако послично на нашето, но со народ со поинаков менталитет и каде што нештата се организирани и прецизно дефинирани со правила кои сите ги почитуваат.
Да бидам искрена, ако климата не ви е проблем, не би имале причина да си заминете од Германија, посебно од прекрасниот мулти-култи Берлин. Ама нас не ни се учеше германски. 🙂 Шега на страна, околностите повторно се свртеа, приликите нѐ одведоа во Лондон, кој можеби го знаеме како врнежлив од филмовите, ама нас нѐ пречека со „пекол“ лето.
И така, сега повторно сум „надвор“, но се почесто се чувствувам како дома. Не беше отсекогаш така…
Еве што научив низ ова искуство…
Луѓето се селат од различни причини и не го доживуваат селењето на ист начин. Не се сите луѓе исти. Некои веднаш се навикнуваат и ја прифаќаат новата средина, на други им е потребно време. Некои никогаш не се навикнуваат, па одлучуваат да се вратат назад. Јас сум од оние на кои им треба малку време за да сфатат каде се наоѓаат, што да прават и како да се чувствуваат. Кога ќе се преселиш во четири различни земји во период од нешто повеќе од три години, резултатот е дека со секое следно селење станува полесно. Ако првиот пат ми требаа околу осум-девет месеци за да се почувствувам како дома, последниов пат доволни ми беа месец-два. Но, обратното се однесува на возбудата, првиот пат бев возбудена за селењето со месеци, последниов пат возбудата траеше… па, кратко.
Повеќе пари не е еднакво на повеќе среќа. Парите навистина се неопходни за да се живее пристоен живот, ама тие не можат да надоместат за сѐ друго што не чини. Ако секој ден се чувствувате како да не знаете каде се наоѓате и зошто сте таму, џабе се тие повеќе пари што ги заработувате во туѓина. Домот е таму каде што е срцето, а по некое време талкајќи низ светот, може и да не знаете каде ви е срцето. За да бидете навистина среќни со повеќе пари, потребно е да можете да се пронајдете себеси во средината во којашто сте и дури потоа да откриете како да ги трошите заработените пари. Ако ви треба време за да дојдете до таа фаза, сосема е во ред.
Животот во странство не е нужно подобар, но е различен. Различни се луѓето околу вас, не го зборуваат истиот јазик, немаат иста боја на кожата, иста култура на однесување, исти правила и закони. Па, наместо да се опседнувате со дневно-политичката ситуација во Македонија, пробувате да фатите чекор со нештата кои секојдневно се случуваат околу вас. Мора да дознаете од каде да купувате леб и млеко, како да плаќате сметки, да отворите сметка во банка, да користите јавен транспорт и слично. Мора да учите и да градите нови врски со луѓето, кои најчесто не го делат вашиот менталитет и вредности. Сите овие нови нешта ви го исполнуваат животот со нови ситуации со кои мора да научите да се справувате. Понекогаш и таму ќе се изнервирате, административниот работник и таму може да ви го уништи денот и газдата на работа да ви се „испонаша“ кога всушност не е во право. Во странство не носите фластер кој ве штити од повреди од луѓето околу вас. И таму, како и секаде, понекогаш е убаво, понекогаш не.
Удобната зона е преценета, поудобно е надвор од неа. Како некој кој сака стабилност, сигурност и познати нешта, се гордеам со себе како се износев со овие чести промени. Обожавам да седам во удобната фотелја од која секоја глетка ми е позната и секој проблем решлив. Но, фотелјата не се селеше заедно со мене. Па, со тек на време сфатив дека всушност поудобно ми е кога постојано чувствувам некоја доза на неудобност. Таа мала неудобност ме тера да се обидувам да живеам најдобро што можам. Овде не ми е ништо сервирано, за сѐ морам да го направам првиот чекор.
Животот на ново место додава содржина во животот и ја гради личноста. Знаете како погледот неконтролирано ви се вперува секогаш кога кај нас ќе видите човек од жолта или црна раса? Исто е и во земјите од каде што тие луѓе доаѓаат. Живеејќи меѓу жолти, ние белите луѓе стануваме центар на внимание на кои не им се радуваат само малите деца. Ние „дречиме“ со својата необичност, па нападните погледи, срамежливите насмевки и допирите од непознати луѓе стануваат вообичаени. Иако постои она што се вика културен шок и секому му треба различно време да ја апсорбира и потоа прифати различноста на културата околу себе, ова има и многу позитивни влијанија. Без разлика дали ќе се измешате меѓу луѓе со различна боја на кожата или различна култура, религија, менталитет… вие примате нешто од нив и учите да живеете со различното. А, тоа ве прави побогати како личности и поподготвени да се снајдете каде било потоа.
Носталгија може да се чувствува дури и ако не сакате да се вратите назад. Без разлика дали ќе отидете да живеете некаде надвор од земјата на неколку години или ќе донесете одлука да се преселите и никогаш да не се вратите, едно е сигурно – луѓето кои го сочинувале вашиот живот дотогаш, не можете да ги земете со вас. Ќе ви недостигаат оние кои ви се блиски и ги сакате, па дури и оние кои само ги познавате. Ќе ви недостига чувството што сте го имале кога сте ги среќавале, кога сте го пиеле заедно редовното викенд кафе, кога биле тука за вас за да ви помогнат во неволја и кога сте биле вие таму за нив. Никој не може да ги замени луѓето кои ги имате во животот со нови. Вашите родители и блиски роднини, вашите другари и другарки кои ги знаете од основно, вашите колеги и колешки од факултет или оние од првата работа… Ќе запознаете многу нови луѓе, ќе се чувствувате многу побогато и поцврсто, но вашето срце ќе остане ранливо за единствената константа која сте ја имале во текот на животот – луѓето кои сте ги оставиле зад себе. Побогати сте за едно, посиромашни за друго. Животот изгледа секогаш наоѓа начин да остане во баланс. Инаку зошто би продолжиле да се трудиме да го живееме најдобро што можеме!?
Пишува: Ирина Мицов