Имаш пошта

Имаш пошта

Го гледаш висок, згоден, неопходен, те гледа така заводливо и тебе ти се тресат колената, па гласно и јасно објавуваш – се заљубив! Не баш… Најверојатно си занесена… или пак си претерала со пиењето.

Љубов на прв поглед – вистина или само мит? Јас би одела со второто. Да гледаме реално на нештата, колку знаеш за личноста која тукушто си ја сретнал/а?

Имаш пошта

Она што го чувствуваш на прв поглед е некаква хемија, сексуална привлечност, заинтересираност за другата личност, ама не е љубов. Љубовта во денешно време има толку многу дефиниции, најчесто ужасно погрешни. И да, јас сум млада, ќе речете, и најверојатно точно ќе знам да ја дефинирам љубовта кога со некого ќе се држам под рака на 60 години. И нема да погрешите. Но ако не знам да кажам што точно е, тогаш сигурно знам да кажам што не е. Всушност, во младоста сме многу незрели за да знаеме што е љубов, во зрелиот период од животот сме многу зафатени за да ѝ обрнеме внимание, а во староста може и да ја изумиме. Тогаш, кога е вистинското време за да знаеш точно да ја дефинираш љубовта?

Поради тие романтични комедии и митови од сказните, девојките се стремат да го најдат својот prince charming и својата вистинска љубов на 16 години. Што предизвикува да донесат многу непромислени одлуки или пак да се тотално скршени и уништени доколку не си го нашле совршениот пред да завршат средно.

Како ќе знаете дека сте го нашле совршениот? Најверојатно по тоа што воопшто нема да биде совршен. Но на некаков магичен начин ќе ве тера да тонете во неговите светови, и што е најважно од сè, ќе ве прави многу подобра личност од ден во ден. Ќе го истакнува најдоброто од вас. И за да се најде таков/ва, бога ми потребно е повеќе од еден кафе муабет и констатирање дека не можете да живеете без него/неа.

Всушност, вистинската љубов, според мене, е далеку од љубов на прв поглед. Напротив, најверојатно на почеток ќе ви оди по нерви и ќе ви се чини дека е далеку од вистинска. Но после неколку кафиња, ќе почне да ве копка, и потребни ќе бидат 100 кафиња за да сфатите дека е вистинскиот/ата.

Ама не едно, во никој случај.

Затоа, поштедете се себеси од невистините за љубовта, и не очајувајте ако не сте нашле нешто вредно пред дваесеттата. Некои луѓе тоа вредното го наоѓаат и после триесеттата година од животот, но во секој случај, добрите работи доаѓаат кај тој што умее да биде трпелив. Не задоволувајте се со плитките дефиниции за љубовта, не се согласувајте на сенешто колку да имате некој покрај себе – љубовта ни треба да ја форсирате ни да ја измислите.

Ќе се вљубите едно сосем обично и „нережирано“ утро, по подготвеното кафе донесено во кревет. Тогаш ќе ви светне една прекрасна идеја – го/ја сакам. Како пошта. Динг-донг – имате пошта.

Па и брзата храна не е здрава и не е препорачлива. Лебот баба што го прави, се чека да порасне па „да појде кај мајка му“, е тоа е веќе нешто друго. Така и љубовта. Ѝ треба време. Како лебот на баба. Ама откако ќе го пробаш, нема да ти текне на ништо друго.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар