Флерт и додворување - со лупа да ги бараш

Флерт и додворување – со лупа да ги бараш

Автор: Марија Јанкова

Флертот и додворувањето се афектни состојби на изразување допаѓање и симпатии кон одредена личност и се препознаваат по интензивни погледи и намерни насмевки.

Да, јас искрено се чувствувам должна да дадам конкретна дефиниција за овие поими затоа што не сум сигурна дали освен во љубовните романи и филмови на друго место сте ги сретнале. Нивното практикување во реалноста е комплетно заборавено.

Флерт и додворување - со лупа да ги бараш

Денешните генерации не знаат да уживаат во младоста и во предностите кои таа ги нуди. Симнувањето ѕвезди веќе не е „ин“, најновата мода диктира нешто од видот „само едно добро лапање, важно е да се смуваме, ништо повеќе“. Жалосно, но вистинито. Флертот и додворувањето со лупа да ги бараш, во вакви услови на страшна искомплексираност, тешко да ги најдеш.

Денешното општество ни нуди поинаков начин на машко-женска кокетност и заведување. Започнуваме со „poke“, „like“ и знаете, сите оние пропратни Facebook-елементи, и очекуваме оној од другата страна на мониторот веднаш да остане воодушевен или заинтригиран за нас. Во ред, секако дека не можеме целосно да ги занемариме модерните начини на комуникација, но немојте да дозволите предолго да останете заглавени во технологијата. Во секој случај вистинскиот живот е онаму надвор.

И да знаете само какво треперење може да предизвика ловењето на нечиј поглед вперен кон вас. Кога само би сфатиле колку една блага насмевка може да ви го разубави денот. Игрите со невербална комуникација знаат и тоа како да бидат интересни и пријатни. Има моменти кога говорот на телото кажува многу повеќе од зборовите. Чувството како да полетувате или можеби слетувате, како да се галите со ветрот или како да чекорите по облаци, такви се оние вибрации кои се шират помеѓу тајните сигнали на двајца непознати.

Ајде момци, што стана со вашата машкост? Наоколу изигрувате бестрашни мачо-типови, а кога ќе дојде ред да ѝ се приближите на убава девојка, како преплашено маче предете во некој агол и барате храброст во алкохолот.

А вам девојки, каде ви е женственоста? Дотерани и стокмени како штотуку да сте излегле од некој моден магазин, а кога на повидок е згоден фраер кој ви ги буди пеперутките, наместо да тргнете во акција, се одлучувате за повлекување. Не оди така тоа мои фини дами и почитувани момци. Љубовта која толку упорно ја експонирате и барате нема ниту од небо да ви падне, ниту пак некој ќе ви ја подари спакувана со украсна хартија и црвена панделка.

Наредниот пат кога ќе отидете на кафе или ќе излезете на ноќно журкање, па дури и кога ќе потрчате до најблиската продавница, не заборавајте да го понесете најголемиот адут – вашата шармантност собрана во една неодолива насмевка.

Флертувајте за посреќни утра и повесели ноќи!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар