ЕГО – најголемиот убиец на љубовните врски
Многу често се поставува прашањето „Кој е најголемиот виновник за распаѓањето на една врска?“ Ова прашање нема еден единствен одговор. Некои ќе кажат дека најголемиот уништувач е недостатокот на доверба, разбирање, почит или пак интимност. Други велат дека љубомората, посесивноста и монотонијата се најчестите причини за распадот на врските. Многу луѓе тврдат дека единственото нешто за коешто не би можеле да прогледаат низ прсти е неверството.
Сите овие причини си имаат своја тежина и не би можеле да кажеме која е најоправданата од нив, бидејќи сите луѓе се различни, со различни сфаќања и приоритети. Сепак, постои еден убиец на љубовните врски кој е толку подмолен што понекогаш не се ни забележува. Тој може да ги уништи и долгогодишните врски, но и оние кои не ни започнале. Тој убива големи љубови, но и симпатии кои штотуку почнале да се раѓаат.
Станува збор за егото. Егото е како силен отров што го поматува разумот и ја зацрнува љубовта. Егото е тоа што им вели на партнерите „Немој да попушташ!“ и им создава притисок да останат „фраери“ до крај. Егото е причината за најголемиот број неиспратени пораки. Причината за сите неодговорени повици. За сите неискажани зборови и чувства неоткриени. За сите разговори што никогаш не се случиле и за сите големи љубови што никогаш не опстанале.
Егото речиси секогаш ја победува љубовта. Егото е тоа што не им дозволува на саканите да си ја признаат грешката. Не им дозволува да простат и да продолжат понатаму. Не им дозволува да му се јават на партнерот и да му кажат колку многу им недостасува. Не им дозволува дека си кажат дека сѐ уште се сакаат и покрај сите проблеми, потешкотии и пречки на патот.
Егото е тоа што им вели дека не смеат да попуштат! Дека мора да останат силни до крај. Никој не смее да прави будали од нив! Не смеат да ризикуваат да бидат повредени или посрамени. Што ќе кажат другите?! Што ќе каже светот ако се дознае дека тие први се извиниле? Што ако им се смеат поради тоа што решиле да простат? Што ако бидат прогласени за „папучари“ поради тоа што ја искажале својата љубов и ја покажале пред сите?
Љубовта не може да процвета ако е полевана со отровот наречен его. Со текот на времето ќе почне да венее и на крајот целосно ќе се исуши. А вие ќе останете горди. Горди на себе што не сте попуштиле и што сте останале силни. Горди што не сте дозволиле никој да си игра со вас. Горди што сте покажале кој е „главен“. Вашето его ќе остане недопрено, непрегазено и величествено.
Ќе тврдите дека врската не успеала поради љубомората, недостатокот на доверба, разбирање и интимност. Ќе се тешите дека не ви било судено и дека сигурно ве чека нешто подобро. Вашето его ќе порасне толку многу што ќе стане доволно големо за да ви застане пред очи и да ви го скрие вистинскиот поглед кон нештата. Но, длабоко во себе, еден тивок, речиси бесчуен внатрешен глас секогаш ќе ви вели: „Да се јавеше прв/а, можеби ќе победеше љубовта и ќе ја спасеше врската.“