Еден лајк – илјада зборови
Фејсбук… Толку жалби имам, од љубов спрема него не можам да ги кажам. Станува збор за врска на љубов и омраза. Фејсбук можеше да биде најдобро нешто што ни се случило, да знаевме да го користиме како што треба. Навистина е доста корисен кога треба да се информираме за културни настани, отворања, актуелни случувања, кога треба да најдеме прашања за испит, да дознаеме дали предавањето е откажано во последен момент, да организираме собир со поголема група луѓе… Со неколку зборови ни помага да бидеме во тек со сè што се случува.
Е сега, човек како човек, пусти слабости и искушенија, не често туку секојдневно ја злоупотребува транспарентноста на оваа социјална мрежа. Па, како последица Фејсбук е пред сè причината за караници на голем број парови („Која е оваа што ти лајкнала?“, „Како смее овој да ти коментира?“, „Што има сега па бившиот да ти пишува?“, „Избриши го од тој од френдс!“ и слично…), што евентуално може да доведе до крај на врската.
Потоа, Фејсбук е причината за многу недоразбирања, особено кога станува збор за групно договарање, па некој се налутил и на крај ништо не се решило. А да не почнам да зборувам за манијаците што рандом додаваат за пријател и пишуваат на кој ќе стигнат (иако постои опција за да се одбрани човек од овој напад, сепак не е во ред…). Па, илјадниците исфрустрирани млади (сега веќе и постари) луѓе кои лечат комплекси преку „филозофски“ статуси, зајадливи коментари на туѓи статуси, разголени фотографии итн итн…
И полека доаѓаме до тој кобен ЛАЈК. Лајкот на прв поглед изгледа како најбезопасното нешто што го нуди Фејсбук. Но, тоа е далеку од вистината, бидејќи со еден лајк можат да се кажат многу работи. Лајкот е дури и посериозна работа од новите тотално непотребни реакции. Еден лајк може да значи многу работи, па според тоа постојат повеќе видови лајкови. Да погледнеме кои се најзастапените…
Искрен лајк
Овој лајк е прилично ретка појава и обично се однесува на слики со некои животинчиња, дечиња, трогателни или смешни статуси, во принцип понеутрални работи. Овој лајк ја исполнува својата првобитна намена: Тој значи дека некому нешто навистина му се допаѓа.
Пријателски лајк
Овој лајк има две поткатегории: Размена на лајкови помеѓу најдобри пријатели и размена на лајкови помеѓу познајници. Разликата е во тоа што најдобрите пријатели мора да си ставаат лајк едни на други, без оглед на сè! Тоа е знак на поддршка, особено во случај на дефицит на лајкови! Овој лајк обично е придружен и од коментари од типот „Лепотица моја!“, „Кажи кој те сликаше?“, „Си газиш тебра“ и секако стикери. Во случај најдобриот пријател да забушава и да не става лајк, тоа веднаш се средува, по брза постапка со порака на чет: „Стај ми лајк на профилната, бе!“
Лајковите помеѓу познајниците пред сè служат за да се искаже меѓусебна почит. Овие лица обично не се многу блиски, можеби и никогаш не направиле муабет, но ете се знаат така од социјалните мрежи и си ставаат лајк на сè и сешто. Овој однос е двонасочен, така што ако едната страна од некоја причина престане да ја „почитува“ другата страна, размената на лајкови ќе престане.
Флертувачки лајк
Ова е многу чест облик на виртуелен флерт кој се одвива помеѓу симпатии кои може, но и не мора да се знаат во живо. Во оваа фаза од флертот, најверојатно ни еден од нив сè уште не се осмелил да пише, но по одреден број постојани лајкови, обично машката страна го крши мразот. Тие не си лајкнуваат што било, бидејќи не чини да се претера, ама неколку пати неделно на овој начин симпатиите си кажуваат дека се заинтересирани еден за друг.
Манијачки лајк
Манијачкиот лајк може многу лесно да се помеша со флертувачкиот лајк. И тука станува збор за флертување , само што тоа во овој случај најчесто е еднострано, односно не доаѓа до размена на лајкови. Ова е буквално лајкување без усул! Најдобро можете да го препознаете по тоа ако добиете лајк на некоја слика од пред сто години, уште кога сте носеле протеза. Тоа значи дека лицето што лајкува поштено ви го има изманијачено профилот, внимателно прегледувајќи ја секоја ваша фотографија и не се срами тоа јавно да го признае! Па добро, на тој што признава пола му се простува, нели?
Ироничен лајк
Ова е еден од најопасните лајкови што постојат. Тој може да значи сè освен „ми се допаѓа“. И обично прилично е јасно дека станува збор за ироничен лајк, бидејќи лицата кои си го разменуваат не се сакаат баш и тоа многу добро го знаат и двете засегнати страни. Да ги разгледаме најчестите поткатегории на овој озлогласен лајк…
Лајк од девојката која ви е конкуренција: Не, не, не, таа не ви се воодушевува! Таа ви љубомори. Без разлика дали сте ѝ ја украле симпатијата, сте имале конфликт некогаш во минатото или луѓето често ве споредуваат по успех и убавина, таа ве доживува како конкуренција и со нејзиниот лајк сака да ви порача дека не можете да бидете подобри од неа. Ова не важи баш за машкиот пол, бидејќи тие не се заморуваат толку со овие работи.
Лајк од поранешната девојка на вашето сегашно момче: Ова е многу интересен лајк кој доаѓа сосема ненадејно и неочекувано. Првата реакција е подотворена уста и ококорени очи. Потоа ги затворате очите, па пак погледнувате за да се уверите дека видот не ве мами. Потоа следува громогласно смеење, пола од паника, пола од што е навистина смешно. И на крајот потонувате во размислување и разглабање за да ја откриете целта на овој необичен лајк. Не, овој лајк не е нејзин благослов за вашата врска со нејзината поранешна љубов. Овој лајк има за цел да ве потсети дека таа сè уште е тука и не планира да ве остави на мира уште некое време, додека не си најде попаметна работа. А можете да бидете и сигурни дека таа е редовен посетител на вашиот Фејсбук профил. Лајкот е обично поттикнат од нешто (читај: од некој кој ја мотивирал за оваа акција), така што не ја префрлајте целата вина на неа. Сличен е на оној од девојката која ви е конкуренција, само што тука не постои реална конкуренција, бидејќи тој е со вас, а не со неа. Истото се однесува и за лајкот од поранешното момче на вашата сегашна девојка.
Екс фактор лајк
Или размена на лајкови помеѓу две лица кои порано биле во врска. Овој лајк може да значи неколку работи:
1. „Тотално сум кул кога станува збор за нас двајца, ти посакувам сè најдобро и мило ми е што те гледам вака среќен/на.“
2. „Хмм… Толку многу ме прогонуваше, што те снема одеднаш? Ме заборави? Сега ќе те потсетам на мене со еден голем лајк (или повеќе). “
3. „Уште имам чувства за тебе, сакам да ми пишеш, да ми се јавиш и да разговараме… Сè уште те немам преболено и сакам да пробаме пак.“
4. „Не те сакам веќе, ама некако се чувствувам осамено во последно време и плус досадно ми е и си реков дека можеби и ти немаш што да правиш, па би сакал/а да подругаруваме малку во име на старите добри времиња.“
Пишман лајк
Ова е кога некој ќе ви стави лајк, па ќе го тргне. Ако лајкот е тргнат веднаш откако е ставен, веројатно станува збор за грешка и тоа е сосема во ред. Ако е тргнат после неколку дена, тоа значи дека во моментот кога бил ставен лајкувачот не бил баш при себе и по некое време сфатил колку лош потег било тоа, па се премислил и помислил дека е подобро ако го тргне. Тоа е всушност уште полоша одлука, бидејќи зборува за тоа колку неодлучна и непринципиелна личност е тој/таа. Доколку лајкот е тргнат по навистина подолг период (неколку месеци/година на пример), запрашајте се зошто воопшто сте забележале дека го нема.
Секако дека постојат и луѓе кои едноставно не му придаваат никакво значење на лајкот и лајкуваат сè што ќе стигнат без некоја особена причина. Секоја чест за нив, но со оглед на тоа што тие се малцинство мора да го имаат предвид фактот дека нивниот ноншалантен лајк може да има големо влијание врз некое лице кое ќе му даде на значење и ќе се впушти во негова длабока анализа.
Наравоучение: Внимавајте што и кому лајкувате бидејќи може да бидете сфатени погрешно и непотребно да си го искомплицирате животот. Не заборавајте дека за некои луѓе еден лајк вреди илјада зборови.
Devojce, stom si posvetila tolku vnimanie na ovaa nebitna tema za koja pojma neam zasto ja citav, znaci mnogu si zasegnata. Te maci golema maka. Sigurna sum deka statijava ti sluzi za da si ja izbrkas muvata od glava bidejki si brisela lajkovi za koi spored tvoite lajkacki grupacii se sosema vo red 🙂 Smesno, prozirno i nezrelo. Za da se pravis pameten ne e potrebno samo dobar vokabular. Btw, statijava ne ti e inspiracija tuku cista frustracija.
Драга Anonymous,
Пред се, Ви благодарам што сте одвоиле време да ја прочитате оваа колумна и драго ми е што Ве поттикнала да оставите коментар, и покрај тоа што не Ви се допаднала. Основната нејзина намена е забава. Освен ако не сте ја доживеале премногу лично и сте се почувствувале навредени од некоја икс причина, навистина не гледам од каде толкав револт спрема една комплетно „небитна тема“. Јас најдлабоко Ви се извинувам ако дошло до тоа, но имајте предвид дека сите сличности со вистински ликови и настани се сосема случајни.
П.С. Точно! Инспирација црпам од сопствената, но и од туѓата фрустрација
Ви посакувам убав и позитивен ден.
Поздрав,
Лукаревска
Bravo za devojkata,a ima ona i otpoveke intelekt,a ne samo nakiten vokabular, a bogami i Stil.Odlicen prikaz na nestata so pravilno vrednuvanje.
dobro osmisleno i napisano, toa e realnosta, a stom i nekoj anonimen i se nafrlil na devojkata znaci deka nesto mu smeta ili pak stanuva zbor za ljubomora, zavist…sto nemoze da i go izjavi licno.