„Добар си?“: Едноставно прашање што го спаси човекот без волја за живот

„Добар си?“: Едноставно прашање што го спаси човекот без волја за живот

Родендените се депресивни. На тој ден сфаќате колку малку луѓе се грижат за вас. Сфаќате колку малку ве познаваат луѓето кои се грижат за вас. Сите имаат некакви очекувања за вашиот роденден и се однесуваат како да е нивен. Никогаш не го добивате тоа што сте го сакале. Ако решите да не славите, луѓето секогаш се појавуваат ненајавени. Ако кажете дека не сакате подароци, и навистина го мислите тоа, луѓето ви подаруваат нешто многу скапо и сосема погрешно. Ако кажете што сакате, никогаш не го погодуваат вистинскиот подарок.

„Добар си?“: Едноставно прашање што го спаси човекот без волја за живот

За него роденденот беше само уште една обврска што мораше да ја заврши за да ги исполни туѓите очекувања. Требаше да глуми изненаден поради тоа што најблиските му подготвиле роденденска забава без негово знаење. Требаше да глуми дека му е драго што ги гледа сите тие луѓе на едно исто, иако некои од нив не можеше ни да ги поднесе. Требаше да глуми дека му се допаѓаат подароците што ги добил, иако ниту еден од нив не му е погоден. Требаше да глуми дека таа вечер не би сакал да прави ништо друго освен да биде со своите најблиски.

Знаеше дека не му мислат ништо лошо. Знаеше дека го сакаат и го ценеше нивниот труд. Но, тоа што го правеа за него не беше она што му треба. Тоа што го правеа го принудуваше да стави маска на задоволен, силен и исполнет човек. Маска на среќен човек. Маска што ќе ја скрие неговата рамнодушност и неспособност да почувствува каква било емоција.

Не можеше да ја извади маската иако очајно сакаше. Се плашеше дека ќе биде погрешно разбран. Се плашеше дека ќе му речат дека драматизира, дека е неблагодарен и дека нема причина да биде несреќен. Се плашеше дека ќе почнат да го споредуваат со некои луѓе кои имаат помалку од него, но сепак се среќни и задоволни. Се плашеше дека ќе звучи патетично.

Како да му кажеш некому дека не ти е гајле за него? Како да кажеш некому дека не можеш да почувствуваш ништо? Сакаш, но не можеш. Наместо тоа, тој реши да носи маска на силен човек кој може да ги издржи сите потешкотии. Човек кого другите го земаат за пример и му се восхитуваат поради храброста, силата и интелигенцијата. Но, веќе беше изморен од тоа. Сето тоа мислење и грижење за туѓите потреби го истошти. За прв пат во својот живот реши да се стави себеси на прво место.

Си замина од забавата без збор. Мораше да се ослободи од судбинските окови. Не сакаше да живее според туѓи правила и очекувања. Животот во кој беше фрлен без да биде прашан не ги исполнуваше неговите суштински потреби. Неговиот сон талкаше некаде во длабочините на мистериозниот универзум. Се измори и не можеше повеќе да се преправа дека не е така.

„Добар си?“: Едноставно прашање што го спаси човекот без волја за живот

Неколку часа по полноќ. Немаше жив човек на мостот. Ѕвездената светлина полека згаснуваше во придушениот трепет на небесните памукчиња. Неговиот поглед беше закован за водната шир. Непокорливите бранови го следеа ритамот на неговите очи. Беше смирен, бидејќи имаше донесено цврста одлука во која воопшто не се сомневаше. Реши да стане слободен човек. Реши да се одмори од сето тоа преправање и да му стави крај на животното незадоволство за кое немаше апсолутно никаква причина.

„Што правиш тука во ова време? Да не мислиш да се фрлиш?”, еден рапав глас ја разбранува мртвата тишина.

„Не е твоја работа”, мирно одговори незадоволниот човек.

„Дете, ај не се глупирај и оди си дома.”

Човекот се сврте во правецот од каде што доаѓаше гласот. Виде стар бездомник со вреќа полна партали. Му упати страшен и сериозен поглед кој велеше „Остави ме, не можеш да ми помогнеш. Никој не може да ми помогне”. Бездомникот никогаш немаше видено помрачни сини очи.

„Добар си?”, праша бездомникот.

Никогаш никој не му го имаше поставено ова прашање толку загрижено и искрено. Секојдневното „Како си?” не можеше да се спореди со ова, бидејќи луѓето му го поставуваа туку-така, без да очекуваат вистински одговор.

„Не сум добар”, му одговори како да чекал со години некој да му го постави ова прашање.

Му раскажа сѐ. Ја симна маската и го покажа своето вистинско лице на безнадежен човек кој изгубил волја за живот. Не мораше да се преправа. Беше целосно искрен. Соголен.

Како што изгреваше сонцето, така тој стануваше слободен човек. Никогаш претходно го немаше дочекано изгрејсонцето. Џиновскиот портокал гордо се издигнуваше на небото. Прв пат гледаше такви бои. Каква убавина!

Понекогаш обичниот разговор може да спаси живот. Едноставните прашања како што е „Како си?” во себе кријат голема длабочина и не треба да се занемаруваат. Редовно поставувајте им го ова прашање на вашите најблиски и немојте да претпоставувате дека се добро, само затоа што гледате насмевка на нивното лице. Депресијата може да се јави во многу видови и не подразбира секогаш плачење и изолација од светот. Постојат луѓе кои успеваат да функционираат нормално иако секое утро се мачат да најдат причина за да станат од кревет.

Понекогаш депресијата се појавува толку подмолно што никој не може да ја забележи додека не стане предоцна. Не дозволувајте да стане предоцна и бидете тука за вашите најблиски. Почнете со тоа што ќе ги прашате дали се добри. Им го поставивте денес тоа прашање?

За да добиете повеќе информации на оваа тема, прочитајте ги 7-те работи што ги прават луѓето кои ја маскираат својата депресија.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар