Дали универзитетската диплома ги подготвува младите за реалниот свет?
Уште од самото раѓање, животот на повеќето луѓе е предодреден на некој начин, барем во однос на образованието. Децата прво почнуваат да одат во градинка, па во основно и средно училиште. По завршувањето на средното училиште, матурантите имаат можност да одберат дали ќе го продолжат образованието. Иако станува збор за личен избор, современото општество наметнува одредени критериуми со кои го мери успехот на поединецот. Еден од тие стандарди е завршувањето факултет.
Листот хартија, наречен универзитетска диплома, служи како доказ дека поединецот ги поседува потребните вештини и знаења за да најде работа и да даде општествен придонес. Меѓутоа, реалноста е многу поразлична од ова оптимистичко верување. Токму затоа, некои луѓе сметаат дека универзитетската диплома не ги подготвува студентите за реалниот свет. Тие не се согласуваат дека дипломите се гаранција за знаењето и способностите на студентите и веруваат дека постојат многу други поважни вештини што човек треба да ги поседува за да напредува во животот.
Неспорно е тоа дека универзитетските дипломи се од големо значење за понатамошниот развој на студентите. Следниот логичен чекор по дипломирањето е да се најде работа, а дипломата се смета за отскочна штица кон успехот и идниот професионален напредок. Генерално гледано, ова е вистина, бидејќи речиси сите работодавци бараат кандидати со завршен факултет. Многу е тешко да се најде добра работа без овој документ. Работодавците тоа го сметаат за доказ дека поранешниот студент е доволно вешт и способен за да може да се снајде на работното место за кое аплицирал.
Освен тоа, универзитетската диплома нуди многу други можности покрај вработувањето. Таа ја отвора вратата кон светот преку тоа што им овозможува студентите да го продолжат образованието во странство и да започнат нов живот. Повеќето универзитети ширум светот со задоволство ги примаат студентите со одличен просек без оглед на земјата од каде што доаѓаат. Тоа значи дека би можеле да продолжите со магистерски студии надвор од Македонија, а ова е одлука што несомнено би ви го променила животот.
Покрај тоа, универзитетската диплома им помага на луѓето да остават подобар впечаток. Кога ќе чуете дека некој има завршено факултет, веднаш добивате повисоко мислење за човекот, го почитувате и го сметате за успешен. Поединците со завршен факултет се сметаат за интелигентни, вешти и способни луѓе кои можат да ја подобрат околината во која живеат и да направат позитивна промена во општеството.
Сето ова звучи одлично во теорија, но, за жал, реалноста е малку поинаква. Дали познавате луѓе со завршен факултет кои не можат да најдат работа по струка? Колкумина од нив се незадоволни од животот и не можат да го постигнат посакуваниот успех? Во вистинскиот живот, универзитетската диплома не гарантира дека еден човек е подготвен за професионален развој во областа за којашто завршил факултет. Главниот проблем лежи во образовниот систем. Поголемиот дел од факултетите во Македонија ја нагласуваат потребата од теоретско знаење, а ја занемаруваат практичната работа. Студентите мораат да учат обемен материјал за да ги положат испитите и како последица на тоа, обрнуваат многу мало внимание на праксата. На крајот, студентите ги помнат работите што не се толку важни, а ги забораваат тие што се од големо значење. Да не го заборавиме и фактот што некои студенти добиваат диплома без да вложат многу труд. Со други зборови, тие не ја заслужуваат дипломата, но успеваат да дипломираат благодарение на некои надворешни фактори, како што се „врските“ и корумпираните професори.
Точно е тоа дека универзитетите даваат знаење, но што е со другите вештини што им се потребни на луѓето за да преживеат во реалниот свет? За време на студиите, студентите се заштитени од вистинските животни проблеми со кои сѐ уште немале прилика да се соочат. Меѓутоа, по дипломирањето, тие се принудени да се справат со многу сериозни работи, како што се наоѓањето работа, пристојната заработка и соочувањето со суровата реалност. Вистина е дека тие се здобиваат со потребното теоретско знаење за нивната професија. Но, за жал, тие не дознаваат како да се справат со авторитети, како да изградат цврсти и стабилни врски со нивните колеги и како да бидат добри лидери. Сите овие вештини се многу значајни и секој успешен поединец би требало да ги поседува.
Разочарувањата на студентите по дипломирањето се огромни, бидејќи реалноста не се поклопува со нивните очекувања. Некои од нив стануваат свесни дека професијата што ја одбрале е многу поразлична од она што го учеле на факултет и сфаќаат дека повеќе не сакаат да градат кариера во таа област. Како резултат на тоа, тие почнуваат да се чувствуваат збунето, изгубено и безнадежно. Не можат да се пронајдат себеси и тонат заглавени во носталгијата за безгрижното минато.
Иако универзитетската диплома навистина им нуди многу можности на младите, сепак не ги подготвува да се соочат со проблемите што ги наметнува вистинскиот свет. Постојат многу други вештини што треба да се стекнат, покрај теоретското знаење, за да може човек да се прилагоди во општеството и да успее. Универзитетските дипломи се преценети и не треба да се сметаат за единствен доказ за нечии способности. Не постои сомнеж дека тие значително го олеснуваат професионалниот и личниот развој, меѓутоа не треба да се земаат здраво за готово.
Луѓето треба да станат свесни дека самата диплома не е доволна за да се напредува и да се остварат животните цели. Но, тоа не значи дека не мора да дипломирате за да си ги исполните соништата. Образованието е многу важно и не треба да се занемари, меѓутоа дипломата не смее да биде вашата конечна дестинација. Учењето не завршува откако ќе дипломирате. И понатаму мора да го збогатувате вашето знаење и да ги усовршувате вашите вештини што можеби немаат никаква врска со вашиот факултет, но затоа се од големо значење за вашиот иден напредок. Колку и да ви звучи клише, не заборавајте дека човек учи додека е жив!