Дали е глупаво да се жртвува сопствената среќа во име на љубовта?
Во врска сте веќе некое време и забележувате дека постојано морате да правите некакви жртви за да ја зачувате љубовта помеѓу вас и партнерот или партнерката. Сте се откажале од цигари бидејќи ним им пречеле, сте престанале да одржувате контакт со бившите, не останувате излезени до раните утрински часови бидејќи тие ве замолиле, сте станале вегетаријанци поради нивната љубов кон животните и слично.
Сте сфатиле дека за да ви успее врската, вашите животи мора да се претопат и да станат едно. Но, кога реалноста на партнерите почнува да ве впива толку многу што полека го губите вашиот личен идентитет?
Се вели дека мора да правите одредени жртви доколку сакате да опстои вашата љубов и да имате успешна врска со партнерот. Но, што се подразбира под поимот „жртва“? Генералната дефиниција би била „безусловно откажување од нешто што ве прави среќни во името на среќата на другиот“. „Безусловно“ значи дека несебично би се жртвувале без да го барате истото за возврат.
Но, што се случува кога иако се трудите да се жртвувате безусловно, вашиот партнер никогаш не е подготвен да го стори истото за вас? Вие сте се откажале од цигарите, но тој или таа одбиваат да се откажат од алкохолот и покрај тоа што знаат дека тој го буди најлошото во нив и е главниот причинител на вашите расправии. Вие сте го прекинале контактот со вашите бивши иако вашиот однос бил строго пријателски, додека вашите партнери постојано се допишуваат и гледаат со личности од спротивниот пол и одбиваат да ви дадат објаснување за тоа од каде се познаваат со нив. Сте се согласиле да се преселите во друга држава и притоа зад себе да оставите одлична кариера и пријатели за да почнете од нула и вашите партнери да ги следат своите соништа, но кога дошло време тие да го сторат истото за вас, не сакале ни да чујат.
Колку и да се обидувате да не барате ништо за возврат, доколку жртвувањето е еднострано, порано или подоцна ќе почнете да им замерувате на вашите сакани поради жртвите што сте ги направиле за нив. Тоа ќе доведе до презир, а презирот е најголемиот убиец на најсилните љубови. Со текот на времето, тивко и незабележливо, вашата љубов ќе згаснува и ќе сфатите дека не сте среќни во врската. Доколку не се реши проблемот, а најчесто не се решава, доаѓа до уште едно раскинување.
Па, зошто се случува сето ова ако правите сѐ како што треба и безусловно се жртвувате во име на љубовта? Проблемот е во самото користење на зборот „жртва“. Колку и да ви звучи херојски, немојте да го романтизирате овој поим. Зборот „жртва“ нема позитивно значење, напротив. Жртвите се повредени луѓе кои неправедно изгубиле нешто. Во овој случај тоа сте вие, повредени жртви кои ја изгубиле својата среќа.
Наместо зборот „жртва“ обидете се да го користите и практикувате зборот „компромис“. Наместо да се жртвувате, правете компромиси. И вие и вашиот партнер. Што значи тоа? Тоа значи дека никогаш нема да морате да се откажете од вашата среќа за да ги направите среќни вашите сакани, бидејќи љубовта не функционира на таков начин. За да бидете добри партнери, мора прво да бидете задоволни од себе и вашиот живот, а тоа не ќе може да се случи доколку постојано се жртвувате.
Ако навистина не сакате да се откажете од цигарите, договорете се со партнерите дека нема да пушите дома и дека ќе ги сведете цигарите на минимум кога сте заедно. За возврат, тие нека прифатат да испијат 2 чашки алкохол наместо 5 кога ќе излезете заедно навечер. Доколку тие сакаат да се преселите во странство и бараат од вас да се откажете од вашата кариера, пријатели и семејство, обидете се да најдете држава што на обајцата ви се допаѓа и каде што и двајцата ќе имате подеднакви шанси за успех.
За сѐ е возможно да се најде компромис, само што тоа понекогаш бара повеќе труд од жртвувањето. Кога се жртвувате, вие само ги прифаќате барањата на партнерот и безрезервно се согласувате со нив. Не разговарате и не ги искажувате вашите чувства и мислења. На тој начин, ги одбегнувате конфликтите и многу полесно доаѓате до решение, но тоа е сосема погрешно.
Од друга страна, пак, за да направите компромис потребна е отворена комуникација и директно соочување со проблемот. Тоа понекогаш значи дека ќе мора да разговарате со часови, што може да доведе до караница, па дури и раскинување во случај да не успеете да пронајдете заеднички јазик.
Ова можеби ви звучи страшно, но вреди да го преземете ризикот. Доколку вашата врска е стабилна и помеѓу вас постои љубов, разбирање, почит и искреност, нема да погрешите и нема да се изгубите во преводот. Да, глупаво е да ја жртвувате сопствената среќа во име на љубовта. Но, не е глупаво да пронајдете компромис што обајцата ќе ве направи среќни и исполнети. Не заборавајте дека смислата на љубовта не е да го правите партнерот среќен по секоја цена, туку да пронајдете заедничка среќа која ќе ви помогне да станете едно без притоа да се изгубите себеси.