Чек, чек, Стојанче

Чек, чек, Стојанче

Автор: Гордана Балеска

Кога бев четврта година средно, ја обработувавме „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет. Се сеќавам дека тогаш таа книга за нас беше најдосадната, најапсурдната, без поента, без ништо во неа. Дури откако почнав прва година на факултет, сфатив дека ниту едно дело од времето на реализмот со сите свои детални описи и многубројни страници не успеало да ја опфати реалноста како што Бекет го прави прави тоа преку апсурдот и бесмислицата. За што станува збор во „Чекајќи го Годо“? Накратко, Владимир и Естрагон го чекаат Годо да им најде работа, да им помогне во барањето работа, да ги вработи некаде.

chek-chek-stojanche-kafepauza.mk

Откако почнав со студирањето, сфатив дека сиот наш живот се свел на чекање. Чекавме да почне предавањето, да дојде професорот, да ни дадат литература и вежби, чекавме да ни закажат термин за испит, чекавме да почне испитот, чекавме да заврши испитот. Да не зборувам колку сме чекале на студентски прашања. Тоа е приказна сама за себе. И цело време чекаме. Не е важно дали тоа е денес, утре или вчера, дали е покрај патот, дрвото или грмушката, дали некој од нас ќе се обеси или не.

Сме седеле во прва борбена редица, сме се бореле до последен поен, сме станувале во ниедно време и во никакво време за да чекаме професор или асистент што нема план да дојде на факултет. Сме оделе на пракса и сме волонтирале, со цел да земеме какви било потврди за кога ќе нè викнат на интервју да немаат изговор да нè одбијат. Но сепак нè одбиваат, а понекогаш тоа не е ни одбивање туку само игнорирање. Постојано вложуваме во нашето образование, но пусто никако да извлечеме некаков капитал. Секој добар економист би рекол дека тоа не е исплатлива инвестиција, дека тоа е брод што тоне и дека треба да се напушти веднаш. Ама ние сме идеалисти и мечтатели, нели? А секој капетан треба да потоне со својот брод. Тамара Тодевска не пее залудно: Ти гледаш брод што тоне, а јас во него… Песната е повеќе од соодветна.

Како ѕидот да го туркаме со глава, ете така и ете толку упорно го чекаме тоа подобро утре. Но знаете што? Утре е метафора. Времето никогаш не било толку релативно и толку сликовито прикажано како што е сега. Не е важно кој што знае, туку кој колку добро лаже.

Ние сме како Стојанче, само на понапредно ниво. Ем чукаме по вратите ем чекаме со непрекината надеж дека барем една од нив ќе се отвори…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар