Биди ми Тарзан, ќе бидам твојата Џејн
Кафето црно како ѓавол, само испушта чад, самиот мирис ти го трезни мозокот. Ова ќе биде долга ноќ. Уште еднаш го преживеав денот на оние со збрлавени хормони, декларирајќи се себеси како пијани од љубов. Други пак, се пијани… од вино, едноставно за нив секој ден е ден за пиење. За најголемиот дел беше ден за мрчење, а за некои пак… обичен ден.
Уште од утрото одма ми светна дека не би требало да правам некои планови со друштво, зашто најверојатно сите ќе се пијанат или љубат, па така решив и јас да кренам некоја чашка. Денот е таков. „И каков е планот, што ќе правите денес, што му купи?“ Чекај, колку што знам не ни е годишнина, што пропуштам… секако, средина на февруари… да измислам нешто или едноставно да речам „Вие сите сте ненормали“? Одбирам да бидам блага, „Сè уште не знам“. Никогаш не сум подлегнала на предизвикот на полнам нечиј џеб поради обична пропаганда. За мене љубовта е премногу света и посебна, а целата таа прашина околу овој ден, едноставно те тера уште повеќе да се нафрлиш врз виното, така помалку ќе мислиш на човековата глупост.
Февруари извини, ама тапа си. Ладно ми е, морам да учам, немам пари после сите прослави минатиот месец, желбата за лето никогаш не била поголема… Сите ние кои сме роденденци во овој месец сме некако… благо да се изразам, оригинални. Па тргнете од самиот месец. Сите останати имаат или по 30 или по 31 ден, а на овој кога ќе му текне има 28, а некогаш и 29. Па исто и ние, февруарците. Верувајте, некогаш и самите не можеме да се поднесеме, со сите наши фикс идеи и креативни начини на „тепање време“.
Ни на крај памет не ми беше да пишувам за Денот на вљубените, ама се стори. Всушност, на некој начин ме инспирираше. Се прашувам какви се совршените вљубени? Си ги довршуваат речениците, си објавуваат песни на ФБ и редовно постираат слики каде еден со друг си се хранат со торта или сладолед? Постои некаков критериум како треба да изгледа една совршена љубовна врска? Како новото време влијае врз човековата перцепција за совршена љубов?
Прво, не постои совршена љубов, а и да постои не би сакала да бидам во таква врска, едноставно би пукнала од здодевност. Секој си има своја претстава за тоа како би требало да изгледа љубовната врска, впрочем сите луѓе се различни. Затоа ќе се најдат двајца кои ќе сакаат приближно исти работи и ќе си оформат некој вид нивна совршена врска. Ако не си велат секој ден дека неизмерно се сакаат, ако тоа редовно не го докажуваат на социјалните мрежи, ако не си разменуваат нежности во јавност, значи ли тоа дека не се сакаат доволно или дека не уживаат во врската? Но, од друга страна, ако го прават сосема спротивното, значи ли тоа дека во суштина не се сакаат доволно, туку дека пробуваат себеси, а и на другите да им докажат нешто? Мислам дека никој не може да знае како и колку вистински уживаат партнерите во нивната врска. А според мене, секогаш било подобро тие слатки љубовни моменти да си ги чуваме за себе или за мал круг луѓе околу нас.
Кога сме кај љубовта и совршенството, мислам дека веќе во неколку наврати сум го спомнувала принцот на бел коњ. Но, овој пат го погледнав од друга перспектива. Што ако може да постои, само што нема универзални карактеристики, туку сè зависи од тоа како девојката си го замислува својот принц на бел коњ? Впрочем, зошто никогаш, ама баш ниеднаш во сказните принцезата или девојката не тргнала по својот принц? Со исклучок кога Пепелашка замина на балот, ама околу полноќ се претвори во кралица на драмата и „фати магла“, па си замина дома и си ја чекаше чевличката. Зошто девојката да не тргне по принцот кој ѝ се допаѓа? Што ако тргнал кон нас, ама се изгубил по пат, се заглавил во трње или паднал и си ја скршил ногата? Не сум во делузија, поентата ми е, ако го посакувате вашиот принц, тргнете и најдете го, не чекајте да дојде до вас. Тој дел од сказните воопшто не се совпаѓа со реалноста.
А знаете што? Со сета таа прашина околу тој фамозен принц, помислувам, зошто мора да е принцот? Зошто девојчињата уште како мали не сонуваат дека Тарзан, на пример, е нивниот иден совршен маж? Само затоа што се шетка гол низ џунглата? Како предвреме да сме го осудиле дека не чини само затоа што не живее во палата. Па всушност јас би го посакала баш Тарзан. Силен, храбар, израснат во дивината кој ќе ме заведе јазејќи се по дрва. Поентата ми е, не ги оценувајте луѓето пред да ги запознаете вистински. Можеби баш Тарзан, би бил совршениот маж од сказните и приказните. Биди ми Тарзан, а јас ќе бидам твојата Џејн. 🙂
Тоа би било сè за денес, веќе нема кафе во шолјата, а тоа би значело дека во овој момент завршувам со пишување.
До следното читање,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Одлична статија, драга Ели! 🙂
Впрочем, како и секогаш. 😉 🙂
Потполно се согласувам со тебе… и за февруари, и за принцот и за… Тарзан. 🙂
Jas bi go izbrala Aladin 😀 Iako e kradec i bezdomnik, sepak e dobar, skromen i ima romanticna dusa, a toa e najvazno od se 🙂 btw, prekrasen tekst 🙂
Секоја чест за оваа статија која јас би ја нарекла модерна бајка…По некоја случајност денеска размилсував на оваа тема бидејќи имав некоја задачка по македонски јазик и оваа статија ми даде одлична идеја за пишување…Продолжи со ова,уште многу работи има кои треба да ги споделиш со нас! <3