Беспомошните принцези на 21-ви век
Еднаш многу одамна, во дамнешно време, преку 7 реки, 7 планини и 7 мориња, си живеела една принцеза за која наречниците имале предвидено дека ќе се мажи со сиромав овчар. За да ја заштити од таквата судбина, нејзиниот татко ја заклучил на врвот на една кула. Така принцезата ја чешлала својата долга златно-руса коса застаната на малиот прозорец од кулата, чекајќи го принцот, или кој и да е на крајот на краиштата, да ја ослободи од животот како заробеник… Глупости.
Еве да ви кажам зошто девојките се навикнати да бараат заштита во мажот и да го чекаат тој некој возвишен господин Совршен. Бидејќи такви сказни им раскажувале додека биле мали. Па така израснале во беспомошни нежни принцезички чекајќи заштита и издржување од тој некој кој ќе дојде за да ги „ослободи“. Затоа неретко девојките трпат најразлични сра*а верувајќи дека ќе мора да попуштат бидејќи тие се кревките половини во таа целина со витезот на бел коњ.
Луѓето се секаде и секогаш различни. Различни менталитети и сфаќања. Но од многуте муабети со многу дами, кога ќе направам ретроспектива, станувам по малку бесна. Не, јас не сум „хејтерски“ настроена кон припадниците на погрубиот пол, напротив, јас сум ревносна на глупави стереотипи и заостанати сфаќања, или уште поточно, на личности кои во денешно време им се покоруваат на таквите сфаќања.
Глупаво сфаќање број еден, на пример, жената би требало да попушта и трпи. Неодамна разговарав со жена, за која слободно можам да кажам дека е прекрасна личност, па бидејќи ме почувствува блиска, ми ја отвори душата и ми призна дека во минатото била физички малтретирана од нејзиниот љубоморен дечко. Како изреагирала мајка ѝ на тоа? Попушти, женско си, утре тој лебот дома ќе го носи. А ти мислиш дека совршен ќе најдеш? Ајде, таков му бил денот. Таков му бил денот?!?! Молам? А да ја искршам јас металната шипка од неговата глава бидејќи едноставно, така се чувствувам денес? Тоа суштество наречено моја ќерка, која сум ја чувала како капка роса на дланка, да дозволам да биде психички и физички малтретирана од некој идиот само под изговор дека таков му бил денот, па попрво би се убила себеси. Јас сум млада, ама олку знам, дека ако кренал рака еднаш, ќе крене уште еднаш, ќе се постави супериорен над тебе и цел живот ќе живееш во негова сенка. Секоја девојка или жена која била или е малтретирана на каков било начин, мора да си дозволи себеси да се оддалечи од оној кој ѝ создава болка. Да, постојат прекрасни и грижливи мажи и заслужувате некој кој ќе ве штити и крева раце на оној кој ве повредува, а не на вас.
Глупаво сфаќање број два, или да скратам, едно од многуте поврзани со оваа тема, е тоа дека на жената ѝ е неопходен маж и таа е беспомошна без него. Неодамна прочитав една иронична шега, која оди отприлика вака: „Добро јас те пратив во град за да најдеш маж, а ти ми се врати со диплома. Неспособна една!“ Е арно ама, не било шега, туку жива вистина. Моја блиска другарка ми раскажуваше за патешествијата низ кои поминала при нејзината последна посета на роднините во друг град. Девојчево има само 21 година и штотуку го положи и последниот испит на не баш толку лесен факултет. Првото нешто што ја прашале сите, од баба и тетка до братучетка, било, дали имаш дечко. Не? Ако, не ми се секирај, ќе си најдеш некој. И девојчево завршува цела во прашалници. Никој не ме праша за факултетот. И дали сум јас за жалење, дали ќе останам стара мома само бидејќи немам дечко во моите рани 20-ти? Леле, кој ќе ми го носи лебот дома? Хммм… на пример, јас самата?
Во нашава мила државичка, со сожалување те гледаат ако немаш „врска за озбилно“, во некои земји за жалење си ако немаш кариера. Ама ете, што да ви кажам, различни сфаќања, да го наречеме тоа заостанатост или… како?
Ние не сме беспомошни суштества туку достојна половина од таа заедница меѓу двајца вљубени. Заслужувате почит, внимание, љубов… Мажот треба да ве штити, но бидејќи сте негова љубена, а не на принципот ти му пеглаш кошули, а тој за возврат ти дава покрив над глава. Браковите не се единство меѓу маж и негова слугинка, туку маж и негова жена. Во 21-ви век, крајно време е да се доведат до работ на истребување беспомошните принцези.
Ели
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Драга Ели,
Темата ти е стварно на место. Ова нешто треба да го сфатат особено оние кои одат во потрага по диплома а завршуваат на крајот со маж. Не треба да си дозволат таквите на било какви понижувања од страна на мажот, зошто како и да е 95% од нив сигурно одат на работа и заработуваат доволно за да не мора да бидат жртви на било какво понижување. А останатите 5% само ги поздравувам со одлуката за статус „домаќинка“.
Поздрав од верен читател на кафе пауза
….. a imas li decko za ozbilno … ??
..ako ne, aj, ke si najdes, neznam kolku si vozrasna …. 🙂
Ajde be Eli, ke si najdes i ti decko- ne se sekiraj do tolku
Па ќе се најде некој сигурно. 🙂 Ти благодарам за грижата. 🙂
Eli, mnogu mi se dopadna tekstot i mnogu mi e milo koga vo denesno vreme ke naidam na vakov tekst, odnosno na nekoj so vakvo glediste, bidejki kako gi gledam site okolu mene so zaostanati sfakanja, se cudam do koga vaka?!
P.S. Леле, кој ќе ми го носи лебот дома? Хммм… на пример, јас самата? NAJDOBRO! 🙂