Апсурдот на модерното време: Кругот е коцка
Целиот живот го минуваме барајќи се себеси, барајќи ги нашите цели, нашата смисла на постоење. Верниците се тешат дека постои задгробен живот, оптимистите веруваат во реинкарнација, песимистите во уште поголема болка и страдање. Постојат различни верувања, но целта е иста: Се тешиме дека постои нешто по овој живот на Земјата, се тешиме дека ќе оставиме трага, дека не сме живееле залудно. Но, што ако сето тоа е една голема заблуда? Што ако по смртта сите нѐ чека едно големо ништо? Дали кога би знаеле дека сѐ што правиме во животот е бесмислено и безначајно, би имале волја да живееме?
Егзистенцијалистите тврдат дека ние сме „фрлени“ во светот против наша волја. Принудени да живееме без никаква смисла. Сите наши дела се безначајни бидејќи и онака евентуално сите нѐ чека ист крај. Мерсо од „Странецот“ на почетокот од романот ги дели овие мисли и тој не живее. Тој живурка. Го прави она што ќе му го наложат другите. Рамнодушен е и бесчувствителен. Не го допира дури ни смртта на сопствената мајка. Остава другите да одлучуваат за него, бидејќи нему му е апсолутно сеедно. Барем сѐ додека не дојде моментот кога вистински треба да се соочи со смртта. Тогаш сфаќа дека и покрај тоа што смртта е неизбежна, неговите дела имаат значење на овој свет и можат да внесат промена.
Еве да речеме дека нашето постоење има смисла, не во однос на тоа дека нѐ чека некаков си задгробен живот според нашите заслуги на земскиот, туку дека сепак можеме да оставиме некаква трага. Луѓето по нашата смрт ќе зборуваат за нас, ќе се сеќаваат, барем одредени генерации. Ако сме направиле нешто позначајно можеби ќе станеме и бесмртни и ќе нѐ учат и читаат по учебници, којзнае?! Но, ние нема да знаеме ништо за тоа. Нема да бидеме свесни за нашиот посмртен успех, за нашето влијание на идните поколенија, тоа апсолутно нема ништо да ни значи. Вреди ли да се живее за тоа?
Луѓето честопати велат дека животот е круг. Луѓето верувале во карма уште пред да стане зборот „карма“ модерен. Доказ за тоа е поговорката „Што си сеел, тоа ќе жнееш“ или „Што си дробел, тоа ќе сркаш“. Со други зборови, секое зло ќе ти се враќа со лошо и секое добро ќе ти се враќа со добро. Секој со својата заслуга. „Кругот се врти“, велат. Почнуваш да живееш од одредена точка и понатаму продолжуваш да се вртиш во тој маѓепсан круг, сѐ додека не се вратиш таму од каде што си тргнал. Но, дали животот е навистина толку едноставен?
Можеби е, но човечки е да се комплицираат работите. Кругот не се врти секогаш во вистинската насока. Некогаш ротира во спротивната, а некогаш толку се разобличува што престанува да личи на круг! Прекрасно би било кога во животот навистина би функционирало тоа „секој со својата заслуга“, но за жал работите не се толку едноставни. Не само што не се едноставни, туку се и апсурдни!
Ако погледнете повнимателно, апсурдот е насекаде! Да тргнеме од најпопуларната тема на светот: Љубовта. Млад дечко, речиси 30-годишен, никако да пронајде среќа во љубовта. Не е до него! Тој е најпрекрасниот дечко што постои на планетава! Највнимателниот, најпаметниот, најуспешниот, со најблескавата насмевка! Но, што се случува? Паметните и убавите девојки кои нему му се допаѓаат мислат дека е предобар за да биде вистинит и не му веруваат. Скептицизмот е страшна работа! Секој збор што ќе го изусти го сметаат за лага.
Но, и тие не се виновни. Еднаш биле повредени од некој кој изгледал исто така како него, а нели сите ни велат дека треба да учиме од грешките и искуствата. Епа, поучени од искуството тие не му веруваат на ова прекрасно момче. Евентуално, ова прекрасно момче завршува со некоја која воопшто не е на негово интелектуално и духовно ниво, а паметните девојки со некој ограничен конформист, само затоа што не можеле да поверуваат дека незамисливите нешта навистина се случуваат. Зар не е тоа апсурдно?!
Одиме понатаму! Паметна девојка, штотуку завршила факултет со просек 9,8. Покрај тоа што е паметна, таа е вредна, културна, способна, со неверојатни комуникациски вештини и амбиции. Но, нешто ѝ недостасува. Можете да погодите што? Апсурдно, но нејзе ѝ недостасува недостаток на морални вредности! Таа не сака да добие работа благодарение на мама и тато или преку врските што ги потегнал некој далечен роднина кој никогаш го нема видено во животот. Таа не сака да успее благодарение на нејзиното длабоко деколте, долги нозе и добар задник. Таа сака да успее благодарение на нејзиниот ум, способности и вештини.
Ама што ќе прави тогаш девојката која ги напрчила градите и усните? Што ќе прави девојката која нема ни грам памет, но затоа нема ни грам морални вредности? Ќе научи, како што ќе прави! Ќе се помачи, ама до некаде ќе научи да работи. Најважно е да е претставителна! Клиентите да имаат што да видат! Затоа, паметната девојка закопчана до гуша ќе си остане дома и ќе чува деца со амбициите закопани во подрум, а онаа „претставителната“ ќе го прошета целиот свет и ќе ужива во нејзиниот успех и недостаток на морални вредности. Апсурдно!
Што е со пријателството? Деликатна тема. Многу значајна. Најзначајна. Сите знаеме дека пријателството се гради врз основа на доверба. И сите знаеме дека кога таа доверба еднаш ќе се скрши, парчињата можат да се залепат, но секогаш ќе остане пукнатина. Затоа пријателството е неверојатно нежно, ранливо и треба да се негува со особено внимание. Да си замислиме две најдобри пријателки. Пријателки од детство. Најблиски. Секогаш биле тука една за друга. Си помагале, си ги кажувале своите најскриени тајни. Нормално, дека имало периоди кога малку се оддалечувале, но и покрај далечината меѓу нив, тие секогаш останувале блиски. Немало потреба да се гледаат или слушаат секој ден за да останат најдобри пријателки. Секогаш си ги препознавале чувствата и мислите, без оглед на сѐ. И тогаш некој или нешто застанува помеѓу нив. Успева да направи мала пукнатина.
Без разлика дали се работи за тоа што едната од нив се омажила, заминала засекогаш, дошла трета личност која успеала да предизвика раздор или нивните семејства замешале прсти за лични интереси… Не е важно, нешто се случило. Ќе си речете „Па, ако пријателството навистина било толку цврсто, немало да успее ништо да ги раздели“. Не, тие не се разделени. Само постои мала пукнатина, не по нивна вина. И работите помеѓу нив никогаш повеќе не се исти. Што од незгодно, што од непотребна грижа на совест, што од прикриената нерационална замерка… Животни околности, тоа е, се случува. Но, сепак апсурдно е тоа што две сосема невини и чисти личности стануваат жртви на туѓи интереси. А најголемата жртва во целата ситуација е токму тоа неуништливо пријателство кое сега го краси една апсурдна пукнатина.
Апсурдните примери на човештвото не завршуваат тука: Лажговци и крвопијци стануваат лидери, хуманисти и врвни таленти завршуваат на улица, спонзоруши и проституки – идоли на новите генерации, паметни и слободоумни жени – заробени во канџите на патријархатот, чесните и трудољубиви луѓе се на дното, а ништожните злобници секојдневно достигнуваат нови врвови. Каде е тука правдата?
Животот не е фер. Животот е апсурден. Животот можеби е круг, но кругот е коцка. Секој ден е неизвесен. Коцката има 6 квадратни страни и 11 можни начини на расклопување. Не знаеме на која страна ќе завршиме. Можеби ќе се вратиме таму од каде што сме почнале, можеби ќе завршиме на спротивната страна, на соседниот квадрат, можеби ќе се најдеме надвор од коцката, којзнае?!
Што и да ве очекува во животот, без разлика дали е лошо или добро, зар не ве интересира што се случува спроти точката во која што се наоѓате моментално? Зар не сакате да дознаете во што ќе се претворите додека стигнете до таму? Зар не ве интересира како можете да ја измените формата на кругот кој станал коцка и да го трансформирате во пирамида, на пример? Можностите се неограничени! Само слободниот ум може да ве одведе таму каде што ќе посакате. Сѐ во животот е минливо, но човечката љубопитност е постојана. Потрагата по нови сознанија е бесконечна. Не ви треба смисла на вашето постоење, ако ја негувате вашата љубопитност. Никогаш не престанувајте да трагате по одговорите, колку и да ви се чини тоа бесмислено. Никогаш нема да ја изгубите смислата, ако посакате да ја истражите секоја точка од коцката. Само треба да го прифатите апсурдот на човечкото постоење и на модерното време. Само треба да посакате. Само треба да си кажете „Јбг живот“ и да продолжите понатаму.
Interesen tekst, no malku depresiven. Ako si go postavime prasanjeto sto e smislata na baranje na smislata na zivotot isto nema da najdime tocen odgovor kako i za prasanjeto sto e smislata na zivotot. Moze ste bile vo mracno raspolozenie pa site primeri vi se tazni. Dali stravot e toj sto ne tera da se prasuvame a ne da ziveeme vo migot? Kako i da e krajnata konstatacija e odlicna, se e proizvod na nasiot um i ego i koga ke stanime svesni ke se oslobodime od nivnite stegi i ke diseme slobodno.
Здраво Дарко,
Драго ми е што Ви оставила впечаток колумнава и што Ве навела на размислување. Многу убаво прашање поставувате, но како и за се’ друго претпоставувам одговорот зависи единствено од индивидуалната перцепција. Што се однесува до примерите, апсолутно не ми е намерата да констатирам дека во животот се’ е црно, но конкректно ова четиво го обработува помрачниот аспект од животот, со цел да се донесе крајната констатација која и вие убаво сте ја забележале.
Поздрав и секое добро,
Лукаревска
Секоја чест! Паднав во несвест колку добро се срочени аспектите од “современово” општество и генералното функционирање на неговите единки… и покрај се, сепак оставајќи надеж на крај xD
Здраво Ненад,
Ти благодарам за убавите зборови, драго ми е што текстот ти оставил добар впечаток и те навел на размислување.
Поздрав и секое добро,
Лукаревска
Која е смислата на животот?- И дали воопшто има смисла? Јас секогаш си велам дека постои само едно прашање кое би требало да си го поставиме самите на себе а тоа- „Дали доколку пред да се родеше некој ти кажеше дека ке се родиш на некое место не знам кое и дека ке живееш Х години, без да знаеш колку и каков живот ке имаш, дали тогаш би прифатиле да се родите“. Текстот и поендата на текстот се добри, одлични. И навистина постојат прашања кои секогаш ке ни бидат во главата- посебно прашањата околу егзистенцијата, и настанокот на светот и човештвото, и секако за смислата на постоењето. Поздрав за авторот.
Здраво Ангела,
Драго ми е што ти се допаднал текстот и ти благодарам за убавите зборови. Потполно се согласувам со твоето размислување. Сепак вреди да се помисли и на тоа дека токму таа потрага по смислата на постоењето ни дава огромна слобода да одбереме какви личности ќе бидеме, но со тоа ни наметнува и огромен притисок да ја прифатиме одговорноста за последиците од изборот што сме го направиле.
Поздрав и секое добро,
Лукаревска
Предобар текст што води кон длабочини и прашања, каде што само љубопитниот рационалниот ум може да плива во тие води ,без да потоне.
Сартр рече ”Hell is other people” во синергија со нашата зависна оптика кон мислењата на другите во однос на нас и нашите делувања,размислувања и погледи. Што води кон круг, бидејќи нашето ”рацио” зависи од површните мислења на другите во однос на нашето ”рацио” , што таа зависност ќе формира ново ”рацио” што повторно ќе зависи од нивното мислење ,а е и создадено од нивното мислење , како и претходното и претходното пред претходното , така се’ во круг. Можеби ако се објективно ослободиме од таа завист ,јбг, ќе произлезе некоја смисла ? на животот ? на трансцеденталноста ? Можеби.
Сартр рече и дека сме осудени да бидеме слободни , но и Кафка рече дека сме птици во потрага по кафез и дека сме во синџири ,а никој нека не ги дира нашите синџири. На крајот можеби смислата е субјективна и е дел од принципот за индетерминизам на Хајсенберг или теоремата на некомплетноста на Курт Гедел . Смислата е секаде , се’ додека не ја измериме(пронајдеме), но ако ја измериме ќе го изгуби своето значење ; и можеби постоењето на некоја смисла не може да се докаже или не докаже внатре во системот?-можеби е потребен супериорен систем што ќе го докаже постоењето или непостоењето на смислата во инфериорниот систем, но ќе не може да ја докаже или не смислата во себе , а и нему ќе му биде потребен супериорен систем, и така се* до бесконечност. Можеби ? – јбг. Тотален апсурд.
Тоа е едно банално а постериори размислување на мојата маленкост , што содржи повеќе можеби , отколку субјективни одговори. Но можеби суштината на филозофирањето не е да ги најде одговорите , туку да ги редефинира фондаменталните прашања? – Повторно можеби :)))
Уште еднаш аплауз за вашиот текст , очекуваме уште во што поскора иднина.
Поздрав
Иван Карамазов
Здраво Иван,
Пред се’, Ви благодарам за убавите зборови, ваквите исцрпни коментари дефинитивно се поттик да продолжам со пишување вакви текстови.
Ми се допаѓа што ги спомнувате Сартр и останатите егзистенцијалсти, бидејќи токму нивните размислувања ме инспирираа да направам ваква анализа на општествените (без)вредности и генерално човечкото постоење.
Сартр вели дека сме „осудени на слобода“, но исто така верува дека треба да се живее автентично, а тоа „автентично“ подразбира живот според сопствените верувања, вредности, мислења, правила и желби, а не според општествено наметнатите норми или според она што мнозинството го смета за „нормален“ живот. Значи човекот има неограничен избор, но тој избор наметнува и огромна одговорност сам да си ги сноси последиците и да преземе одговорност за сопствените постапки. Таа огромна одговорност доведува до чувство на очај и безнадежност, поради што егзистенцијализмот се смета за песимистичка и нихилистичка филозофија.
Јас не би се согласила, бидејќи егзистенцијализмот му дозволува на човекот сам да ја дефинира смислата на сопственото постоење и притоа му налага да постои со некаква животна цел, а не само површно да постои. Според тоа, не постои дефиниција за смислата на човечкото постоење што ќе важи за сите луѓе. Сите ние имаме слобода, право на избор и одговорност самите да одредиме која е нашата смисла.
Поздрав и секое добро,
Лукаревска
И Платон во својата „Држава“ вели дека луѓето се оковани со синџири и дека не го гледаат вистинскиот свет. Па така сепак мислам дека сите ние сме биле оковани, но дека самите си избираме слободна волја за која говорат многу философи. Ние самите одлучуваме за нашата слобода и за нашите размислувања, па затоа на таа тема би се согласила со Марија дека егзистенцијата ни дозволува сами да ја дефинираме смислата на постоењето, бидејќи самите ние сме тие кои одлучуваме што ке правиме и која е нашата цел за постоењето, како што и многумина философи ке речат дека секое наше направено дело е дело на нашата слободна волја и дека не постојат зли работи но дека баш нашата волја ни дава за право да го направиме тоа. Во секој случај очекуваме у друг текст од авторката, Поздрав.
Ќе бидам кратка и јасна. Многу убаво напишано и ептен ме погоди текстов.
Текстов просто „отвара”.
…Милион зошто, дали, но и милион поенти.
Ајнштајн: Знаењето е ограничено, но имагинацијата го обиколува светот. Имагинацијата ќе те одведе секаде.
Можеби е и триаголник…мене некогаш така ми личи.
…раѓање, живот, смрт. Точки на еден триаголник во чија средина се наоѓа судбината. Ако секој човек се раѓа како “tabula rasa”, дали на него судбината испишува или самиот тој одлучува ? Или пак луѓето коишто ги „живее” чкрапаат по него ? Знаејќи дека, во овој суров свет, за жал се повеќе секој е таков каков што другите го направиле и прават да биде.
Се е во индивидуалноста. Секој посебно одлучува за смислата. Смислата е во секого посебно. Нема универзална вистина, а уште помалку универзална смисла.
Убаво пишуваш.
Извини, ама не можам ни во 10 коментари да кажам се 😉
Здраво Жарко,
Ти благодарам за убавите зборови и за тоа што си се обидел да го срочиш мислењето во еден коментар. 🙂
Поздрав,
Лукаревска