Викенд книга: „Во одбрана на Џејкоб“ – Вилијам Лендеј

Викенд книга: „Во одбрана на Џејкоб“ – Вилијам Лендеј

14-годишно момче е обвинето за убиство на неговиот соученик. Она што следува е возбудливо судење со тактики и пресврти, кое ќе ве остави будни до доцна во ноќта.

Викенд книга: „Во одбрана на Џејкоб“ – Вилијам Лендеј

Дали сте подготвени за драма во судницата? Драги поротници, заземете ги вашите места. Тишина во судницата, ќе ве молам. Ова е Џејкоб, 14-годишно момче обвинето за убиство на неговиот соученик, Бен Рифкин. Подгответе се за возбудлива крими-драма, трилер кој ќе ве остави будни до доцна во ноќта и ќе ве држи до неизвесност до самиот крај. Џејкоб е виновен… не, не е, не може да биде… но чекај, многу нешта посочуваат на неговата вина… а што е со ножот на Џејкоб, а со навредите од Бен?… Зарем може во еден навидум обичен тинејџер да се крие таков ѕвер?

Од стилот на пишување се гледа дека авторот Лендеј има искуство во судницата. Книгата се фокусира на семејната драма која се одвива во семејството Барбер, психологијата на ликовите, но и на градењето на тактики во судницата. Со еден збор, доколку сакате квалитетен правен трилер ова е вистинската книга за вас.


Доделуваме 2 книги во соработка со издавачката куќа Сакам книги


Книгата започнува со испрашувањето на таткото на Џејкоб како сведок во случајот, од страна на јавниот обвинител Лаџудис. Таткото на Џејкоб, Енди Барбер веќе 20 години ужива во беспрекорен углед поради неговата функција како јавен обвинител, за во еден миг целиот негов авторитет и стручност да паднат во вода. Сега Енди е на другата страна – на страната на обвинетите. Испрашувањето на Енди Барбер се протега низ целата книга, паралелно со раскажувањето за целиот случај – убиството на Бен Рифкин и животот потоа. Ако некогаш Лаџудис бил штитеник на Енди, сега истиот Лаџудис ги користи правните трикови на кои го научил Енди, токму на самиот Енди Барбер. Бездушен глупак, како што Енди би го нарекол.

На почетокот Енди воопшто не се сомнева во својот син. Цврсто е уверен дека Џејкоб е обвинет како последица од несреќна игра на случајности. Неговиот родителски инстинкт му вели да си го заштити синот и да му верува. Но, набрзо целиот случај станува сè позаматен, судењето сè повеќе се влошува и притисокот на кој се изложени членовите од семејството Барбер е просто неиздржлив. Наспроти битката во судот, во Барберови се води и внатрешна битка за лојалноста, вистината и гласот на совеста.

Енди и Лори се обични родители од предградието кои вложиле сè во нивниот син-единец. Што би можеле да имаат направено погрешно? Зарем не му ја дале целата грижа, љубов и заштита што ја имале? Енди е поделен на две страни: искуството како обвинител го тера да биде во потрага по вистината, но како татко тој е преплашен од тоа колку сурова може да биде вистината.

Лендеј со оваа книга успеал во повеќе наврати, и тоа: книгава е совршен баланс на правен трилер од една страна и семејна драма од друга; отсликува крајно интригирачка ситуација во судницата која нема да ве остави мирни дури и ако не сте љубители на трилери од ваков тип; ве тера да станете дел од поротата и да гледате каде ве носат доказите; успешно отсликува карактер на еден тинејџер со „убиствен ген“ и психичко растројство; и најважно од сè, неговите ликови се крајно професионални и искусни адвокати кои ќе ве одведат на едно „лудо возење“ низ судницата со своите интриги, сплетки и стратегии.

Барберови не се на суд само поради законот. Тие се изложени на постојано осудување од доскорешните пријатели и познајници. Нив ги суди народот со тоа што ги отсекува од социјалниот живот. Кој би можел да поднесе толкав притисок и до која точка на вриење треба да се стигне за конечно некој да пукне? Ќе престанам тука. Книгата е безобразно неизвесна до последната страница ако не и после тоа, па не би сакала да ви откријам ништо повеќе.

Може да ја читате на плажа или дома, во мирно кафуле или во двор… не е важно, за добра книга нема посебно место. Доволно е само она кое не бара од вас да бидете вклучени во нешто друго настрана од самата книга па може да ѝ се посветите целосно. Токму тоа и ќе го сторите, ве уверувам. Ако наидете на книгата во книжара можеби ќе ја избегнете. Поради корицата или насловот, којзнае. Но токму тогаш ќе направите голема грешка. Ништо не е како што изгледа.

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 24 август 2014.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар