Викенд книга: „Преживеј за да раскажуваш“ – Лиса Гарднер
Ова е мојата приказна… Јас сум единствениот преживеан и ова е она што го преживеав за да ви го раскажам.
Наша оцена: 10/10
Ваша оцена:
Се подготвувате за летниот одмор? Каде ќе одите, и уште поважно, која книга ќе ја понесете со себе? „Преживеј за да раскажуваш“ е нешто што дефинитивно, од сè срце ви го препорачуваме. Луда авантура, трилер кој ќе ве остави без здив, драма која ќе ве држи во неизвесност од почетокот па до самиот крај. Лиса Гарднер сосема успешно и беспрекорно ги држи своите читатели во една слатка и љубопитна неизвесност, во која особено ќе уживаат љубителите на крими-романи. Секоја чест за ова дело, ви посакувам да ви стане дел од животот макар на неколку дена. Но, да не избрзуваме, со ред, прво приказната…
Детективката Ди Ди Ворен е повикана на местото на грозоморното случување – брутално убиено семејство, мајка и три деца, а таткото, кој впрочем е и главен осомничен, се бори за живот. Можеби случајот е навидум едноставен. Семејството навлегло во тешка финансиска ситуација, па колку му треба на човек да го изгуби разумот? Но, нешто ѝ кажува на Ди Ди дека ништо не е така едноставно, ниту пак случајно, особено масата поставена за вечера за 6 лица, а семејството е петчлено…
Оваа ужасна трагедија нè поврзува со медицинската сестра Даниела Бартон, која работи во детска психијатриска болница. Таа цели 25 години живее како единствен преживеан од своето семејство, а тоа искуство е ужасно. Секоја година, на годишнината од грозоморниот настан, неа ѝ се навраќаат слики од нејзината сестричка, како јаде лимони со шеќер, па прави смешни гримаси со кората од лимонот, и од нејзиниот брат кој обожува да игра криенка и умешно се крие во најнедостапните места… од нејзината мајка, која бдее над неа кога е болна и ѝ дава сладолед од јаготка кога времето е премногу топло. Сега Даниела им помага на децата од најранливата категорија, на децата со психички болести. Таа се труди да го заборави својот насилен татко, и да го извади неговиот глас од нејзината глава, така што им помага на овие деца. Ако детето мисли дека е мачка, таа се однесува како мачка… Даниела е прекрасна личност, само ѝ треба нешто што ќе ѝ помогне да го остави минатото зад себе…
Викторија Оливер е напатена, измачена мајка, која со сето срце го сака својот син, оној кој во еден момент ѝ вели „Те сакам мамичке“, а во следниот „Ќе те убијам кучко“. Еван е детенце со посебни потреби, тој е подготвен да си наштети себеси и на најблиските на најгрозоморни начини без око да му трепне.
Двете убиства на две семејства ќе ги спои животите на овие три жени, ќе ги донесе на ист пат, и на секоја од нив ќе ѝ помогне да најде мир во животот, конечно, по многу долго време.
Од страв да не откријам повеќе за книгава, ќе прекинам тука, а мојата препорака останува иста. Книгава мора да ви падне во раце. Маестрално дело, одлично преведено, одлично доловен секој аспект, и доволно добро да ве одведе во еден друг свет, па кога ќе ја кренете главата од книгава ќе ви требаат неколку секунди да се вратите во реалноста. Не можам да најдам замерки, ова е една од најубавите книги за кои сум среќна што некако стигнале до мене.
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 2 август 2015.
Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.
#СакамКнигаОдСакамКниги
##СакамКнигаОдСакамКниги