Викенд книга: „Подарок за роденден“ - Сузан Елизабет Филипс

Викенд книга: „Подарок за роденден“ – Сузан Елизабет Филипс

Таа е генијалец и сè што сака е дете. Тој е рагбист и сè што сака е да се забавува. Заедно се најлудиот пар кој некогаш сте го запознале.
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (19 гласа, просек: 9,79 од 10)
Loading...

(1) Викенд книга: „Подарок за роденден“ - Сузан Елизабет Филипс

Признавам, чик лит насловите и љубовните комедии општо, ретко кога се наоѓаат на моите листи. Кога треба да бирам меѓу добар трилер, драма до солзи или љубовна комедија, последниов жанр некако секогаш отпаѓа. Што веројатно се должи на глупави предрасуди дека меѓу нив не може да се најде ништо квалитетно што вреди за потрошеното време. Сузан Елизабет Филипс ми го докажа токму спротивното, со овој неверојатно забавен и исполнет со хумор, интелигентно напишан и страшно секси роман кој го прочитав во еден здив.


Доделуваме 2 книги во соработка со издавачката куќа Сакам книги


Џејн е генијалец. Од оние кои на 16 години се запишуваат на факултет, а на 30 години добиваат светски признанија за откривање на нешто екстремно комплицирано во светот на физиката. Секако, ваквиот живот ја оттргнува од сè она што е нормално за еден млад човек и Џејн едноставно не е може да воспостави и одржи нормална врска со некој со кој би се поврзала на подлабоко ниво и би го разбрал барем делумно нејзиниот интелект. Дополнително, Џејн многу сака да биде мајка. Да, постојат банки за сперма и Џејн лесно би го решила овој проблем, но перфекционист каков што е, таа не може да пронајде доволно добар кандидат кој ги исполнува следните услови:

– Тој е здрав;

– Тој е згоден;

– Тој е глупав.

Таа никогаш не би сакала нејзиното дете да има живот како нејзиниот, што значи мора да ја земе предвид нејзината генетичка шминка и да најде некој кој ќе ја надополни совршено за нејзиното дете да има најголем потенцијал да биде сосема нормално и обично. Лудо, знам.

Кал е рагби играч. Најдобриот во неговиот тим со години, згоден до болка и како што се чини, при крај со неговата кариера поради стари повреди, нешто што не може да го прифати и преболи. Со цел да го расположат, неговите соиграчи му планираат роденденска забава и го бираат „најдобриот“ можен подарок – жена за една ноќ. Сплет на околности и еден малку необичен облог ги спојуваат Џејн и Кал во доста збунувачка ситуација, Џејн е во потрага по совршениот „примерок“ и е дојдена само да ги собере неговите квалитетни гени, а Кал абер нема што таа жена која воопшто не изгледа како проститутка би сакала од него.

Низ смешните и непријатни ситуации, Џејн конечно го добива она што го сака – очекува бебе и се чини дека ги исполни сите потребни критериуми. Таа е убедена дека Кал е прост тип, човекот се изразува ужасно и сè што прави во животот се сведува на физичка активност и грубост. Среќа, истовремено е и опасно згоден. Планот се одвива совршено сè до моментот кога Кал дознава за целата приказна и во најмала рака е бесен, со право додуша.

Е тука веќе приказната добива друга димензија. Кал да ти бил традиционален тип без никаква намера да биде исклучен од животот на непланираното дете со жена која не ја познава без разлика на фактот дека е практично измамен. Ја тера Џејн да се земат, ја носи во неговиот роден град и се вселуваат во една куќа каде што мора да живеат заедно сè додека Џејн не се породи па да можат конечно и да се разведат. Во меѓувреме, Џејн дознава една многу важна работа за Кал, која ќе ги измени сосема нејзините планови, спротивно на нејзините убедувања, простиот рагбист всушност студирал биологија на еден од најдобрите универзитети и дипломирал со почести. Како што ќе разбере подоцна, си има работа со тип „див како ѓаволот и два пати полош од него“.

Сè ова има всушност огромен потенцијал да се претвори во трагедија или некоја си патетика од стилот на турскине серии, но талентот на Сузан избива баш тука со сиот свој сјај. Ликовите се толку добро осмислени што токму нивните карактери, однесување и реакции ја носат целата приказна во посакуваниот правец. Не е ни битно што ќе претпоставувате како ќе заврши уште кога ќе ја почнете, сеедно ќе уживате од првата до последната страница. Се смеев на лудите караници меѓу двајцата генијални умови, се заљубив во Кал и ја обожавав досетливоста и чувствителноста на Џејн. И да, сексуалниот набој меѓу овие двајца не може да се негира и Сузан го пренесува на одличен начин.

Книгава ќе ве расположи и насмее во овие тмурни денови и ќе ве исполни со љубов. Топло ја препорачувам за сите емотивни и не толку емотивни души меѓу вас, особено оние кои сакаат остар хумор.

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 14 декември 2014.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар