Викенд книга: „Дете 44“ – Том Роб Смит

Викенд книга: „Дете 44“ – Том Роб Смит

„Кога стравот ќе го замолчи целиот народ, еден човек мора да ја каже вистината.“
Наша оцена: 9/10
Ваша оцена: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (17 гласа, просек: 8,88 од 10)
Loading...

vikend-kniga-dete-44-tom-rob-smit-kafepauza.mk

Доколку сте љубители на трилери, на романи кои ве тераат да грицкате нокти, да се соочите со суровата реалност и да бидете во толкаво исчекување што нема да можете да ја оставите книгата на раат, ова е книгата што ја барате.

Дејството се случува за време на диктаторството на Сталин во Советскиот сојуз, во општество каде не постои злосторство и навидум сè е подредено онака како што треба да биде. Луѓето кои имаат моќ и функција веруваат дека се праведни и дека се залагаат за одржување на тој совршен поредок. Шпионите се гонат и егзекутираат откако од нив ќе биде извлечено признание и така се заштитува државата од секој внатрешен непријател. Во таа извртена утопија луѓето сепак живеат во страв и неизвесност. Доволно е некој да те чуе да шепнеш нешто против режимот за да бидеш етикетиран како шпион. Дури и татко чиј син бил убиен мора да изјави дека неговото дете загинало во несреќен случај бидејќи државата не признава дека постојат злосторства.


Доделуваме 2 книги во соработка со Сакам книги


Лео Демидов е воен херој, припадник на државната безбедност, кој за разлика од многумина од неговите сограѓани, живее (до негде) пристоен живот. Тој е цврсто уверен дека помага во создавањето на тоа совршено општество и дека правилно ѝ служи на државата. Но, работите полека почнуваат да се разнишуваат кога Лео ќе посведочи за тоа како се убива невин човек, бидејќи оној кој еднаш бил етикетиран како шпион, не може да биде вратен назад во совршеното општество. По совршено поставената замка на неговиот непријател, жеден за неговата крв и положба во службата, Лео ќе биде принуден да спроведе истрага за својата убава сопруга Раиса. Во време кога непреданоста кон државата значела смрт за индивидуата, Лео е принуден да одбира на која страна ќе застане – на страната на неговата сопруга, или на страната на државата.

Светот на Лео целосно се руши и тој одеднаш сфаќа дека сè што дотогаш градел не било реално и дека паѓа во вода. Тој воопшто не им служел правилно на своите сограѓани, тој никогаш не придонел за нивната безбедност, напротив, придонел наголемо за нивниот страв. Дури и неговиот брак не се темели на љубов бидејќи она што неговата сопруга го чувствувала кога прифатила да се омажи за него не било љубов, туку страв дека доколку го одбие високиот државен службеник тој ќе најде начин да ѝ се одмазди.

Тогаш почнуваат да се случуваат мистериозни и грозоморни сериски убиства на деца низ цела Русија. Обидувајќи се конечно макар за едно нешто правдата целосно да ја изнесе на виделина и да ја спроведе докрај, Лео ќе се впушти во една опасна авантура барајќи го серискиот убиец, монструмот кој посегнува по животите на најмладите. Лео сепак ќе мора да ѝ се спротивстави на државата. За тие убиства сè досега биле осудувани поранешни затвореници, ментално болни и нестабилни личности. Службите се фокусирале на шпионите не на убијците, бидејќи уште еднаш, да се потсетиме, во советска Русија не постојат злосторства.

Книгава ќе направи да ве полазат морници, ќе ве натера да се замислите, да си поставите толку многу прашања, да си ги поврзете нештата. Ја препорачувам на сите оние со силен стомак, сите авантуристи, жедни за добар трилер, за уште една авантура со пишаниот збор, за неизвесност сè до самиот крај. Маестрално дело, висок и интелигентен стил на пишување, „Дете 44“ е нешто што дефинитивно треба да го имате во вашата домашна библиотека.

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до сабота, 21 февруари 2015.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Памела Атанасова Reply

    #СакамКнигаОдСакамКниги

Остави коментар