Спремни за на плажа: 5 книги кои дефинитивно ќе ве восхитат
Летото е најубавото годишно време кога зафатениот капиталистички свет доволно забавува за зафатените луѓе да најдат барем малку време за релаксација. Можете да замислите нешто поубаво од „печењето“ на топлото сонце со убава книга во едната, а со коктел во другата рака?
Веќе ви ги предложивме книгите кои се најпопуларни во 2015, па како што се упатувате до базенот или плажата за да се одморите и релаксирате, еве уште неколку предлози кои сметаме дека ќе ви бидат корисни и интересни.
НАЈОЧЕКУВАНА КНИГА ЗА 2015
1. Постави Стражар (Go set a watchman) — Харпер Ли
„Постави стражар“ ќе биде првиот роман после 55 години од авторката на класичната „Да се убие подбивната птица“. Оваа книга ќе биде продолжение на познатиот класик, чие дејство се случува 20 години подоцна заедно со веќе пораснатиот Скаут Финч. „Постави стражар“ е всушност напишана пред „Да се убие подбивната птица“, но Ли во тој момент одлучила да ѝ даде поинаков тек на приказната. Се мислело дека „Постави стражар“ била изгубена или уништена сѐ до моментот кога близок пријател на Харпер случајно ја пронашол во нејзините архиви минатата есен. Закажана да излезе на 14 јули, „Постави стражар“ е една од најочекуваните книги за оваа година. Романот ќе биде објавен исто како што бил напишан во средината на 50-тите, односно нема да се прават исправки во делото.
БЕЛЕТРИСТИКА
2. Сета светлина што не ја гледаме (All the light we cannot see) — Ентони Доер
Амбициозниот роман за Втората светска војна успеа да се одржи на врвот од топ 5 листата на најпродавани книги објавена во весникот „Њујорк тајмс“, а беше издадена пред само една година. Ако ова не ви е доволна причина зошто треба веднаш да ја прочитате, можеби ќе ве доубеди фактот дека оваа книга е добитник на Пулицерова награда во полето на белетристиката за 2014. Е сега дефинитивно морате да ја прочитате.
КЛАСИЦИ
3. Сонцето повторно изгрева (The sun also rises) – Ернест Хемингвеј
Хемингвеј е еден од најценетите автори на 20 век и генијален ум во светската литература. Ако летово планирате да читате класици, тогаш делата од Хемингвеј треба да ви бидат први на листата. „Сонцето повторно изгрева“ без сомнеж е едно од најубавите и најценети дела кои произлегле од перото на Хемингвеј. А во него станува збор за американски новинар и неговите пријатели кои патуваат во Шпанија за да ја гледаат трката на биковите на фестивалот во Сан Фермин. Она што е карактеристично за овој генијален писател е тоа што неговите ликови најчесто пијат, легачат, љубат, а потоа уште малку пијат.
МИСТЕРИЈА И ТРИЛЕР
4. Девојката од возот (The girl on the train) – Пола Хокинс
Ако ви се допадна филмот „Исчезната“ тогаш ова е дефинитивно книгата за вас. Оваа книга е фантастичен спој на енигматична мистерија и елементи на трилер. Во неа се зборува за алкохоличарката Рејчел која го достигнува дното на нејзиниот живот. Интересното во неа е тоа што во само неколку страни има по неколку пресвртници, а тоа ја прави да не можете да ја оставите пред да ја дочитате.
ПРИРАЧНИЦИ
5. Како да летате со коњ (How to fly a horse) – Кевин Ештон
Не се чудете, оваа книга не е прирачник за тоа како да подигнете коњ во воздухот (или можеби е?). Ова е историски поглед врз креативноста и иновациите на модерниот свет. Писателот Кевин Ештон, успешен претприемач и пионер на технологијата во МИТ, нѐ води на патување низ најдобрите и најкреативните изуми на човештвото, со цел да ни ја открие вистината за креативните луѓе и нивните пориви.