Приказните на Вера Калин: Сакам да ги предизвикам луѓето да разберат дека светот не е црно-бел!
Кои особини треба да ги поседува еден млад успешен писател?
Најверојатно сте ја чуле изреката дека успехот се состои од 1% талент и 99% напорна работа. Не постои сомнеж дека човек мора да биде талентиран за да пишува и твори, но кои други состојки се потребни за да се успее во книжевниот свет? Вера ни објасни кои особини треба да ги поседува еден млад успешен писател…
„Талентот не може да се занемари, но не смее да се занемари ниту потребата од многу работа и учење на ’занаетот’. Во рецептот насловен ’Како да направите добар писател’, освен талентот влегуваат и трпението, самокритичноста, упорноста, љубопитноста, читањето… Но, за да се стане не само добар, туку и успешен писател, треба и уште нешто, а тоа е оној ’икс фактор’ којшто никој не знае да го објасни и дефинира, а сепак сите умеат да го препознаат.“
Како да се мотивираат младите да читаат повеќе?
Со развојот на технологијата и компјутерите, многу мал дел од младите луѓе решаваат да земат книга во раце и да почнат со читање. Филмовите и ТВ сериите го заменија пишаниот збор. Вера смета дека Интернетот создаде генерации на коишто им недостига фокус и не можат да го задржат вниманието на едно место подолго од неколку минути. Вера признава дека и самата таа понекогаш поминува неколку денови гледајќи ТВ серии, без да прочита повеќе од неколку страници, но како писателка чувствува одговорност да се бори против овие трендови. Тоа го прави на тој начин што создава книги кои човек едноставно не може да ги затвори.
И покрај подемот на визуелните медиуми, на филмската индустрија ѝ недостасуваат оригинални приказни, па затоа неретко пребегнува кон адаптирање книжевни дела. Вера смета дека ова е одлично за литературните дела.
„Неретко се случува визуелните адаптации да придонесат за поголем интерес за изворот, односно книгата. Таков е случајот со Атвуд, која се искачи на врвот на листата на најпродавани автори во 2017, после првата сезона од серијата ’Приказната на робинката’(The Handmaid’s Tale), снимена според истоимениот роман, првично издаден пред триесетина години. Приказните никогаш нема да изумрат, невозможно е да си го замислиме животот без нив. Па така, верувам дека и книгите се безбедни. Можеби имаат помалку читатели за разлика од претходно, но безбедни се.“
Сигурно сте чуле за придобивките од читањето книги, но никако не можете да преминете од слики на пишан текст. Вера има совет за сите оние кои не се страсни читатели, но би сакале да ја откријат убавината на читањето книги…
„Побарајте го изворот на вашите омилени филмови или ТВ серии. Верувам дека ќе пронајдете нешто што ќе ви се допадне доволно за да ве натера да посегнете и по некоја друга книга.“
Мислите дека немаме доволно добри македонски писатели? Размислете подобро!
Покрај немањето навика за читање книги, се јавува уште еден голем проблем во нашето општество. Многу млади луѓе преферираат да читаат книги на англиски јазик и книги напишани од странски автори со изговор дека немаме доволно добри писатели. Како последица на тоа, тие го занемаруваат мајчиниот јазик. Вера го поби ова мислење, со тоа што ни одвои неколку книги од македонски писатели што вреди да ги прочитате:
1. „Индиго Бомбај“ и „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска Ѓеоргиева
2. „Нишан“ од Блаже Миневски
3. „Диссомнии“ од Игор Станојоски
4. „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска
5. „Резервен живот“ од Лидија Димковска
6. Незаменливиот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски
7. „Мојот маж“ од Румена Бужаровска
8. „Вештица“ од Венко Андоновски
9. „Годините кога научив да летам“ од Евгениј Хоуп
10. „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски
Зошто луѓето ги потценуваат бестселерите?
Многу луѓе ги потценуваат бестселерите, бидејќи сметаат дека обработуваат површни теми кои во себе не содржат никаква вистинска вредност. Па, дали еден бестселер може да се претвори во класика? Вера Калин ни издвои неколку светски примери што го докажуваат тоа…
„Умберто Еко, Маргарет Атвуд, Салман Ружди, Харуки Мураками, Зејди Смит, Арундати Рој, Тони Морисон се само дел од имињата кои во моментов ми доаѓаат на ум и коишто докажуваат дека не само што може еден бестселер да има книжевна вредност, туку и многу често тоа е така. Време е да излеземе од својот заумен кафез и да прифатиме дека на човек не му вреди да ја напише најубавата приказна на светот ако нема кој да ја прочита.“
Според Вера, писателството е процес составен од 2 дела.
„Едниот дел е кога се обидуваш да се надминеш себеси, да кажеш нешто и да напишеш нешто добро. Вториот дел е кога излегуваш од кожата на ’уметникот’ и се обидуваш да привлечеш што е можно повеќе заинтересирани читатели. Таа поделба на улоги многу ги олеснува нештата.“
Која е крајната цел на една млада писателка?
Можеби сте се запрашале која е целта што писателите сакаат да ја постигнат преку нивните книги. Дали им е најважно да ги преточат своите идеи на хартија или пак имаат некоја посебна порака што сакаат да му ја пренесат на светот? Целта на Вера е уникатна и длабока.
„Сакам да го обојам светот. Сакам да ги предизвикам луѓето да погледнат малку подлабоко во нештата и да разберат дека животот не е црно-бел. Сакам да ги најдам сите скриени агли каде што се крие среќата. Сакам да бидам храбра. Да ризикувам. Да одам на места каде што не би отишла во реалноста. Да истражувам теми од коишто се плашам. Од коишто мнозина се плашат. Сакам да бидам своја. Сакам да се откријам и да му дозволам на светот да учествува во тој процес. И можеби да дозволам и некој друг, преку моите обиди за пронаоѓање, да ја пронајде својата сопствена вистина.“
Читајте книги! Читајте ги книгите кои послужиле како инспирација за вашите омилени филмови и ТВ серии! Читајте книги од македонски автори! Читајте бестселери! Читајте класици! Едноставно читајте! Ако не знаете од каде да почнете, топло ви ја препорачуваме последната книга на Вера Калин со наслов „Ловци на светулки“. Оваа книга за вечната потрага по среќата ќе ве натера да се соочите со сеништата на стварноста преку современите приказни на нејзините ликови. Не губете повеќе време и почнете да си го збогатувате животот со мудроста што се крие во најсветлиот прозорец кон светот-книгата!