„Пиреј“ на Андреевски – симбол на неуништливоста на македонскиот народ
„Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат коштева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни, ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“
Насловот на првиот роман на Андреевски е симбол за неуништливоста на македонскиот народ кој постоел и ќе постои и покрај сите обиди за негово истребување. Дејството на романот започнува на денот на погребувањето на Велика, мајката на Роден Мегленоски. Бидејќи Роден не знае многу за животот на своите родители, Дуко Вендија почнува да му ја раскажува нивната животна приказна. Сижето, односно животите на Јон и Велика, се нижат наизменично во наредните 28 глави раскажани во прво лице, за на крајот повторно како раскажувач да се јави Дуко Вендија.
„Пиреј“ раскажува за периодот од балканските војни и Првата светска војна, како и пост-воениот период, маестрално опишувајќи ги како времиња на пустош, глад, безнадежност, болести, колежи и палежи. Оваа приказна е многу реална и многу сурова вистина за македонскиот народ, кој, како што предлага основната идеја на овој роман, е неуништлив како пирејот.
Велика е добра и вредна жена, патријархално воспитана, и од неа често се слушаат изреки како: „По мажењето жената станува плодна нива, и тешка е, а нема кој да ја одмени, никој не ја прашува.“ Преку ликот на Велика е отсликан ликот на секоја македонска жена од тоа време која на свој грб ги чувствува болките и страдањата што ги носи војната. По принудното заминување на Јон во војна, таа вложува натчовечки напори да си ги нахрани и спаси чедата. Но за голема несреќа децата едноподруго ѝ умираат, и таа сама им копа гробови на своите чеда и плаче над нив. Кога Јон се враќа од војна, в час му побелува косата кога дознава дека децата му умреле. Така тој ја обвинува Велика за нивната смрт, се пијани и ја тепа. Поради неговата безмилосност кон неа, Велика не сака да биде закопана заедно со него, не сака коските да ѝ се измешаат со неговите, туку на другиот свет сака да си биде со чедата свои.
„Мамо, вели, дали и јас ќе умрам, мамо?
Не, сине Ѕвездане, не ѕвездо моја, му велам, кој ти рече дека ќе умреш?
Капинка, вели, каде е сега Капинка?
Надвор е, велам, Калинка в градина е, велам.
Ќе се врати, прашува Ѕвездан.
Ќе се врати, велам, отиде да ја навади градината.
А оти не ме викна и мене, прашува.
Ќе те викне, велам, и се штипнувам одзади, си го прегризувам јазикот. Господ да не чуе.
Не давај ме, да умрам мајко, ми вели Ѕвездан, не давај ме мајчеле, однеси ме некаде, вели, скријај ме мајчеле, вели, се моли.“
Страшното беснеење на теророт за време на војната го претвора Јон во човек-ѕвер. По сведочењето на најгрдите лица на војната, тој веќе не е истиот човек. Со тоа што Јон е принуден да го зароби сопствениот брат кој принудно војува на страната на Бугарите, Андреевски дава јасна слика на принудното братоубиство, односно на апсурдот на човечката судбина. Јон видел многу нешта за време на војната, но соочувањето со потресната слика на неговиот празен дом го докрајчува. Неговиот терор врз Велика започнува по неговото враќање од војна. Иако таа е бремена со нивното шесто дете, тој секојдневно ја тепа, малтретира и понижува. Јон завршува во беда и пијанство и како што неговиот живот згаснува, нов живот, жарче надеж за напатената душа на Велика се раѓа – нивниот син Роден Мегленоски.
„Врвам така низ буките засмрдени од барут и од раскопана земја. На едно лединче гледам жена. Млада жена а гола. Излегла да бере трески утрината кога беше мирно. Го погодила времето за трески! Ја нашла некоја извидница и ја силувале. Подзапирам крај неа и ја загледувам. Жената и мртва е убава за гледање. А мене ми е прво видување на гола жена. Батти среќата на такво гледање. Главата ѝ е потпрена на нарамникот трески што го носела и едната рака ѝ е поткрената кон челото. Како да се срами, како уште да го затскрива лицето од војниците. А лицето ѝ е бело, небаре варосано ѕидче. Мислиш спие жената.“
„Пиреј“ ги има сите елементи кои му се потребни на едно ремек-дело. На читателте им нуди раскажување кое потресува, трогнува, ве тера да се соживеете, ве помрднува од место… зборови кои предизвикуваат бура од емоции. Андреевски совршено го отсликува тогашниот живот на луѓето, нивната борба и нивното страдање. Преку ликот на селската гатачка го прикажува суеверието на неуките селани кои слепо ги слушаат нејзините совети за избегнување болести и клетви, кои дури се убедени дека ако ги запалат сите кучиња од селото, смрдеата ќе ја истера страшната болест.
Овој роман е обележје на македонскиот модернизам, но може да им конкурира на светските имиња и наслови. Како дел од модернизмот ги соочува читателите со темни и безнадежни слики од човештвото, војните и последиците од војните, особено фокусирајќи се на уништената човечка психа по Првата Светска војна, најголемата катастрофа за човештвото.
„Пиреј“ ги содржи трите големи карактеристики на стилот на Андреевски: патриотизмот и големата љубов кон својата земја како и историјата на својот народ, големо познавање на човековата психа, како и големата почит кон жената. Андреевски неретко во своите романи раскажува во прво лице преку неговите хероини. Тоа не само што докажува колку умешен е тој како писател, туку и колку ја познава човековата психа и колку ги почитува жените. Кога ќе прочитате некое од неговите дела, дали раскажувањето на Велика во „Пиреј“, или на Невена во „Тунел“, а особено на Небеска Тимјановна во истоимениот роман, и кога ќе помислите дека тие зборови се всушност зборови на еден маж, дека тоа се ликови кои се производ на неговата имагинација, ви станува јасно зошто Андреевски ќе остане незаменлив и единствен.
Иако ликовите на овие жени се навидум фиктивни, во секој од нив се крие име на жена која вистина живеела, која ги пребродела тие страшни времиња, и која заслужува почит, без разлика дали нејзиното име е Велика, или Небеска, или Севда. Тоа се нашите баби и прабаби. Андреевски едноставно пишува за народот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.