Книга: „На крајот на виножитото“ – Сесилија Ахерн
Прекрасна романтична приказна која на моменти ќе ве насмее, а на моменти ќе ви донесе солзи во очите
Наслов на оригиналот: Where rainbows end – Cecelia Ahern
На 21-годишна возраст Сесилија Ахерн ја напиша својата прва новела насловена како „П.С. Те сакам“. Новелата постигна голем успех, а беше адаптирана и како филм со Хилари Свонк и Џерард Батлер во главните улоги. Мегапопуларноста на првата новела беше само предзнак за големите успеси во кариерата на оваа талентирана ирска писателка. Нејзините новели се објавени во 46 земји ширум светот, а продадени се над 13 милиони копии. Сесилија заедно со Дон Тод ја режираше сит-комедијата наградена со ЕМИ, „Која е Саманта“. „На крајот на виножитото“ е нејзината втора книга, a американското издание на истата е насловено „Со љубов, од Роси“.
Синопис
Алекс и Рози се најверни другари уште од детството. И двајцата живеат во Даблин, одат заедно на училиште и буквално се неразделни. И двајцата ги мразат дуплите часови по математика секој понеделник, а нивната палавост често им носи неволји.
Но, Алекс со своето семејство се сели во Америка и тие двајца за првпат искусуваат една таква оддалеченост. Рози се подготвува да се запише на факултет во Америка за да биде блиску до Алекс и да го оствари својот сон уште од детството, работејќи како менаџер во хотел. Но, една голема пречка ѝ излегува на патот. Рози на само 18 години станува мајка на слатката Кејт, што од корен ѝ го менува животот. И покрај тоа што ја има целата поддршка од нејзините родители, Рози доживува период на депресија и чувство дека сите соништа за иднината ѝ се срушени. Алекс го остварува својот сон завршувајќи медицина, и е на пат да стане хирург.
Тие двајцата сепак не престануваат да контактираат и ја користат секоја можност да се видат и да се потсетат на старите добри времиња. На патот ќе им попречат многу работи и случки. Се чини како и двајцата да негуваат чувства еден кон друг, чувства кои се повеќе од пријателски, но никако не доаѓа вистинското време за нив, особено кога и двајцата ќе стапат во брак со други луѓе. Во книгата има и повеќе споредни ликови кои дополнително ги „зачинуваат“ приказните, како Руби, откачената пријателка на Рози, чија иронична искреност ќе ве насмее до солзи.Дали конечно Алекс и Рози ќе сфатат дека се еден за друг? Колку време треба да помине и какви сè работи треба да се случат за конечно да бидат заедно како повеќе од пријатели? Дали сè е игра на судбината и дали препреките се појавуваат како тест за издржливоста на љубовта?
Лична критика
Книгата е раскажана на еден навистина интересен и несекојдневен начин, преку писма, пораки и мејлови помеѓу Алекс, Рози и некои од нивните блиски пријатели и роднини. Првите пораки се ливчињата кои двајцата си ги праќаат на здодевните часови, а истите во иднина преминуваат во мејлови и брзи електронски пораки. Ова може за момент да ви всади сомнеж за книгата и за тоа колку интересна би била. Но, не сомневајте се. Сесилија добро се погрижила ниеден момент од книгата да не биде здодевен.
Да се прераскажат 5 декади од животот на главните ликови преку пораки, навистина не е лесно, особено истото да се изработи до перфектност и да ви даде јасна слика за случувањата. Така што, доколку помисливте да ја баталите книгата само поради тоа што не е пишувана на оној познат начин на раскажување, не лажете се и отворете ја повторно.
Книгата има и македонски превод, но доколку сте во можност прочитајте ја англиската верзија за да го доловите оригиналниот хумор и перфектното раскажување на Ахерн. Таа со сигурност е една од личностите кои ги рушат стереотипите дека Британците имаат лоша или чудна смисла за хумор. Бидете подготвени да се смеете до солзи, да се забавувате, да бидете внесени во приказната и да поверувате дека вистинската љубов е безвременска.
Други дела од Сесилија Ахерн:
- „100 имиња“
- „Подарокот“
- „Ти благодарам за спомените“
- „Кога би можел да ме видиш сега“
- „Девојката во огледалото“ (кратки приказни)
- „Секоја година“ (кратки приказни)
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.